Македонија
Мицкоски приреди ручек по повод Велигден: Се испрати силна порака за единство, солидарност и заедничка грижа за доброто на сите
Премиерот Христијан Мицкоски денеска приреди Велигденски ручек, на кој меѓу другите присуствуваа претседателката Гордана Сиљановска Давкова, поглаварот на МПЦ-ОА, архиепископот Стефан, поглаварот на ИВЗ, Шаќир Фетаи, министри во Владата, пратеници, градоначалници, претставници на медиумите.
„Денес, во духот на големиот христијански празник Велигден, организирав свечен Велигденски ручек, исполнет со топлина, заедништво и почит кон традицијата.
Овој значаен настан ги обедини претставниците на институциите и општествениот живот во едно заедничко славење на вредностите што Велигден ги носи – надежта, љубовта, простувањето и новиот почеток. Во атмосфера на меѓусебно разбирање и почит, се испрати силна порака за единство, солидарност и заедничка грижа за доброто на сите“, објави Мицкоски на социјалните мрежи.
„Велигден нè потсетува дека токму преку сплотеноста и човечноста можеме да ги надминеме сите предизвици и да изградиме подобра иднина за нашата држава. Со оваа свеченост, уште еднаш се потврди определбата за негување на традицијата и зајакнување на заедничките вредности што нè поврзуваат како народ“, напиша Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
САД со 5 милиони долари поддршка за сајбер безбедноста во Македонија
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски денеска оствари средба со Н.Е. Никол Варнс, вршител на должноста амбасадор на Соединетите Американски Држави, на која беше потврдена одличната соработка меѓу двете држави во областа на дигиталната трансформација и сајбер безбедноста.
На средбата се разговараше за продлабочувањето на билатералната соработка, особено во делот на сајбер безбедноста, во контекст на неодамнешната средба во Соединетите Американски Држави со заменик државниот секретар Кристофер Ландау, одржана една недела претходно, на која беше потврдена заедничката посветеност за натамошно унапредување на партнерството.
„Во таа насока, беше изразена искрена благодарност за поддршката од страна на Амбасадата на САД, како и за техничката и финансиската помош во износ од 5 милиони долари, обезбедена од нашиот стратешки партнер – Соединетите Американски Држави, наменета за јакнење на сајбер безбедноста и дигиталната инфраструктура во државата“, велат од Министерството.
Министерството за дигитална трансформација останува посветено на унапредување на безбедна, модерна и отпорна дигитална средина, во интерес на граѓаните, продолжувајќи ја успешната соработка со САД.
Македонија
„Алиса“ од СДСМ треба да се разбуди, Петрушевски вели дека партијата живее во паралелен универзум
Филипче се однесува како Алиса во земјата на чудата, СДСM е партија на лагите и конструкциите, живеат во свој свет полн со апсурд и фантазија, изјави Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ.
Тој рече дека Социјалдемократскиот сојуз и Филипче, по поразот на локалните избори на кои дојдоа до 130 илјади гласови, најмалку во нивната историја, излегоа на прес-конференција и велеа дека тоа било одличен резултат.
Во однос на меѓународните договори, Петрушевски изјави: „СДС и Филипче, по стратешкиот договор со Велика Британија, со кој Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ја стави Македонија на светската мапа и да биде на иста маса со големите светски сили, од СДС рекоа дека овој договор бил за мигранти кои ќе дојдат во март или април, и згора на се и пари ќе сме заработеле за истите“.
Тој додаде дека опозициската партија ликувала на тарифите од страна на САД, кој патем ги доби целиот свет, а замолкнале кога македонската влада потпиша Заедничка изјава со САД и се намалија тарифите.
Петрушевски изјави и дека „СДС и Филипче, 7 години беа на власт и не успеаја да го завршат постмониторингот со Советот на Европа, дојде ВМРО-ДПМНЕ на власт и по помалку од 2 години Македонија го заврши постмониторингот, но според СДС и Филипче, тие тоа го направиле“.
„СДС во земјата на лагите и конструкциите, Филипче како Алиса, живеат во свој паралелен универзум на кој тие се најдобрите, со рејтинг кој се брои на една шака“, рече Петрушевски.
Тој порача дека партијата треба да се разбуди од сонот и да се соочи со реалноста.
Македонија
Во дом во Прилеп пронајдени 74 стари монети: Кривична пријава за недозволена трговија со културно наследство
Полициска акција во Прилеп открила десетици стари монети во домот на 41-годишен прилепчанец, по што против него е поднесена кривична пријава.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека ОВР Прилеп поднел кривична пријава против П.В.(41) од Прилеп поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластена трговија со добра под привремена заштита на културно наследство и природна реткост“.
При претрес во домот на пријавениот, полициските службеници пронашле и одзеле вкупно 74 стари монети.
Дел од нив, според информациите, потекнуваат од 19-тиот и почетокот на 20-тиот век.
Се преземаат натамошни мерки за расчистување на случајот.
