Македонија
Муцунски на Советот за надворешни работи на ЕУ: Потребно е да се оттргнеме од билатерализацијата на пристапните критериуми
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Брисел учествува на Советот за надворешни работи на Европската Унија, со кој претседав високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас.
Во изјава дадена пред почетокот на Советот, министерот Муцунски истакна дека проширувањето е императив и за Европската Унија и за земјите кандидати, нагласувајќи дека станува збор за тоа Западен Балкан да престане да биде „сива зона“ на Европа и да се создаде група држави со јасен и кредибилен пат кон членство.

Тој посочи дека државата постигнала конкретни резултати во спроведувањето на Реформската агенда, особено во последните месеци, нагласувајќи дека Северна Македонија е 100% усогласена со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, што, како што истакна, ја потврдува не само посветеноста на реформите, туку и јасната стратешка ориентација кон членство во Унијата.
„Нашата порака до земјите членки е повеќеслојна. Потребно е да се оттргнеме од билатерализацијата на пристапните критериуми, но и да се засили ангажманот за прашања кои одат и пошироко од самиот процес на проширување, особено во областите на безбедноста и одбраната, економијата и трговијата, енергетската безбедност, безбедноста на храната и дигитализацијата“, истакна министерот Муцунски.

Во рамки на агендата на Советот се дискутираше за односите на Европската Унија со Западен Балкан, при што разговорите беа насочени кон актуелните надворешно-политички и безбедносни прашања од заеднички интерес, со посебен акцент на натамошното јакнење на соработката во областа на надворешната, безбедносната и одбранбената политика, руската агресија врз Украина, како и пошироките регионални последици од актуелните глобални случувања.
Во своето обраќање, министерот Муцунски ја истакна силната определба на државата да биде доверлив партнер на Европската Унија во справувањето со актуелните геополитички предизвици. Притоа, ја нагласи конзистентната усогласеност на државата со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, како и подготвеноста за натамошно продлабочување на соработката во оваа област.

Воедно, министерот се осврна и на важноста од вклучување на регионот во иницијативите на Европската Унија насочени кон јакнење на колективниот капацитет и отпорноста на надворешни безбедносни закани.
Посебен фокус во дискусиите беше ставен и на процесот на проширување на Европската Унија во актуелниот геополитички контекст, при што беше нагласено дека проширувањето претставува стратешка инвестиција за долгорочната стабилност и безбедност на регионот и Европа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Савески со директорот на Финансиската полиција: борбата против финансискиот криминал и корупцијата во фокусот
Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Ненад Савески на денешната средба со директорот на Управата за финансиска полиција Слободан Ивановски разговараше за зајакнувањето на меѓуинституционалната соработка во борбата против финансискиот криминал и корупцијата.
На средбата ги разгледаа можностите за унапредување на координацијата и размената на информации помеѓу Управата за финансиска полиција и Јавното обвинителство, со цел поефикасно откривање и сузбивање на кривичните дела од областа на финансискиот криминал со посебен акцент на спроведувањето на финансиските истраги.
Македонија
Прифатена парична гаранција од 55.000 евра: Стефан Богоев излезе од притвор
Кривичниот совет при Основниот кривичен суд Скопје ја уважи жалбата на осомничениот С.Б. и ја прифати понудената гаранција, со што му е укината мерката притвор што претходно му беше определена, се истакнува во официјалното соопштение.
„Кривичниот совет при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по жалба со предлог гаранција на осомничениот С.Б., изјавена против решение на судија на претходна постапка од 04.06.2026 година со кое, по предлог на надлежниот јавен обвинител, му беше определена мерка притвор во траење од 30 дена, донесе решение со кое ЈА УВАЖИ жалбата и ја прифати понудената гаранција на осомничениот“.
Определената гаранција, како што се наведува во соопштеното, се состои од готови средства во износ од 55.000 евра, во денарска противвредност во корист на РС Македонија, а кој износ се депонира како гаранција за обезбедување на присуството на осомничениот во понатамошниот тек на постапката.
„Дополнително спрема обвинетиот се определуваат и мерки на претпазливост согласно член 146 ст.1 т.3 од ЗКП односно привремено одземање на патната исправа и забрана за преминување на државната граница.
Доколку осомничениот не се придржува на определената мерка на претпазливост, судот може да определи други построги мерки за обезбедување присуство“.
Македонија
„Вреди“ до ДУИ: Зошто толкава грижа за српскиот јазик во Куманово, а за проблемите на Албанците секогаш имаше пречки и доцнења
Лицемерието во оваа држава има име и презиме. Тоа се вика ДУИ, велат од „Вреди“.
„Оние што најгласно зборуваат за албанството се токму тие што, кога ја имаа целата власт во свои раце, ги оставија Албанците во најлоша состојба, додека себеси се вдомија со функции, тендери и полни џебови.
Затоа, пред повторно да ни продаваат лажен патриотизам, добро е да го отвориме нивниот архив.
А кога ќе се отвори нивниот архив, излегуваат работи што јавноста треба да ги знае“.
Токму оваа партија, која денес од опозиција зборува за албанските права, на врвот на својата власт, на 4 мај 2010 година, овозможила, додаваат од „Вреди“ српскиот јазик да влезе во службена употреба во Општина Куманово, иако Србите, како што велат, сочинуваат околу 6,5 проценти од населението.
„Еве го документот.
Црно на бело. Ова е вистинското лице на ДУИ.
Значи, кога требало да се официјализира српскиот јазик во Куманово, имале желба, гласови и волја. Но кога требало да се решаваат проблемите на Албанците, секогаш имало одложувања и опструкции.
По овој документ, природно се поставуваат неколку прашања.
Зошто толкава грижа за српскиот јазик во Куманово, а за проблемите на Албанците секогаш имаше пречки и доцнења?
Зошто немаа истата волја за правосудниот испит на албански јазик и за правичната и соодветна застапеност“.
Повеќе од 20 години по ред, според „Вреди“, многу прашања на Албанците ги оставаа недовршени, со логиката „помини и продолжи“.
„Вреди“, потенцираат од оваа партија, не е против официјализирање на кој било јазик, но е против политичкото лицемерие.
„ДУИ зборува за Албанците кога е во опозиција. „Вреди“ работи за Албанците кога е на одговорност.
Тоа е разликата што ниту една нивна пропаганда не може да ја прикрие“.
