Македонија
Меџити: Започна отстранувањето на над 200 хаварисани и напуштени возила во Чаир
Општина Чаир денес го започна акцискиот процес за отстранување на над 200 хаварисани и напуштени возила од јавните површини на територијата на општината, со цел ослободување на паркинг-просторот и подобрување на урбаниот ред.
Со оваа акција, како што информираа од општината, веднаш се ослободуваат стотици паркинг-места за жителите, создавајќи пофункционални услови за движење и паркирање во различни делови на Чаир, а истовремено се придонесува и за заштита на животната средина.
„Од денес ослободуваме стотици паркинг-места за граѓаните и истовремено отстрануваме долгогодишен еколошки проблем. Ова се конкретни резултати што се гледаат и се чувствуваат секојдневно во Чаир“, изјави Меџити.
Општина Чаир и во наредниот период ќе продолжи со конкретни мерки и активности во функција на подобрување на јавните простори и квалитетот на живот на граѓаните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Лукровски дигнал раце од општината, јавна тајна е дека веќе два пати поднесувал оставка, велат од ГРОМ
ГРОМ и коалицијата изминативе шест месеци беше конструктивен во Советот на Општина Карпош. За разлика од ВМРО-ДПМНЕ, која во претходниот мандат ја блокираше општината, ние не го опструиравме градоначалникот Сотир Лукровски, туку му дававме поддршка кога тоа беше во интерес на Карпош, изјави на прес-конференција Добрила Андоновска, член на Советот на Општина Карпош.
„Но, господинот Лукровски уште во првиот месец почна да се жали дека му било тешко и дека процедурите биле сложени. Како резултат на тоа, не примаше граѓани, не соработуваше со администрацијата и не се потруди да научи како функционира една општина. Со таков однос не се води општина“, додава таа.
Јавна тајна е, како што рече, дека Лукровски веќе два пати поднесувал оставка.
„Тоа значи дека градоначалникот практично дигнал раце, а оние што го поставија сега се обидуваат да го задржат во фотелјата преку компромисно решение — боледување.
Но, ова не е решение, туку купување време.
Со ваквиот однос, Општина Карпош се доведува во состојба на несигурност, застој и институционална импровизација. Дополнително, денес Неделчо држел колегиуми во Општина Карпош. Тоа е доказ дека тој не се однесува како лице со техничко овластување за потпис, туку како фактички градоначалник. А Карпошани не гласале за Неделчо. Овластување за потпис не е мандат од народот“.
Гром додаде таа, бара итно свикување вонредна седница на Советот на Општина Карпош, на која ќе се расправа за настанатата состојба, статусот на градоначалникот, овластувањата дадени на друго лице и фактичкото раководење со општината.
Советот мора да биде информиран. Граѓаните мора да ја знаат вистината. Општината мора да работи.
Ако Лукровски не може, не сака или не знае да ја води Општина Карпош, чесно е да си поднесе оставка. А по оставка на градоначалник, следуваат избори за нов градоначалник.
Решението е јасно: оставка и избори за нов градоначалник на Општина Карпош.
Македонија
(Видео) Конески: СДС ги избрка младите, ВМРО-ДПМНЕ враќа надеж и перспективи
Членот на Извршниот комитет на УМС на ВМРО-ДПМНЕ, Тодор Конески на прес-конференција изјави дека последните настапи на СДСМ, според него, претставуваат обид за ширење апатија и безнадежност кај младите во државата.
Тој оцени дека СДСМ, заедно со ДУИ, во изминатите години создале систем на партизација, корупција и недоверба во институциите, поради што голем број млади ја напуштиле државата.
Конески порача дека наместо самокритика, опозицијата продолжува со реторика која создава чувство дека во Македонија нема иднина, што, како што рече, дополнително ги демотивира младите.
Тој нагласи дека актуелната власт има цел да ја врати надежта и да создаде услови младите да останат во државата, преку подобри можности за образование, вработување, поддршка за бизниси и станбени решенија.
Според него, се работи на создавање услови за модерни студентски домови и кампуси, како и грантови и програми за економска независност на младите.
Конески додаде дека разликата меѓу двете политички визии е суштинска — едната, како што рече, гради иднина и стабилност, а другата создава страв и политичка манипулација.
Тој заклучи дека младите заслужуваат држава што ќе им даде причина да останат и да градат своја иднина во Македонија.
Македонија
ЛДП: Итно формирање на комисија за штети за замрзнатите овошки во Преспанскиот регион
Либерално-демократската партија (ЛДП) бара итно формирање на Комисија во рамки на Општина Ресен за проценка на штетите од измрзнувањето на овошките во Преспанскиот регион.
По нестабилните временски услови и ниските температури, земјоделците од Ресен и Преспа се соочуваат со огромни загуби на плодови и насади, од кои најмногу погодени се сливите и јаболката, посочуваат од оваа партија.
„Како регион чија главна стопанска гранка е земјоделството, од особена важност е општината да им излезе во пресрет на граѓаните кои својата егзистенција ја обезбедуваат од одгледување на овошје.
Само така, со искрен пристап и пријателски подадена рака за помош Општина Ресен ќе покаже дека навистина се грижи и работи за доброто на своите жители“.
