Надворешна политика
Бејли: Предизвиците со кои се соочува Македонија бараат транспарентно и независно судство
Предизвиците со кои се соочува Македонија укажуваат на фактот дека е многу важно да имате непристрасен, транспарентен, независен судски систем, а тоа е нешто што го посакуваат вашите граѓани, како и граѓаните на секоја земја, изјави во петокот во Скопје америкaнскиот амбасадор во земјава, Џес Бејли.
„Прашањето за довербата на македонското општество во правосудството е прашање за македонските граѓани. Овде сме да им помогнеме да ја поттикнеме таа доверба. Нема да судам дали системот е подготвен да суди за овој или оној случај. Предизвиците со кои се соочува Македонија укажуваат на фактот дека е многу важно да имате непристрасен, транспарентен, независен судски систем. Тоа е нешто што вашите граѓани го посакуваат и што го посакуваат граѓаните на секоја земја“, изјави Бејли, запрашан околу тоа дали македонското правосудство има капацитет да решава случаи како „Пуч“.
Бејли во изјавата по обраќањето пред учесниците на обуката за примена на новиот Закон за одредување на видот и одмерување на висината на казната, потенцираше дека клучна компонента на секој правосуден систем е довербата која ја ужива кај граѓаните.
Според резултатите од анкетата од минатиот септември, додава, довербата на граѓаните во македонското судство е ниска, имајќи предвид дека две третини од нив изјавиле дека немаат доверба во судството.
„Денешниот семинар се однесува токму на еден од елементите кои се важни за градење на довербата во правосудството преку обезбедување насоки за изрекување на казните. Тие ќе овозможат да се осигури дека за слични криминални дела направени под слични криминални факти и околности ќе бидат изрекувани слични казни. Тоа досега не беше случај во Македонија, а во одреден степен ниту во САД. Но, ние развивме систем на насоки за изрекување казни кои за судиите обезбедуваат рамка при нивното изрекување во индивидуални случаи со комбинирање на неколку фактори. Сепак, најважната придобивка од овие насоки-водилки е зголемување на транспарентноста, правичноста и предвидливоста што се заедно води кон зголемување на довербата на граѓаните во нивното правосудство. Затоа ова е многу важен чекор и иако можеби наизглед е техничко прашање, воопшто не е. Тоа е многу важна работа за да се обезбеди основниот елемент кој е потребен во секоја демократија“, порача американскиот амбасадорот.
Министерот за правда Аднан Јашари, пак, истакна дека Владата и Министерството посветуваат големо внимание на севкупниот рефомски процес на кривично-правниот систем чија цел е модернизација на кривичното правосудство и негова компатибилност со европското правосудство. Во тој контекст е и донесувањето на новиот Закон за одредување на видот и одмерување на висината на казната, на кој му претходеа бројни анализи кои покажаа дека казнената политика на судовите во изрекувањето на казните е невоедначена и се карактеризира со изрекување на преблаги казни, најчесто под минимумот одреден со Казнениот закон./крај/мф/бс
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба на претседателите на Собранијата на Македонија и Украина, Митрески и Стефанчук
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Јован Митрески, во рамките на посетата на Киев по повод втората годишнина од почетокот на руската воена агресија врз Украина, оствари средба со претседателот на Врховната рада на Украина, Руслан Стефанчук.
Претседателот Митрески изрази благодарност за поканата и нагласи дека посетата претставува потврда на цврстата и непоколеблива поддршка на Република Северна Македонија за Украина, на сите полиња. Тој нагласи дека уште од самиот почеток силно ја осудуваме руската агресија против Украина, континуирано ја потврдуваме нашата поддршка за украинскиот територијален интегритет, суверенитет и целовитост и изразуваме целосна поддршка на правото на самоодбрана на земјата.
Претседателот на Собранието истакна дека Северна Македонија целосно се приклучи на сите рестриктивни мерки и санкции на ЕУ кон Руската Федерација, ко-спонзорираше бројни резолуции и иницијативи во однос на Украина, а упати и воена и хуманитарна помош за земјата.
Македонија
Средба Османи – Кулеба во ОН Њујорк: Европската Унија е наша заедничка иднина
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, на 23 февруари 2024 година, оствари средба со министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба, во седиштето на Обединетите нации во Њујорк, на маргините на 56. пленарен состанок на 78. седница на Генералното Собрание.
Средбата се одржа со цел да се даде поддршка на Украина на денот на одбележувањето на две-годишнината од почетокот на руската агресија во Украина, при што Османи потенцира дека е многу важно да продолжи поддршката на Украина, бидејќи ако Русија победи во Украина, тогаш ние сме следните.
Министерот Османи, на средбата, истакна дека денес Руската Федерација е најголемата закана за безбедноста на Европа, на Западен Балкан, но и на Република Северна Македонија.
“Важно е да имаме стратешка предвидливост во нашата држава, со цел конечно да кажеме “Не” за Русија и “Да” за интегративните европски процеси на Западниот Балкан и на Република Северна Македонија”, рече Османи.
Додека, Министерот Кулеба, истакнувајќи го фактот дека Северна Македонија цврсто застана зад Украина во текот на двете години агресија, упати благодарност до граѓаните на Северна Македонија, како и благодарност до Министерот Османи за неговото лидерство и поддршка.
“Нашата иднина е заедничка, таа иднина е Европската Унија, која воедно претставува и иднина за мир и просперитет, рече Кулеба.
Двајцата Министри имаа свои обраќња пред Генералното собрание на Обединетите нации, каде упатија јасни пораки против рускат агресија врз Украина.
Македонија
(Видео) Oсмани од ОН во Њујорк: Мораме да и кажеме не на Русија
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денес се обрати од седиштето на Обединетите нации во Њујорк, на 56. пленарен состанок на 78-та седница на Генералното собрание, по повод две години од инвазијата на Русија врз Украина, кој се одржа на тема: Ситуацијата во привремено окупираните територии на Украина.
Османи, уште еднаш, ја повика Русија да ја прекине оваа бесмислена војна и да ги повлече своите трупи од суверената територија на Украина.
„Русија ги прекрши основните принципи на меѓународното право и започна целосна агресивна војна против Украина, земја членка на ОН’’, истакна Османи.
Воедно, министерот потенцираше дека Северна Македонија е исто така силно загрижена и ја осудува незаконската депортација на децата од Украина во Русија и Белорусија од страна на Руската федерација и ги повика да обезбедат нивно безбедно враќање дома.
„Мораме да и кажеме не на Русија! Правдата и одговорноста мора да надвладеат”, рече Османи, воедно додаде дека Северна Македонија им се придружи на другите 140 земји-членки за поддршка на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во нејзините меѓународно признати граници од 1991 година.
Османи повика на обединетост во поддршката за Украина, не само за доброто на жртвите и нивните семејства, туку и како предуслови за избегнување на понатамошни агресии и неиспровоцирана употреба на сила во меѓународните односи.