Македонија
Мицкоски: Царинската управа поставува нови стандарди, над 12 милијарди денари приходи во еден месец
Во изминатите 20 месеци, Царинската управа ги бележи најдобрите резултати во своето постоење. Остварени се највисоки приходи досега, што е јасен показател дека институцијата функционира поефикасно, поорганизирано и со поголема одговорност, истакна премиерот Христијан Мицкоски, на одбележувањето на годинишнината од постоењето на Царинската управа.
Особено значаен е фактот, според Мицкоски, што за првпат е надмината границата од 12 милијарди денари приходи во еден месец. Тоа, како што рече, е резултат кој не доаѓа случајно, туку е производ на системски пристап, засилени контроли и подобра координација.
„Овие резултати се дел од пошироките напори на Владата, која веќе 20 месеци работи на воспоставување ред во институциите, на намалување на сивата економија и на зголемување на ефикасноста во наплатата на приходите.
Кога ја презедовме одговорноста, не наследивме систем кој функционира беспрекорно. Напротив – затекнавме состојба на хаос, нарушени процеси и сериозно ослабена институционална поставеност. Систем кој со години бил запоставуван и руиниран.
Но денес, со право можеме да кажеме дека таа фаза е надмината. Нормализацијата е завршена. Поставен е ред, воспоставени се правила и институцијата повторно функционира како што треба- во служба на државата и граѓаните“.
Целта на Владата како што истакна е да се продолжи во иста насока, „со дополнително унапредување на капацитетите, со модернизација на системите и со создавање услови за побрза и поефикасна услуга за стопанството, но и со цврст пристап кон спречување на нелегалните активности.
„Зад овие резултати стои трудот на сите вработени во Царинската управа. Вашата работа е значајна и видлива, а придонесот што го давате е од суштинско значење за функционирањето на државата.
Во име на тоа би сакал да Ви се заблагодарам за вашата посветеност и професионалност.
Нека овој јубилеј биде поттик за уште поголеми резултати во периодот што следи“, посочи Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Колегите од МВР изиграа фудбал во спомен на загинатите припадници на ЕБР
Директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев денеска во седиштето на Единицата за брзо распоредување во Скопје оддаде почит на загинатите припадници на Единицата кои своите животи ги положија во служба на државата, безбедноста и граѓаните, соопшти МВР.
Во присуство на нивните семејства, градоначалникот на Ѓорче Петров, пратеникот Бојан Стојановски, претставници на синдикатите и колегите од специјалните единици на Бирото за јавна безбедност, се додава во соопшението, пред споменикот подигнат во нивна чест, беше оддадена почит и благодарност кон луѓето кои ја дадоа најголемата жртва за Македонија – се вели во соопштението.

-Нивните имиња и нивните дела никогаш нема да бидат избришани од нашата полициска и институционална меморија. Тие остануваат траен симбол на храброст, чест и пожртвуваност. Нивниот живот положен за татковината е аманет за сите нас чесно, одговорно и посветено да ја чуваме безбедноста на граѓаните и интегритетот на државата – истакнал Јанев.
Тој додал дека најтешко е за нивните семејства, болката по загубата никогаш не исчезнува, но тие мора да знаат дека не се сами.
-Полицијата и раководството секогаш ќе бидат покрај нив, затоа што тие се дел од нашето големо полициско семејство – нагласил рече Јанев.
Во чест на загинатите припадници на ЕБР, директорот Јанев го отвори и меморијалниот турнир на кој учествуваат 14 екипи од различни организациски единици на полицијата.
На отворањето Јанев посочил дека со спортски дух, со заедништво и фер-плеј продолжуваат да го чуваме споменот на луѓето кои не дозволија стравот да биде посилен од должноста.

-Некои дадоа многу. Тие дадоа сè. Полициската професија не е само работа, таа е заклетва. Заклетва дека ќе бидеме тивки чувари на мирот, спокојот и безбедноста на граѓаните и државата. Затоа сме обучувани, затоа ја носиме униформата и затоа сме подготвени да служиме чесно и достоинствено, дури и по цена на сопствениот живот – изјавил Јанев.
Македонија
Сиљановска Давкова: Словенија е наш најдоследен поддржувач на патот кон ЕУ
Македонија и Словенија се две земји чии односи ги карактеризира традиционално пријателство и длабока соработка во сите области, вклучително и во економијата. Словенија е еден од нашите најдоследни поддржувачи во евроинтеграцијата и петти најголем инвеститор, рече претседателката Гордана Сиљановска Давкова во обраќањето пред присутните на средбата на Македонско-словенечкиот бизнис клуб во Љубљана.
Според неа, она што нè прави привлечни за словенечкиот капитал, не е само поволната клима, туку и нашите традиционални врски и силната мрежа на лични контакти што одржуваат членовите на бизнис клубот.
Потенцира дека над 40 словенечки компании моментално се активни во нашите стратешки сектори.
-Вие станавте столбови на нашите банкарски и осигурителни пазари, а сега се пробивате и во енергетиката. Проектите на ГЕМ 1 и нивната работа со фотоволтаиците покажуваат дека словенечката експертиза ни помага во зелената транзиција – потенцира претседателката.

Додаде дека во 2025 година, вкупната трговска размена изнесувала околу 260 милиони евра, но, како што рече, верува дека можеме и подобро.
-Затоа треба да поставиме смела заедничка цел – да достигнеме 500 милиони евра во трговската размена. Ги имаме условите, ги познаваме навиките, референциите и работната етика, а имаме и традиционална доверба. За македонските потрошувачи, словенечките не се странски производи, туку квалитетни брендови со коишто пораснале. Слично на тоа, за словенечките компании, македонските бизнисмени се посакувани партнери. Оваа доверба е нашата најголема предност и е социјален капитал којшто може да ја олесни работата на македонско-словенечкиот бизнис клуб – нагласи Сиљановска Давкова.
Според неа, тука е и македонската дијаспора, којашто, како што рече, може да биде многу важен развоен ресурс којшто ќе помогне во нашиот економски раст.
-Свесни сме дека живееме во време на геоекономска фрагментација на глобалната економија, со енергетски кризи и ценовни шокови. Во вакво непредвидливо опкружување, за да ја направиме македонската економија поотпорна, нашиот стратешки фокус е насочен кон четири столба: првиот е енргетско поврзување. Преку изградбата на интерконекторите за природен гас со Грција и со Србија, стануваме транзитна земја за гас и регионален енергетски центар, второ со модернизацијата на коридорите 8 и 10, обезбедуваме евтин транспорт и безбеден синџир за снабдување, трето се фокусираме на дигиталната поврзаност, бидејќи иднината им припаѓа на развојните, дигитални економии коишто се темелат на знаење, технологија и конкурентност и четврто и најважно, и покрај пречките со коишто се соочуваме, работиме на европските реформи. И вие, бизнис лидерите, ни помагате на нашиот пат кон Европската Унија – рече македонската претседателка.

Драган Шибанц, претседател на бизнис клубот истакна дека со неговата ревитализација, нивната намера била јасна — не само да го оживеат името, туку да воспостават функционална платформа која на конкретен, мерлив и долгорочен начин ќе ги поврзува словенечките и македонските претприемачи.
– Процесот го водевме заедно со иницијативниот одбор уште од ноември 2023 година, при што ги усогласивме клучните чинители, повторно ја изградивме довербата и поставивме јасна стратешка насока. Нашиот фокус никогаш не беше само формална структура. Затоа создадовме модел кој се темели на таргетирани бизнис средби, поврзување на компании по дејности, стратешки настани, како и пренос на знаење што води кон конкретна имплементација. Воедно, клубот го позиционираме и во поширок екосистем. Го поврзуваме со институции, бизнис клубови, деловни совети, мрежи и партнери во двете држави – истакна тој.
Целта, додаде е јасна — да се создаде средина во која соработката нема да биде само симболична, туку и мерлива.
-Денешната средба не е само настан, таа е чекор кон долгорочно поврзување затоа што претприемништвото расте таму каде што постојат доверба, усогласеност и способност за заедничко создавање на вредност. Токму затоа, успеавме клубот, кој речиси некое време не беше функционален, повторно да го да го воспоставиме како визионерска платформа за поврзување – истакна Шибанац.

Претседателката, која е во официјална посета на Република Словенија, претходно денеска во македонската амбасада во Љубљана се сретна со наши иселеници, кои со своето знаење и работа се вградиле во словенечкото општество и денес се препознаени и ценети во науката и уметноста.
Во рамки на посетата претпладнево таа ја посети Македонската православна црква „Св. Климент Охридски“ и оствари средба со членовите на Сојузот на Македонските културни друштва и Црковните одбори.
Во црквата македонската претседателка присуствуваше на неделна служба. По нејзиното завршување на барање на црковната заедница таа се обрати пред присутните верници.
Сиљановска Давкова утре во Љубљана ќе биде пречекана со највисоки државни и воени почести од претседателката на Република Словенија, Наташа Пирц Мусар.
Предвидено е претседателките да одржат тет-а-тет средба, по што ќе следува пленарен состанок на македонската и словенечката делегација. Сиљановска Давкова ќе оствари средба и со претседателот на Државниот збор на Република Словенија, Зоран Стевановиќ.
Во рамки на посетата на Словенија предвидено е претседателката Сиљановска-Давкова да положи венец пред Споменикот на жртвите од сите војни и жртвите поврзани со војните.
Во вторник, претседателката Сиљановска Давкова ќе одржи предавање на Правниот факултет во Љубљана на тема: „Уставни трансформации на патот кон ЕУ: Реформи или уставен инженеринг?“.
Македонија
Лажна тревога за пожар го испразни „Ист гејт“, МВР вели нема дојава за бомба
Нема дојави за бомби во кој било трговски центар во Скопје, информираат од Министерството за внатрешни работи, по информацијата дека била спроведена евакуација во трговскиот центар „Ист гејт“.
-Во СВР Скопје нема дојава за поставени експлозивни направи во било кој трговски центар – се наведува во информацијата на МВР.
Претходно денеска трговскиот центар „Ист гејт“ беше за кратко евакуиран. Како што објавија дел од медуумите евакуацијата, се случила по активирање на противпожарен аларм кај еден од закупците. Посетителите биле замолени мирно да го напуштат објектот, согласно безбедносните протоколи.
