Надворешна политика
Груевски на Хелбах му посочил дека „Македонците чувствуваат дека некој од соседна држава им ја крои судбината“
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски заедно со членовите на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Никола Попоски, Никола Тодоров и Илија Димовски во четвртокот остварија средба со специјалниот пратеник за Југоисточна Европа на германското министерство за надворешни работи Кристијан Хелбах и германската амбасадорка Кристине Алтхаузер, при што на средбата се разговарало за повеќе актуелни теми врзани со тековните политички случувања, како и тиранската платформа и плановите за наредниот период.
Од страна на ВМРО-ДПМНЕ беше истакнато дека она што се случи со тиранската платформа доаѓа во исклучително непријатно време. Мнозинството од Македонците се чувствуваат како некој друг, однадвор од соседна друга држава им ја крои судбината, дури и голем дел од оние кои гласаа за СДСМ сега се чуствуваат измамени бидејќи тие не гласаа за платформата која беше создадена по изборите. За време на изборите лидерот на СДСМ, Заев спомнуваше нешто за двојазичност, и ВМРО-ДПМНЕ тогаш јавно го праша што точно мисли и за каков вид на двојазичност, тогаш тој нè обвини дека тоа ние го измислуваме, додавајќи дека тоа е само „во главата на Груевски“, а сега по изборите излезе различно од тоа што тие го тврдеа и се докажа на дело за што станува збор.
На средбата со германскиот специјален претставник, ВМРО-ДПМНЕ посочи дека во постизборните разговори со ДУИ од страна на ВМРО-ДПМНЕ се разговараше само за унапредување на јазичните права во општините каде малцинските заедници се над 20 проценти, и за работи кои се поврзани со унапредување на човековите права, но она што е очигледно е дека од СДСМ добија подобра понуда и ја прифатија тиранската платформа која има многу поширок опсег.
Од страна на ВМРО-ДПМНЕ беше посочено дека договорот за коалицирање помеѓу СДСМ и ДУИ значи прекршување на принципот за коалицирање на „победник со победник“.
„Ние имаме една специфика во нашата земја, а тоа е дека ние сме мултиетничка држава. Во 2008-та година се воспостави принцип за коалицирање на победник со победник, односно победникот од македонскиот блок да коалицира со победникот од албанскиот блок. Во 2006-та направивме влада со втората по големина албанска партија и дотогаш немаше таква практика, но и немаше таква ситуација“, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Тогаш се говореше дека не смее победникот кај Албанците или кај Македонците да биде опозиција. Во таква ситуација се велеше дека со тоа се погазува волјата на мнозинството на Македонците или на Албанците. Тоа се дискутираше цели две години и сите други ни сугерираа дека тоа треба да биде составен дел од нашата демократија бидејќи сме мултиетничко општество, а тоа беше наведувано и од надворешните партнери, ЕК, САД и пријателските држави. Ние го прифативме тој принцип и на изборите во 2008-ма година освоивме повеќе од 51 проценти од пратеничките места во Парламентот. Можевме дури и сами да направиме влада, но бидејќи го прифативме тој принцип на коалицирање на победник со победник ние коалициравме со ДУИ што беше и на барање и на самата ДУИ“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Ние го почитувавме тоа и стана општо прифатено правило и сега ДУИ е прв пат ситуација да одбира помеѓу победникот на изборите ВМРО-ДПМНЕ или СДСМ. Според изборот на ДУИ сега мнозинството на Македонците треба да бидат опозиција во својата држава, а прекршувањето на тој принцип не значи обврска дека било кога понатаму тој ќе треба да се почитува, беше истакнато на средбата од страна на ВМРО-ДПМНЕ“, велат од партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ посочија дека првиот проблем е платформата, вториот проблем е кршењето на еден од основните принципи вграден во нашата демократија како специфика на коалицирање на победникот со победник, третиот проблем се процедуралните работи околу доделувањето на мандатот за кој може повеќе да каже претседателот на државата.
На средбата беше разговарано и за работата на Специјалното јавно обвинителство. Од страна на ВМРО-ДПМНЕ беше соопштено дека во однос на работењето на СЈО стана јасно дека со нивното дејствување се прави политички прогон и нивната намера е реализација на одредени политички цели, а не за правно регулирање на некои настани кои се случиле.
Ние го прифативме нивното постоење затоа што мислевме дека ќе дојдат да работат независни правници кои ќе дејствуваат според факти и докази и такви беа целите на нивното основање. Но таму има политички тим на СДСМ и се бори политички да ни наштети, по секоја цена и без никакви докази. Тоа е реалноста, нивната цел е да покренат што повеќе истраги и обвиненија без никакви докази но со цел да ја искомпромитираат партијата, беше истакнато од страна на ВМРО-ДПМНЕ.
Од страна на специјалниот пратеник Хелбах беше посочено дека Германија е пријателска држава на Република Македонија и со внимание ја следи актуелната политичка состојба. Германија ќе остане неутрална, но она што ја интересира е постигнување на стабилност за остварување на понатамошен прогрес, истакна специјалниот пратеник на германското МНР, Хелбах, соопштуваат од партијата./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба на претседателите на Собранијата на Македонија и Украина, Митрески и Стефанчук
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Јован Митрески, во рамките на посетата на Киев по повод втората годишнина од почетокот на руската воена агресија врз Украина, оствари средба со претседателот на Врховната рада на Украина, Руслан Стефанчук.
Претседателот Митрески изрази благодарност за поканата и нагласи дека посетата претставува потврда на цврстата и непоколеблива поддршка на Република Северна Македонија за Украина, на сите полиња. Тој нагласи дека уште од самиот почеток силно ја осудуваме руската агресија против Украина, континуирано ја потврдуваме нашата поддршка за украинскиот територијален интегритет, суверенитет и целовитост и изразуваме целосна поддршка на правото на самоодбрана на земјата.
Претседателот на Собранието истакна дека Северна Македонија целосно се приклучи на сите рестриктивни мерки и санкции на ЕУ кон Руската Федерација, ко-спонзорираше бројни резолуции и иницијативи во однос на Украина, а упати и воена и хуманитарна помош за земјата.
Македонија
Средба Османи – Кулеба во ОН Њујорк: Европската Унија е наша заедничка иднина
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, на 23 февруари 2024 година, оствари средба со министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба, во седиштето на Обединетите нации во Њујорк, на маргините на 56. пленарен состанок на 78. седница на Генералното Собрание.
Средбата се одржа со цел да се даде поддршка на Украина на денот на одбележувањето на две-годишнината од почетокот на руската агресија во Украина, при што Османи потенцира дека е многу важно да продолжи поддршката на Украина, бидејќи ако Русија победи во Украина, тогаш ние сме следните.
Министерот Османи, на средбата, истакна дека денес Руската Федерација е најголемата закана за безбедноста на Европа, на Западен Балкан, но и на Република Северна Македонија.
“Важно е да имаме стратешка предвидливост во нашата држава, со цел конечно да кажеме “Не” за Русија и “Да” за интегративните европски процеси на Западниот Балкан и на Република Северна Македонија”, рече Османи.
Додека, Министерот Кулеба, истакнувајќи го фактот дека Северна Македонија цврсто застана зад Украина во текот на двете години агресија, упати благодарност до граѓаните на Северна Македонија, како и благодарност до Министерот Османи за неговото лидерство и поддршка.
“Нашата иднина е заедничка, таа иднина е Европската Унија, која воедно претставува и иднина за мир и просперитет, рече Кулеба.
Двајцата Министри имаа свои обраќња пред Генералното собрание на Обединетите нации, каде упатија јасни пораки против рускат агресија врз Украина.
Македонија
(Видео) Oсмани од ОН во Њујорк: Мораме да и кажеме не на Русија
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денес се обрати од седиштето на Обединетите нации во Њујорк, на 56. пленарен состанок на 78-та седница на Генералното собрание, по повод две години од инвазијата на Русија врз Украина, кој се одржа на тема: Ситуацијата во привремено окупираните територии на Украина.
Османи, уште еднаш, ја повика Русија да ја прекине оваа бесмислена војна и да ги повлече своите трупи од суверената територија на Украина.
„Русија ги прекрши основните принципи на меѓународното право и започна целосна агресивна војна против Украина, земја членка на ОН’’, истакна Османи.
Воедно, министерот потенцираше дека Северна Македонија е исто така силно загрижена и ја осудува незаконската депортација на децата од Украина во Русија и Белорусија од страна на Руската федерација и ги повика да обезбедат нивно безбедно враќање дома.
„Мораме да и кажеме не на Русија! Правдата и одговорноста мора да надвладеат”, рече Османи, воедно додаде дека Северна Македонија им се придружи на другите 140 земји-членки за поддршка на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во нејзините меѓународно признати граници од 1991 година.
Османи повика на обединетост во поддршката за Украина, не само за доброто на жртвите и нивните семејства, туку и како предуслови за избегнување на понатамошни агресии и неиспровоцирана употреба на сила во меѓународните односи.