Македонија
МОН за прв пат обезбедува учебник по „Јазик и култура на Ромите“ за 6-то одделение
Министерство за образование и наука направи значаен исчекор во унапредување на образованието на ромската заедница, обезбедувајќи за прв пат учебник по изборниот предмет „Јазик и култура на Ромите“ за 6-то одделение, известуваат од МОН.
Оваа новина доаѓа по спроведената постапка согласно објавеното известување на МОН, како и по измените во Законот за учебници во основното и средното образование („Службен весник на РСМ“, бр. 3 од 3.1.2025 година), со кои се интервенираше во членовите 10 и 15. Со овие измени се создадоа услови за проширување на наставните материјали и за повисоките одделенија.
Во минатото, учениците од ромската заедница имаа на располагање учебници по овој предмет само од 3-то до 5-то одделение, што претставуваше ограничување во континуитетот на изучување на сопствениот јазик и култура. Со новиот учебник за 6-то одделение чиј автор е Даниел Петровски, за прв пат се обезбедува надградба на наставниот процес. Информираме и дека во тек е постапка за изработка на учебник за 7-мо одделение.

Паралелно со ова, МОН донесе и нов подзаконски акт, Правилник за начинот на формирање групи помали од 15 ученици од исто одделение, со цел да се овозможи изучување на јазикот и културата на заедниците и во случаи кога бројот на ученици е помал. Правилникот е донесен врз основа на член 53 став (9) од Законот за основното образование.
Според податоците, изборниот предмет „Јазик и култура на Ромите“ во моментов го изучуваат над 2300 ученици Роми, распределени во 13 основни училишта во 7 општини низ државата.
Министерството за образование и наука го честита 8 Април – Меѓународниот ден на Ромите и изразува уверување дека интензивно ќе продолжат да се имплементираат политиките за унапредување на образовната еднаквост, зачувување на културниот идентитет и зголемување на пристапот до квалитетно образование за учениците од ромската заедница, се додава во соопштението на МОН.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба Сали – Маричиќ: Реформската агенда и измените на Изборниот законик во фокусот
Првиот заменик-претседател на Владата, Беким Сали, оствари средба во Владата со претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Бојан Маричиќ, и потпретседателот Абдуш Демири, на која се разговараше за Предлог-измените на Изборниот законик.
На средбата беше истакнато дека овие измени, доставени од ДИК до Собранието и Министерството за правда, се од особено значење за унапредување на реформската агенда и спроведувањето на изборните реформи.
Присутните се осврнаа и на последниот извештај на ОБСЕ/ОДИХР, кој позитивно го оценува организирањето на Локалните избори 2025 година, нотирајќи напредок во демократските процеси.
Се наведува дека Владата останува посветена на реализацијата на реформите согласно предвидената динамика, со цел зајакнување на демократските стандарди и обезбедување слободни и фер изборни процеси.
Македонија
Димитров од Атина: Меѓу Скопје и Софија нема компромис, туку пакет кој не донесе решение
Дипломатскиот пристап кон решавање на спорот помеѓу Македонија и Бугарија беше тема на остра дебата на меѓународниот форум во Атина, каде поранешниот шеф на дипломатијата Никола Димитров му реплицираше на бугарски претставник од публиката.
Никола Димитров, во својство на претседател на невладината организација „Солуција“, оцени дека актуелниот модел на односи не претставува вистински компромис. Тој рече дека сегашната рамка, наместо решение, продуцирала најлоши билатерални односи во историјата на двете земји.
„Компромис е решение кое двете страни ќе ги направи подеднакво несреќни. Кога едната страна е еуфорична, тоа не е компромис. Прашањето не е решено, а резултатите од таквата стратегија се тажни“, изјави Димитров, реплицирајќи на ставот од бугарскиот претставник дека прашањето било затворено и државата сега треба да испорача.
„Бугарија на сите анкети кај нас е најголем непријател. Дали навистина тоа го сакате? Колку и да мислите дека ви е добра стратегијата – не е лошо да си ги погледнете резултатите“, му порача поранешниот шеф на македонската дипломатија на бугарскиот претставник на форумот.
Димитров потенцираше и дека земјите од регионот треба да се третираат како идни членки, а не како трети држави. Постепената интеграција, како што рече, треба да овозможи слободно движење на луѓе и стоки и ни треба поголема динамика и резултати преку иницијативи како пристапот до СЕПА, „зелените ленти“ и укинувањето на роаминг трошоците.
Македонија
Мицкоски од Виена: Потребни се дела, а не зборови – Европа мора активно да ги обликува правилата
Премиерот Христијан Мицкоски во Виена испрати јасна порака до европските партнери: Во услови на неизвесност, енергетски предизвици и економски притисоци, зборовите не се доволни, потребни се конкретни одлуки и дела.
Мицкоски кој се сретна со канцеларот Кристијан Стокер порача дека Европа се наоѓа во историски пресуден момент во кој мора да одбере дали само ќе реагира на кризите или активно ќе ги обликува новите глобални правила. Тој нагласи дека во услови на енергетски и економски предизвици, стабилноста зависи од заедничкиот раст.
„Европа нема да биде силна ако нејзините делови останат слаби. Ниту пак ќе биде конкурентна ако нејзините економии не растат заедно. Нашата определба е јасна: градиме држава што нуди сигурност и систем во кој работата се исплати“, истакна премиерот.
Мицкоски потенцираше дека македонската влада е подготвена да ја преземе својата одговорност во рамките на билатералната соработка, но и како дел од заедничката европска иднина. Фокусот на власта останува на проекти што ќе траат подолго од еден мандат и ќе донесат бенефит за идните генерации.
„Подготвени сме да работиме, подготвени сме да носиме одлуки и подготвени сме да испорачаме резултати,“ дециден беше Мицкоски, нагласувајќи дека партнерството мора да се темели на меѓусебна доверба и конкретни економски проекти.
