Контакт

Македонија

Муцунски во Софија: Kредибилитетот на проширувањето зависи од испораката, заслугите мора да имаат значење, oбврските мора да се почитуваат

Објавено пред

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Република Северна Македонија, Тимчо Муцунски, денеска во Софија учествува на Состанокот на министрите за надворешни работи на Процесот за соработка на Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), кој се одржа во рамки на бугарското претседавање со оваа најстара и најзначајна политичка иницијатива за регионална соработка во Југоисточна Европа.

Состанокот е посветен на одбележувањето на три децении од формирањето на ПСЈИЕ и се одржа под темата „Заеднички компас за стабилен, безбеден и одржлив регион – 30 години регионална сопственост и европска аспирација“. Во фокусот на дискусиите беа европската перспектива на регионот, унапредувањето на регионалната соработка, зајакнувањето на безбедноста и отпорноста, како и поттикнувањето на економскиот развој и конкурентноста во услови на сложени геополитички и безбедносни предизвици.

Во своето обраќање, Муцунски истакна дека ПСЈИЕ останува еден од најзначајните механизми за политички дијалог и соработка во регионот.

„ПСЈИЕ останува една од највредните автентични рамки за регионална соработка. Тоа е платформа создадена од регионот, водена од регионот и одржана од уверувањето дека заедничките предизвици бараат заеднички одговори“, истакна Муцунски.

Осврнувајќи се на актуелните геополитички и безбедносни предизвици, тој нагласи дека во услови на војна во Европа, хибридни закани, дезинформации, енергетска несигурност и сајбер ризици, европската интеграција и регионалната соработка добиваат уште поголемо стратешко значење.

„Денес, проширувањето веќе не е само технички пристапен процес. Тоа е стратешка инвестиција во безбедноста, стабилноста и конкурентноста на Европа. Безбедна и просперитетна Европа не може да биде целосна без целосна интеграција на Западен Балкан“, порача Муцунски.

Во продолжение на своето обраќање, министерот ја потврди целосната посветеност на државата кон членството во Европската Унија, нагласувајќи дека европската интеграција претставува национален проект насочен кон посилни институции, подобри можности за граѓаните и посигурна иднина за младите.

Притоа, тој нагласи дека кредибилитетот на процесот на проширување зависи од доследното почитување на преземените обврски, предвидливоста на процесот и принципот на заслуги.

„Мора да бидеме искрени: кредибилитетот на проширувањето зависи од испораката. Заслугите мора да имаат значење. Обврските мора да се почитуваат. Правилата на процесот мора да бидат предвидливи. На Западен Балкан му е потребен европски пат заснован на резултати, а не на постојано одложување“, истакна Муцунски.

Осврнувајќи се на значењето на регионалната поврзаност и економската интеграција, министерот посочи дека Република Северна Македонија останува посветена на развојот на транспортната, енергетската и дигиталната инфраструктура, како и на понатамошното зајакнување на регионалната поврзаност преку Коридорите 8 и 10, кои имаат стратешко значење за регионот и за европската интеграција.

Во тој контекст, тој ја нагласи важноста на инвестициите во човечкиот капитал како предуслов за долгорочен развој и конкурентност.

„Човечкиот капитал е нашиот најголем ресурс. Без инвестирање во луѓето, ниту еден инфраструктурен проект и ниту една економска реформа не можат да го достигнат својот целосен потенцијал“, посочи Муцунски.

Министерот ја нагласи и важната улога на Советот за регионална соработка во унапредувањето на економската интеграција, поврзаноста и одржливиот развој во регионот.

„Треба да ја препознаеме важната улога на ПСЈИЕ во овој процес, како и вредниот придонес на Советот за регионална соработка во унапредувањето на поврзаноста, економската интеграција, безбедносната соработка и одржливиот развој“, истакна Муцунски.

На крајот од обраќањето, министерот порача дека иднината на Југоисточна Европа е неразделно поврзана со иднината на Европа и дека регионот има потенцијал да биде активен придонесувач кон европската безбедност и просперитет.

„Со поддршка од нашите европски партнери и преку нашата сопствена посветеност на реформи и соработка, Југоисточна Европа може да не биде периферија на Европа, туку интегрален придонесувач кон европската безбедност, просперитет и иден развој“, порача Муцунски.

Високите претставници на земјите членки на ПСЈИЕ за време на состанокот ја потврдија важноста на регионалната соработка како клучен предуслов за стабилноста и безбедноста во Југоисточна Европа, при што посебен акцент беше ставен на продлабочувањето на економската интеграција, подобрувањето на транспортната, енергетската и дигиталната поврзаност, како и на унапредувањето на Заедничкиот регионален пазар како чекор кон постепена интеграција во Единствениот пазар на Европската Унија.

Во рамките на состанокот беше усвоена Заедничка декларација со која се реафирмира поддршката за европската интеграција на регионот, добрососедските односи, демократските вредности и заедничките напори за градење поотпорен, поконкурентен и поодржлив регион.

Процесот за соработка на Југоисточна Европа, основан во 1996 година токму во Софија, останува автентична регионална платформа за политички дијалог и соработка, која во изминатите три децении даде значаен придонес во зајакнувањето на довербата, стабилноста, поврзаноста и европската перспектива на регионот.

Најново

Свет12 минути

Мерц ја нападна АфД: „Ремиграцијата“ во практика значи етничко чистење

Германскиот канцелар Фридрих Мерц ја обвини партијата Алтернатива за Германија (АфД) дека ја поддржува Русија на штета на германските интереси...

Култура14 минути

„Бог на колежот“ на 34. МФКТ „Ристо Шишков“ во Струмица

Наградуваната копродукциска претстава на Македонскиот народен театар, по освоеното Гран при на „Денови на комедија“ пристигнува пред струмичката публика. На...

Македонија17 минути

Дел од Чаир утре без вода

Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека утре поради уличен дефект на водоводна цевка од ф – 100 мм на...

Свет19 минути

Мерц: Русија со месеци го подготвувала нападот врз аеродромот Лајпциг, избегнавме катастрофа

Германскиот канцелар Фридрих Мерц изјави дека обидот за напад со дрон врз аеродромот Лајпциг/Хале бил со месеци подготвуван во Русија...

Црна хроника20 минути

Претрес во Штип, пронајдена дрога: уапсен 37-годишен маж

Вчера во 10:00 часот во Штип, полициски службеници од Одделението за недозволена трговија со дрога и оружје при СВР Штип...

Европа21 минута

Гугл започнува со огромни инвестиции во Европа: 13 милијарди евра инвестира во Финска

Гугл ќе инвестира најмалку 13 милијарди евра во инфраструктура за вештачка интелигенција во Финска во следните две години. Компанијата потврди...

Свет23 минути

„Аксиос“: Трамп не се спротивставил на британските санкции против израелските населби

Администрацијата на американскиот претседател, Доналд Трамп, не се спротивставила на иницијативата на Велика Британија за воведување нови санкции против израелските...

Спорт28 минути

Куртоа повторно ја напушти Белгија

Тибо Куртоа (34) дефинитивно нема да игра за белгиската репрезентација на претстојните натпревари од Лигата на нации. Тој ја донесе...

Економија34 минути

„Зелени идеи“ бара нови импакт-бизниси, пријавувањето трае уште една недела

Здружението „АРНО“ потсетува дека остануваат уште седум дена до затворањето на националниот натпревар „Зелени идеи“, на кој можат да аплицираат...