Македонија
Meџити: Во тек е евалуацијата на пристигнатите апликации за ставање нови лекови на позитивна листа
Министерот за здравство, Фатмир Меџити учествуваше на панел дискусијата во рамки на конференцијата за здравство под наслов „Поглед во иднината за нашиот здравствен систем“, организирана од Американската стопанска комора во Северна Македонија (АмЧам).
Во однос на обновувањето на позитивната листа министерот истакна дека е во тек евалуацијата на пристигнатите апликации за ставање лек на позитивна листа, од кои околу 21 за лекови и четири за нутриенси. Апликациите се однесуваат на лекови што ги покриваат индикациите на малигните болести, мултипла склероза, кардиоваскуларните болести и хемофилија, како болести со посебно општествено-медицинско значење и намена за посебна ранлива група на пациенти.
– Ставањето лек на позитивна листа на лекови е процес, кој повторно доби свој нов почеток оваа година откако се донесоа измени во два системски закона и се донесе новиот правилник за позитивна листа. Со тоа европските практики во оваа област се воведоа и во нашата земја и процесот на имплементација е веќе практика. За 2024 година, од Фондот до Министерството за финансии се побарани дополнителни 2,9 милијарди денари за нови лекови на позитивна листа. Сите ние присутни претставници од релевантните институции ќе дадеме максимални напори за обезбедување пораст на буџетските средства за лекови, за да се овозможи следење на здравствените придобивки во третманите на болестите со современа терапија, посочи министерот Меџити.
Воедно, министерот информираше дека е во тек изработката на нови упатства за третман на медицинските болести, односно донесување нови национални терапевтски водичи што помагаат во изборот на најадекватна терапија кај секоја медицинска состојба, кои истовремено ќе бидат од корист и на стручната комисија во насока на постигнување одржливо и континуирано финансирање на лековите што ќе бидат дел од позитивната листа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Герасимовски: Ќе се реконструираат дворот и игралиштето во ООУ „Кочо Рацин“
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, на одбележувањето на 80 години од постоењето на ООУ „Кочо Рацин“ најави низа реконструктивни зафати за училиштата, планирани за 2025 година, според нацрт-програмата усвоена на 42 Седница на Советот на Општина Центар.
„Во текот на наредната година, во ООУ ,,Кочо Рацин” се предвидува партерно и хортикултурно уредување на дворот, реконструкција на игралиштето и изградба на потпорен ѕид. Овие проекти се дел од нашата посветеност кон унапредување на образовната инфраструктура”, истакна градоначалникот.
Во своето обраќање, Герасимовски ја потенцираше важноста на образованието, парафразирајќи го патронот на училиштето, Кочо Рацин:
„Големиот Кочо Рацин велеше: ,,Да му го земеш јазикот на народот, тоа значи да му ја земеш душата”! На овој посебен ден, ќе додадам – ако му го одземете образованието на еден народ, ќе му ја одземете иднината. Гледајќи ве тука, посветени наставници и вредни ученици, знам дека нашата иднина е загарантирана”.
Герсимовски потенцираше дека Општина Центар контиунуирано инвестира во образованието и инфраструктурата во сите осум основни училишта, бидејќи тоа е влог во новите генерации.
„Оваа година, во ООУ „Кочо Рацин” целосно го реновиравме најстариот дел од училиштето, а спортската сала, која со децении беше запоставена, ја реконструиравме темелно. Сега училиштето располага со четири реновирани и целосно опремени кабинети за стручна настава, како и со спортска сала реконструирана согласно највисоките стандарди”, истакна Герасимовски, завршувајки го обраќањето со порака дека овој голем јубилеј треба да биде поттик за уште поголеми успеси и постигнувања.
Македонија
Велковски: Македонската држава три децении пример за хуманост и солидарност кон бегалците и мигрантите
30 години од воспоставувањето на партнерството помеѓу Република Македонија и Канцеларијата на Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР) денеска беше одбележан во министерството за надворешни работи и трговија.
Потсетувајќи се на историјата и предизвиците со кои се соочуваше државата, присутните ги истакнаа заедничките постигнувања во областа на заштитата на бегалците и промоцијата на човековите права.
Македонската држава беше пример за солидарност во светски рамки соочувајќи се со неколку бегалски и мигрантски кризи.
Заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, во своето обраќање изрази благодарност за долгогодишната соработка со УНХЦР. „Овие три децении ја покажаа нашата решителност да стоиме зад најранливите категории, да ги заштитиме нивните права и да им дадеме шанса за нов почеток,“ истакна тој, осврнувајќи се на историските моменти кога македонската држава беше рамо до рамо со бегалците.
Велковски потсети и на клучни настани, како што е отворањето на границите за над 30.000 бегалци од Босна и Херцеговина во 1994 година, и поддршката на речиси 360.000 косовски бегалци за време на кризата во 1999 година.
Преку соработката со УНХЦР, Македонија не само што обезбедуваше привремено засолниште, туку создаде и систем за локална интеграција. Во 2009 година, над 2.000 бегалци добија правен статус и пристап до сите права, станувајќи дел од општеството.
„Најголемиот предизвик дојде со мигрантската криза во 2015 година, кога земјата обезбеди хуманитарна поддршка за повеќе од милион транзитни бегалци. Ова партнерство, како што беше истакнато, се темели на доверба, солидарност и заеднички вредности.
Претставникот на УНХЦР, Габриел Гуалано де Годој, ја истакна улогата на Македонија како модел за успешна интеграција и управување со бегалските кризи. „Ова не е само приказна за минатото, туку и залог за иднината. Македонија покажува како малите земји можат да направат големи промени,“ рече тој.
Со јубилејот, македонската држава ја потврди својата улога како клучен партнер во глобалните напори за заштита на човековите права, демонстрирајќи дека солидарноста и хуманоста се универзални вредности кои ја дефинираат иднината на една нација.
Македонија
Објавени добитниците на државната награда „Мито Хаџи Василев-Јасмин“
Одборот за доделување на државната награда „Мито Хаџи Василев- Јасмин“, на седницата одржана на 15.11.2024 година, донесе одлука за доделување на државната награда „Мито Хаџи Василев-Јасмин“ за 2024 година за остварувања во областа на публицистиката и новинарството од интерес на Република Северна Македонија.
За остварување во областа на публицистиката државната награда ја делат: Иван Антоновски, публицист, и Делвина Крлуку, публицист.
Државната награда за остварување во областа на новинарството ја делат: Атанас Костовски, новинар, и Љупчо Јолевски, новинар.
Наградата ќе им биде врачена на добитниците на 21 декември 2024 година (сабота) во 10.30 часот во свечената сала на Собранието на Република Северна Македонија.