Македонија
МВР: Извршен е терористички напад во Куманово
Извршен е терористички напад во Куманово, рече во сабота помошникот министер за внатрешни работи Иво Котевски.
„Информациите до кои дојдовме деновиве укажуваа на тоа дека групата влегла илегално во Република Македонија од една соседна држава и преку свои поддржувачи се засолнила и утврдила, подготвувајќи се за идните терористички напади“, рече помошникот министер Котевски.
Додаде дека надлежните служби при министерството ја лоцирале групата во кумановската „Дива населба“, односно во неколку куќи во населбата.„ Сознанијата говореа дека станува збор за група која е добро вооружена и обучена за борба во вакви услови“, истакна полицискиот портпарол.
Котевски информираше дека врз основа на претходните информации бил изготвен план за постапување и формиран штаб кој ги координира активностите. Околу 5 часот во саботата наутро, специјалните единици ја започнале реализација на планот и притоа наидоа на „жесток отпор од терористите кои ги нападнаа со автоматско оружје, бомби и снајперски оган. На нападот е одговорено исклучително внимателно и соодветно на ситуацијата“.
Во моментов сé уште се во тек активностите на теренот.
„Станува збор за специфично подрачје со тесни улички и голем број куќи кои се збиени што преставува дополнителен ризик за полициските единици кои дејствуваат на терен. Полицијата, поради спецификите на теренот напредува тактички и мора да врши претреси во сите околни куќи заради безбедносни причини“, дополни Котевски.
Според него, станува збор за добро вооружена група која извршила напад од автоматско оружје и со бомби.
„Граѓаните да останат мирни и да не наседнуваат на провокација“, рече Котевски. Додаде дека засега министерството нема да објавува повеќе информации, вклучително и за бројот на настрадани, и оти во подоцна во текот на денот ќе бидат сооптшени детали од настаните.
Според првичните неофицијални сознанија, станува збор за добро вооружена група меѓу 50 и 70 лица, која е распоредена во цивилни куќи во кумановската ткн Дива населба, каде претежно живее албанско население.
Оваа група, наводно, имала цел да нападне касарна, полиција и суд, како и други институции на државата, а била лоцирана пред два дена кога граѓани приајвиле присуство на униформирани лица без ознаки. Во саботата пред 5 часот наутро специјалните сили на македонската полиција започнале операција за апсење на лицата, кои во нападот врз полицијаците употеребиле автоматско оружје, рачни гранати и снајперски пушки./крај/мф/ст
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Ковачевски: ЕУ е единствената шанса за суштинска промена во Македонија, нема откажување од иднината
„Нашиот главен фокус останува членството во Европската Унија. ЕУ е единствената шанса Македонија да се промени и да напредува. Едноставно, друг начин нема, друга опција не постои. Со членството во ЕУ ќе се случи вистинска и суштинска промена кон подобро во нашата земја“, рече претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски од предизборниот митинг на СДСМ и Коалицијата за европска иднина во Охрид.
„Јас верувам дека во Европска Македонија животниот стандард ќе биде многу подобар, и дека во Европска Македонија ќе успееме да изградиме систем на владеење на правото и ефикасна борба против криминалот и корупцијата. Се согласувам дека тој пат не е лесен – истакна Ковачевски и додаде: СДСМ покажа дека има храброст да носи тешки, но важни и неопходни одлуки. Има ли подобар доказ од тоа дека Македонија стана рамноправна членка на НАТО? Има ли подобар доказ за тоа од фактот дека Македонија ги започна преговорите со ЕУ“, беше дециден Ковачевски
„СДСМ, Коалицијата за европска иднина и нашиот претседател Стево Пендаровски ви нудиме јасен план за европски животен стандард, просперитетна и развиена држава, во која функционира демократијата, владеењето на правото, социјалната правда и во која има слобода медиуми“, рече Ковачевски.
„Одиме на победа! Нема застанување додека не ја направиме Македонија дел од Европа! Нема откажување додека Европа не ја донесеме во Македонија! Нема откажување од иднината!“, порача Ковачевски од предизборниот митинг на СДСМ и Коалицијата за европска иднина во Охрид.
Македонија
(Видео) Димитриевски пред граѓаните на Велес: Нема коалиција додека не се потпишат и дефинираат црвените линии за Македонија
Претседателскиот кандидат Максим Димитриевски, од Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, вечерва се обрати пред граѓаните на Велес.
„За нас и едните и другите се подеднакво исти. Во оваа наша држава од 90-та година наваму граѓаните само еднаш гласаа За. На референдумот за независност. И така 30 години се вртиме во круг и гледаме како Македонија ја прават наменска држава, по нивни терк“, рече тој пред велешани и додаде дека тие се против модерното ропство.
„Ние сме за поголеми права, поголеми плати, поголеми пензии, подобар стандард на граѓаните. Ние тоа ќе го реализираме. Тешко ќе биде, но ќе успееме. Македонецот ќе биде и граѓанин од прв ред и свој на своето, зашто Македонија ќе биде самоодржлива држава со силна економија“, потенцира Димитриевски.
„Не негираат оние кои се прегрнуваат со нашата политичка елита. Ние сме тука да ги потсетиме дека нема да може да прават што сакаат и затоа ја бараме поддршката од вас. Мораме да ги промениме работите. Корупцијата ја уништува Македонија. Криминалот е на секој чекор. Професионалци има насекаде, но се ставени во ќош. Партиските војници газат по професионалците“, рече Димитриевски и додаде дека на овие избори ќе го даде максимумот за во Македонија никогаш повеќе да не биде како што било.
Тој исто така рече дека од сегашната опозиција, а довчерашна власт, даваат некакви понуди за национална стратегија, што, како што потсети,е идеја на ЗНАМ. Димитриевски потенцира дека први ја предложиле таа идеја и рекле дека нема да коалицираат, ниту ќе разговараат со некој за идна коалиција без претходно да бидат потпишани и дефинирани црвените линии за Македонија.
„При тоа сакам од тука, од Велес да упатам една порака, бидејќи рековме дека со ова актуелно раководство на СДСМ, коешто многу се огреши и кон народот и кон Македонија, нема теоретска шанса да разговараме за идна коалиција. Но, сакам да испратам порака и до оние кои беа власт претходно. Дека пред да седнат со нас на маса ќе треба да расчистат со основниот проблем кај нив и сето она што значи заостанати коруптивни дела од претходната власт, бидејќи немаме намера да менуваме едни за други исти“, рече Димитриевски.
Му порача на Мицкоски да внимава што, како и на кој начин ги презентира своите и тие околу него, но да внимава и какви понуди дава, бидејќи за нив од ЗНАМ зборот е збор и си тежи.
Димитриевски рече дека идна влада без ЗНАМ нема да има, но, дека се подготвени да бидат и опозиција.
„Народот многу повеќе знае од сите нас. Ние имаме обврска, како нова политичка гарнитура, да сме искрени кон вас и кон сите граѓани. Можеби нема да добиете безконечен број на ветувања. Но, тоа што ќе го ветиме ќе го оствариме, зашто имате работа со чисти и чесни луѓе“, рече Димитриевски обраќајќи се пред граѓаните на Велес.
Пред граѓаните на Велес се обрати и носителот на кандидатската листа за ИЕ 3, Генерал-мајор во пензија Павле Арсоски, кој подетално ја претстави програмата на партијата и рече дека, покрај другото, ќе се заложат и за подобрување на условите за работа на припадниците на Армијата на Македонија.
Во текот на денешниот ден караванот на кандидатот за Претседател на државата од Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски, имаше повеќе средби и разговори со граѓаните на Ѓорче Петров.
Македонија
Лукаревска од Штип: СДСМ не е создаден за поделби, за кавги, за лаги и навреди, СДСМ е од граѓаните за граѓаните
„Пред нас се исклучително важни избори, можеби и најважни досега, важен е континуитетот. Зашто се покажа дека иднината на Македонија не ја разбираат сите исто. Некои ја разбираат како заробена држава, изолирана и без перспектива. Затоа е важно СДСМ и после овие избори да продолжи да ја води Македонија, после НАТО, во Европската Унија, како Македонци со македонски јазик по исправниот пат“, рече во Штип, Сања Лукаревска, носителка во третата ИЕ на СДСМ и Коалицијата за европска иднина.
„Ние не бегаме, ниту од одговорноста, ниту од народот, ниту од државата. СДСМ е силна, голема, одговорна партија која секогаш, без двоумење и калкулирање за сопствениот рејтинг, носела тешки одлуки во уште потешки околности. СДСМ не е создаден за поделби, за кавги, за лаги и навреди, за ниски удари. СДСМ е од граѓаните за граѓаните. СДСМ е избор на секој далековид човек, на секој кој ги почитува другите и разговара со сите. СДСМ, докажано, е партија која е тука кога е најтешко, и за земјата и за граѓаните“, рече Лукаревска.
„И овде, во Штип ќе повторам, драго ми е што успеавме граѓаните дури и да не насетат со колкава економска и енергетска криза се соочивме. Знам дека нашиот политички опонент тие кризи би ги спакувал во телевизиско шоу, наместо да ги решава. Има разлика.
Внимававме на сите граѓани, од тоа да задржат работните места, да добијат помош оние кои работат во приватниот сектор, непречено да тече исплатата на пензиите, социјалната помош, помошта за најранливите, ги зголемивме платите и пензиите.
И затоа ќе победиме. Штип на 24 април и на 8 мај ќе го направи најдобриот избор, за Стево Пендаровски и Социјал-демократскиот сојуз на Македонија.
Слободата и демократијата мора да останат да живеат во Македонија. Нема откажување од иднината“, рече Лукаревска вечерва пред граѓаните на Штип.