Надворешна политика
Годишен состанок на национални координатори на Франкофонија од регионот на Централна и Источна Европа
Во рамки на одбележувањето на „Месецот на франкофонијата“ во четврток во Министерството за надворешни работи на Република Македонија ќе се одржи годишниот состанок на Национални координатори на Франкофонија од регионот на Централна и Источна Европа.
На состанокот ќе учествуваат владини претставници на Франкофонијата од Македонија, Албанија, Бугарија, Ерменија, Молдавија и Романија. Покрај нив, ќе присуствуваат и претставници од Министерствата за образование на овие држави.
На состанокот ќе се разговара за активностите во рамки на годишната агенда, која предвидува интензивирање на меѓусебната соработка и соработката со Меѓународната организација на Франкофонијата, во која Република Македонија е полноправна членка од 2006-та година. Во организацијата членуваат 84 држави и влади./крај/мф/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муцунски: Две години активна дипломатија, посилни партнерства и конкретни придобивки за граѓаните
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска одржа прес-конференција по повод две години од мандатот на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, на која ги презентираше клучните резултати и активности реализирани во изминатиот период.
„Во изминатите две години работевме со јасна визија, јасни приоритети и една цел – посилна меѓународна позиција на државата, посилни партнерства и конкретни придобивки за граѓаните. Денес можеме да кажеме дека изградивме поактивна, поотворена и поефикасна дипломатија“, истакна Муцунски.
Во своето обраќање, министерот нагласи дека надворешната политика останала доследна на трите стратешки столба: силното партнерство со Соединетите Американски Држави, целосната усогласеност со Заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија и активното членство во НАТО Алијансата.
„Тоа се столбови на стабилност, безбедност и предвидливост. Тоа се столбови на држава која знае каде припаѓа и знае каде сака да оди“, порача Муцунски.
Осврнувајќи се на резултатите од работата, тој посочи дека во изминатите две години биле реализирани повеќе од 110 работни посети во странство, повеќе од 400 средби и состаноци, од кои над 210 билатерални средби со државници, министри и високи претставници од целиот свет, додека државата била домаќин на повеќе од 40 европски и светски лидери и високи претставници.
Во делот на европската интеграција, министерот ја потврди цврстата посветеност на Владата на реформите и европскиот пат, потсетувајќи на потпишувањето на Партнерството за безбедност и одбрана со Европската Унија, како и на добивањето на предфинансирањето од Планот за раст за Западен Балкан.
„Европската комисија неодамна стави на располагање 65,7 милиони евра преку Инструментот за реформи и раст, што претставува највисок износ во регионот. Со тоа вкупниот износ на средства ставени на располагање за нашата држава во рамки на Планот за раст достигна 142,1 милиони евра. Тоа не е симболика. Тоа е конкретна доверба преточена во конкретна поддршка“, истакна Муцунски.
Говорејќи за односите со стратешките партнери, министерот нагласи дека државата била првата европска земја која одржала сесија на стратешкиот дијалог со новата администрација на Соединетите Американски Држави, со што дополнително биле продлабочени билатералните односи и стратешкото партнерство. Тој потсети и на склучените договори за стратешка соработка со Обединетото Кралство, Унгарија и Хрватска, како и на потпишаниот Меморандум за соработка со Обединетите Арапски Емирати.
Министерот се осврна и на резултатите во мултилатералната дипломатија, посочувајќи ги членството во Советот за човекови права на Обединетите Нации, членството во ECOSOC, реизборот во Извршниот совет на OPCW и затворањето на постмониторинг-процедурата во Советот на Европа.
На крајот од обраќањето, Муцунски порача дека надворешната политика мора да биде простор на национално единство и долгорочен државен интерес.
„Можеме да се разликуваме во партиските погледи и да дебатираме за политики и пристапи. Но кога станува збор за достоинството, безбедноста и иднината на државата, мора да знаеме дека постојат прашања кои се поголеми од секоја влада и од секој политички циклус. Нашата задача е јасна: да градиме држава која е почитувана, безбедна, економски поврзана и европски интегрирана“, порача министерот Муцунски.
Македонија
Муцунски во прва работна посета на Брисел на средби со генералниот секретар на НАТО и високи претставници на ЕУ
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, од Луксембург продолжува во прва работна посета на Брисел, во чии рамки ќе се сретне со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, како и високи претставници на Европската Унија.
Во фокусот на разговорите ќе бидат евроинтегративниот процес на државата, реформските процеси, како и активностите во рамките на НАТО, со посебен фокус на претстојниот аамит на алијансата, што ќе се одржи идниот месец во Вашингтон.
Посетата на Муцунски на Брисел на почетокот на мандатот како министер за надворешни работи и надворешна трговија е показател за цврстата определба на земјата за што побрзо членство во Европската Унија и посветениот придонес кон глобалниот мир и регионалната стабилност како кредибилна земја членка на НАТО.
Македонија
Муцунски се сретна со Вархељ: Новата Влада е силно посветена на реформската агенда и европските интеграции
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, се сретна со еврокомесарот за соседство и проширување, Оливер Вархељ, во Луксембург.
Во фокусот на разговорите беа приоритетите и активностите на новата Влада, како и актуелностите поврзани со европското досие на земјата.
„Новата Влада е силно посветена на реформската агенда и европските интеграции, а во периодот што следува ќе преземеме низа активности во насока на забрзување на нашиот евроинтегративен процес. Политиката на проширување на ЕУ е најдобрата алатка за поттикнување на реформските и демократските процеси, но истовремено е и клучна геостратешка инвестиција во мир, стабилност и економски развој на земјите од регионот, но и Европа како целина“, нагласи Муцунски.
Соговорниците разменија мислења и за планот за раст на ЕУ оценувајќи го како силна поддршка од страна на ЕУ за економско зајакнување на земјите од Западен Балкан, поттикнување на регионалната соработка, но и доближување на земјите од регионот поблиску до ЕУ и пред формалното членство.
