Надворешна политика
Ципрас: Тешко е да се дојде до решавање на спорот за името доколку некој тежнее кон национализам

Предуслов за надминување на спорот меѓу Грција и Македонија околу името е да има желба на двете страни да се најде решение, изјави грчкиот премиер Алексис Ципрас во вторникот за време на својата посета на Белград.
„Во последните неколку години покажавме видлива трпеливост. Сакаме да се реши проблемот, но тешко е да се дојде до решение доколку некој инсистира на непријателски ставови и тежнее кон национализам што не е во согласност со нашите ставови“, рече Ципрас.
На прашањето дали Србија може да помогне во решавањето на спорот меѓу Грција и Македонија, српскиот премиер Вучиќ посочи дека Србија е мала земја за да може да решава светски прашања, но додаде дека е подготвена да учествува во разговорите доколку некој го побара тоа.
„Ние сме мала земја за сами да ја преземеме улогата за решавање на големи прашања… Но, подготвени сме да помогнеме доколку од нас побараат. Сепак, нема сами да инсистираме“, порача српскиот премиер./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски во САД се сретна со високи претставници на Стејт департментот

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски, престојува во работна посета на САД, каде што имаше работна средба со високи претставници на Стејт департментот.
Во рамките на средбата со Стивен Џи, директор во Директоратот за јужноцентрална Европа, и Бенсон Сивек, офицер, кој е одговорен за Македонија, беа потврдени одличните билатерални односи помеѓу нашата држава и САД, кои неопходно е во иднина да продолжат да се надградуваат во духот на стратешкото партнерство помеѓу двете земји.
Муцунски уште еднаш ја потврди заложбата на ВМРО-ДПМНЕ за итни и темелни реформи во правосудниот систем, но и забрзан економски развој, кои ќе бидат одговор на високото ниво на криминал и корупција и тешката економска состојба во државата.
Во рамките на посетата на САД, Муцунски во следните неколку дена ќе оствари средби со членови на Конгресот, високи претставници на меѓународните организации и ќе присуствува на националниот молитвен појадок, кој ќе се одржи утре во Вашингтон.
Македонија
Грковска – Шахин: Поддршката на САД за интеграција на Македонија во ЕУ клучен сегмент за стабилноста во Балканскиот Регион

Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, во рамките на работната посета на Вашингтон, САД, синоќа оствари средба со сенаторката Џин Шахин, претседавач со Поткомитетот за надворешни прашања за Европа и регионална безбедносна соработка на Сенатот.
За време на конструктивната средба имаше дискусија за одлуките што Владата ги донесе за да се остварат драстични промени во насока на почнување на преговарачкиот процес со ЕУ и влезот во НАТО, како и позитивниот пример што Северна Македонија им го дава за земјите во регионот.
Меѓу другото, сенаторката отворено ја истакна својата поддршка за што побрзо почнување на процесот за преговори со Европската Унија, кои се од клучна важност како за Северна Македонија така и за стабилноста и безбедноста во регионот.
Вицепремиерката Грковска истакна дека одлуките што беа донесени се знак дека државата се движи во вистинска насока кон остварување на поставените цели, а за само три години беше постигнато толку многу што Северна Македонија стана полноправна членка на НАТО и сега веќе се наоѓаме во финалето за преговори со ЕУ. Дополни дека нашата држава е успешна приказна во регионот и ја истакна својата благодарност за целата поддршка во процесот на интеграции од страна на САД.
На средбата се разговараше и за една од најактуелните глобални теми – сајбер-безбедноста, при што вицепремиерката Грковска, чиј клучен фокус, меѓу другите, ѝ е токму процесот на дигитализација, накусо информира за сите отворени и претстојни процеси во доменот на дигитализацијата и сајбер-безбедноста.
Македонија
Османи-Борел: Со поддршка на ЕУ и дипломатска акција, ОБСЕ ќе придонесе за европска безбедност

Претседавачот на ОБСЕ Бујар Османи, денеска во Брисел се сретна со Жозеп Борел, Високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија. За време на посетата, Османи ја потенцираше природната и цврста врска меѓу ЕУ и ОБСЕ, како и сите земји учеснички на Организацијата, што е поволен простор за заедничка работа и исполнување на заедничките обврски. Македонија, како земја претседавач, строго ќе ги почитува основните принципи и вредности на ОБСЕ. Во фокус на Организацијата ќе биде Украина, односно човековата безбедност во време на регионална и глобална несигурност и нестабилност, потенцираше Османи.
„Нашето претседавање оваа година ќе се раководи од веќе договорените обврски на сите 57 земји учеснички на Организацијата. Нема да правиме компромиси кои ќе ги загрозат основните документи и со консензус усвоени одлуки на ОБСЕ. Најголемиот предизвик останува воената агресија на Русија врз Украина. Тоа е неоправдана војна врз независна држава, членка на ОБСЕ. Руската Федерација со воената агресија врз Украина, флагрантно го прекрши Хелсиншкиот завршен документ и сите заложби и принципи на Организацијата“, изјави претседавачот на ОБСЕ Османи.
Османи истакна дека ОБСЕ ги има сите механизми и алатки кои нудат конкретна поддршка за луѓето на сите земји учеснички во Организацијата, бидејќи како што потенцираше „на крајот од сè ‘За луѓето се работи’“. Тој истакна дека Северна Македонија своето знаење и искуство ќе го пренесе во регионот на ОБСЕ преку претседавање со Организацијата.
„Северна Македонија преку меѓуетничките односи, културата на дијалог што ја наметна, културата на компромис и добрососедските односи, создаде имиџ за државата, како и за препознатливост во меѓународната заедница. Ние сме модел во регионот за функционална мултиетничка демократија, со загарантирани права за сите заедници кои живеат во Северна Македонија“, посочи Османи.
На средбата Османи – Борел се зборуваше и за заложбата на ЕУ и тесната соработка со нејзините делегации во Скопје и Виена кои беа од клучна важност во сите фази од подготовката на Северна Македонија да го преземе претседавањето со ОБСЕ. Претседавачот на ОБСЕ ја потенцираше и важноста на соработката меѓу ОБСЕ и ЕУ што би придонела за функционалност на Организацијата.