Македонија
На Заев ќе му се суди за случајот „Пуч“
Советот за оценка на обвинителен акт при Основниот суд Скопје 1 – Скопје по еден месец, донесе одлука и го прифати обвинението за случајот „Пуч“, а ги одби приговорите на одбраната како неосновани.
„Советот во одлучувањето утврди дека делата кои се предмет на обвинителниот акт се кривични дела предвидени во Кривичниот законик и приложени се докази во прилог на обвинението. Воедно советот имаше предвид и дека одбраната поднесе обемна листа на докази, а усното образложение на приговорите претставува и делумна одбрана на обвинетите што за советот претставува уште еден аргумент во прилог на одлуката да се закаже јавна, главна и усна расправа на која во контрадикторна постапка ќе се решаваат прашања што се предмет на испитување и оцена на главна расправа.По распоредување на обвинителниот акт кај надлежен судија за постапување ќе биде закажан термин за главна расправа за која јавноста ќе биде благовремено информирана“, се вели во соопштението на Судот.Адвокатите на обвинетите во случајот „Пуч“ пред Советот за оцена на обвинителниот акт за случајот „Пуч“ образложуваа дека обвинението е неиздржано.Во овој случај единствено Заев кој е четвртоосомничен, од вкупно петмина осомничени, не е во притвор, а се товари за обид за насилство спрема претставници на највисоките државни органи.Според обвинението, Заев делувал со намера да го загрози Уставниот поредок и безбедноста на државата. Барањето за формирање на техничка влада, според Медарски, е чисто политичко барање на опозицијата и со ништо не го загрозува државниот поредок.„Дали барањето за промената на составот на Владата и формирање техничка влада и барањето за предвремени парламентарни избори значи загрозување на Уставниот поредок и безбедноста на државата? Од осамостојувањето на Македонија се одржале повеќе парламентарни избори и имало техничка влада, и тоа не значело загрозување на Уставниот поредок. Се работи за чисто политичко барање на опозицијата“, рече адвокатот на Заев, Филип Медарски.Првоосомничен во случајот „Пуч“ е поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Зоран Верушевски кој се товари за неовластено прислушување и тонско снимање, шпионажа и за помагање во насилство спрема претставници од највисоки државни органи.Сопругата на Верушевски, Соња Верушевска е обвинета за помагање при шпионажа, односно дека му ги преведувала на англиски документите на сопругот, додека петтообвинетиот Бранко Палифров, вработен во општина Струмица е обвинет за помагање при кривичното дело насилство спрема највисоките државни органи.Обвинителот Златко Биковски, пак, побара Советот да го одобри обвинението, бидејќи според него, постојат доволно докази од коишто може да се донесе осудителна пресуда на за обвинетите.Опозицијата веќе неколку месеци со ред објавува аудио снимки од разговори за коишто тврди дека се на функционери на власта, и според опозицијата, го докажуваат криминалот на власта.Заев, пак, е обвинет дека со овие снимки пред нивното објавување го уценувал премиерот Никола Груевски да се формира преодна влада, доколку сака да не бидат објавени снимките во јавноста.За во среда е закажана јавна седница на којашто ќе се расправа за друго кривично дело „поткуп“ за коешто се товари лидерот на опиозицијата.Лидерите на најголемите партии се уште немаат постигнато договор како ќе се реши политичката криза во Македонија, а разговорите се водат во присуство на амбасадорите на ЕУ и САД./крај/мф/ффс
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Даштевски: Во првите два и пол часа пријавени се само технички проблеми, кабел или батерија, ги решаваме во од
Ситни техники проблеми околу биометриските уреди се пријавени во првите два и пол часа од гласањето. Претседателот на Државната изборна комисија Александар Даштевски извести дека гласањето се одвива мирно и без неправилности, а техничките проблеми вели дека тековно ги решаваат.
„Пријавени се само технички проблеми, батерија или кабел на биометриските уреди кои ги решаваме во од. Сите гласачки места се отворени и засега нема прекин никаде“, рече претседателот Даштевски.
Одѕивот во првите два и пол часа е 3,85 отсто, но пристигнале податоци од само 832 избирачки места. На овие избори право на глас имаат 1. 814.317 граѓани на 3480 избирачки места.
Македонија
3,85 отсто е одѕивот за гласање во првите два и пол часа, 12 приговори пристигнале во ДИК
Одѕивот на граѓаните во првите два и пол часа од гласањето за избор на претседател на државата на седмите претседателски избори е 3,85 отсто. Гласањето е почнато навреме, се одвива мирно и без пријавени неправилности. Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) Александар Даштевски утрово рече дека одѕивот е мал, но мал е и бројот на избирачки места од кои се пристигнати податоци.
„До девет часот пристигнати се податоци за одѕив на гласачите од 832 избирачки места. Од вкупно запишани 42.748 гласачи на овие избирачки места, гласале 15.487 или 3,8 отсто од гласачите. До овој момент во ДИК се доставени вкупно 12 приговори за заштита на личното избирачко право кои се предмет на обработка“, рече Даштевски.
На бесплатниот телефонски број 0800 555 44 граѓаните можат да постават прашање или да пријават неправилности до Државната изборна комисија.
Активна е и видеокол линијата 076 488 360 преку која граѓаните со оштетен слух и говор ќе можат преку видео повик да постават прашање до Државната изборна комисија и да добијат одговор на знаковен јазик. На сите граѓани на располагање им се интернет страницата на ДИК www.sec.mk како и страниците на социјалните мрежи „Фејсбук“ и „Твитер“ и каналот на јутјуб.
На страната rezultati.sec.mk може да се следи во живо излезноста на гласачите, вкупна и по општини.
На овие избори право на глас имаат 1. 814.317 граѓани на 3480 избирачки места. Податоци од повеќе избирачки места претседателот Даштевски најави за следната прес – конференција.
Македонија
Тошковски: Мислам дека изборниот ден ќе помине во најдобар ред
Техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски изјави дека досега нема никакви нарушувања на гласањето а МВР веќе ги има распоредено сите полициски службеници ширум државата кои треба да се грижат за спроведување на фер и демократски процес.
„Немаме забележано никакви посериозни нарушувања на изборниот процес. Денот е убав, се надевам дека граѓаните ќе можат да го остварат своето гласачко право, на едни демократски избори. Покриени се сите сектори за внатрешни работи со технички услови. Се постапува според утврдените насоки од изборниот штаб“, додаде Тошковски.
Тошковски смета дека изборниот ден ќе помине во најдобар ред.
На претседателските избори учествуваат седум кандидати – пет мажи и две жени.
Кандидати се актуелниот претседател Стево Пендаровски кој е поддржан од СДСМ и коалицијата, Гордана Силјановска Давкова од ВМРО-ДПМНЕ, Билјана Ванковска која е поддржана од Левица, Максим Димитриевски од движењето Знам, Стевчо Јакимовски од партијата Гром, Арбен Таравари од коалицијата Вреди и Бујар Османи кој е поддржан од Европскиот фронт.
Во Северна Македонија се одржуваат седмите претседателски избори.