Надворешна политика
Бесими – Курц: Поддршка од Австрија за евроинтеграцијата на Македонија
Вицепремиерот за евроинтеграции Фатмир Бесими престојува во еднодневна работна посета на Виена, каде оствари средба со австрискиот министер за надворешни работи, Себастијан Курц, генералниот секретар и политичкиот директор во австриското МНР, Михаел Линхарт односно Јан Кикерт.
На средбата беше разговарано за процесот на интеграцијата на Македонија, како и за последните постигнувања на земјата во однос на членството во Европската унија (ЕУ), при што Бесими потенцираше дека европската интеграција останува стратешки приоритет за нашата држава и граѓаните на Република Македонија.
Бесими информираше дека Владата продолжува посветено да работи на реформите во доменот на владеење на правото, изборната реформа, слободата на изразување и медиумите, судството, борбата против корупцијата и организираниот криминал, унапредувањето на меѓуетничките односи, базирани на принципот на меѓусебно почитување и толеранција, како и зголемување на економскиот раст и вработувањето. Во тој контекст, Бесими се осврна на клучните постигнувања во изминатиот период, кои се во насока на натамошно усогласување на националното законодавство со европското право и унапредување на досието за спроведувањето на законите.
„Со оглед на напорите преземени од страна на Владата во поглед на реформскиот процес, очекуваме прогресот да биде забележан во есенскиот извештај за напредок на Европската комисија и уште еднаш да ни се повтори препораката за почеток на преговорите. Отпочнувањето на преговорачкиот процес и зачленувањето во Унијата е од исклучително значење во поглед на иднината на мојата земја“, додаде Бесими.
Бесими изрази благодарност за заложбата на Австрија за вклучување на земјите од западен Балкан во ЕУ, а особено за поддршката за отпочнување на пристапните преговори со Македонија, потврдена на јунската и минатонеделната Конференција за западен Балкан, како и Конференцијата предвидена за наредната година, чиј домаќин ќе биде токму Австрија. Регионалните иницијативи од овој тип може да придонесат кон заедничко надминување на предизвиците, со цел поскора интеграција на регионот во Европската унија.
Двете земји годинава бележат 20 години од воспоставување на дипломатските односи, имаат одлична билатерална соработка на политичко и економско ниво, Австрија е значаен, втор по големина странски инвеститор во Македонија, со инвестиции од околу 485 милиони евра. Австриските компании се присутни во енергетиката, телекомуникациите, банкарството, осигурувањето, главно во услужниот сектор, истакна Бесими.
Двајцата соговорници истакнаа дека очекуваат успешната соработка во областите на животна средина, образованието и науката, културата, економскиот развој, внатрешните работи, одбраната, здравството, како и поддршката во евроинтегративниот процес на Македонија да продолжи и во иднина./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба на претседателите на Собранијата на Македонија и Украина, Митрески и Стефанчук
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Јован Митрески, во рамките на посетата на Киев по повод втората годишнина од почетокот на руската воена агресија врз Украина, оствари средба со претседателот на Врховната рада на Украина, Руслан Стефанчук.
Претседателот Митрески изрази благодарност за поканата и нагласи дека посетата претставува потврда на цврстата и непоколеблива поддршка на Република Северна Македонија за Украина, на сите полиња. Тој нагласи дека уште од самиот почеток силно ја осудуваме руската агресија против Украина, континуирано ја потврдуваме нашата поддршка за украинскиот територијален интегритет, суверенитет и целовитост и изразуваме целосна поддршка на правото на самоодбрана на земјата.
Претседателот на Собранието истакна дека Северна Македонија целосно се приклучи на сите рестриктивни мерки и санкции на ЕУ кон Руската Федерација, ко-спонзорираше бројни резолуции и иницијативи во однос на Украина, а упати и воена и хуманитарна помош за земјата.
Македонија
Средба Османи – Кулеба во ОН Њујорк: Европската Унија е наша заедничка иднина
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, на 23 февруари 2024 година, оствари средба со министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба, во седиштето на Обединетите нации во Њујорк, на маргините на 56. пленарен состанок на 78. седница на Генералното Собрание.
Средбата се одржа со цел да се даде поддршка на Украина на денот на одбележувањето на две-годишнината од почетокот на руската агресија во Украина, при што Османи потенцира дека е многу важно да продолжи поддршката на Украина, бидејќи ако Русија победи во Украина, тогаш ние сме следните.
Министерот Османи, на средбата, истакна дека денес Руската Федерација е најголемата закана за безбедноста на Европа, на Западен Балкан, но и на Република Северна Македонија.
“Важно е да имаме стратешка предвидливост во нашата држава, со цел конечно да кажеме “Не” за Русија и “Да” за интегративните европски процеси на Западниот Балкан и на Република Северна Македонија”, рече Османи.
Додека, Министерот Кулеба, истакнувајќи го фактот дека Северна Македонија цврсто застана зад Украина во текот на двете години агресија, упати благодарност до граѓаните на Северна Македонија, како и благодарност до Министерот Османи за неговото лидерство и поддршка.
“Нашата иднина е заедничка, таа иднина е Европската Унија, која воедно претставува и иднина за мир и просперитет, рече Кулеба.
Двајцата Министри имаа свои обраќња пред Генералното собрание на Обединетите нации, каде упатија јасни пораки против рускат агресија врз Украина.
Македонија
(Видео) Oсмани од ОН во Њујорк: Мораме да и кажеме не на Русија
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денес се обрати од седиштето на Обединетите нации во Њујорк, на 56. пленарен состанок на 78-та седница на Генералното собрание, по повод две години од инвазијата на Русија врз Украина, кој се одржа на тема: Ситуацијата во привремено окупираните територии на Украина.
Османи, уште еднаш, ја повика Русија да ја прекине оваа бесмислена војна и да ги повлече своите трупи од суверената територија на Украина.
„Русија ги прекрши основните принципи на меѓународното право и започна целосна агресивна војна против Украина, земја членка на ОН’’, истакна Османи.
Воедно, министерот потенцираше дека Северна Македонија е исто така силно загрижена и ја осудува незаконската депортација на децата од Украина во Русија и Белорусија од страна на Руската федерација и ги повика да обезбедат нивно безбедно враќање дома.
„Мораме да и кажеме не на Русија! Правдата и одговорноста мора да надвладеат”, рече Османи, воедно додаде дека Северна Македонија им се придружи на другите 140 земји-членки за поддршка на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во нејзините меѓународно признати граници од 1991 година.
Османи повика на обединетост во поддршката за Украина, не само за доброто на жртвите и нивните семејства, туку и како предуслови за избегнување на понатамошни агресии и неиспровоцирана употреба на сила во меѓународните односи.