Надворешна политика
Членството на Македонија во ЕУ е стратешки интерес на Италија
Членството на Македонија во Европската унија (ЕУ) е од стратешки интерес на Италија и е нешто што е важно за стабилноста, безбедноста и економскиот просперитет, порача шефицата на италијанската дипломатија и актуелен претседавач со Европскиот совет, Федерика Могерини во петокот по средбата со својот македонски колега Никола Попоски во Скопје.
Според Могерини, нејзината посета на земјите од регионот во почетокот на италијанското претседателство со ЕУ упатува јасна порака на поддршка.
„Одлучивме на почетокот на италијанското претседателство да го започнеме со посета на сите шест земји од Западниот Балкан, за да испратиме значаен сигнал. Пораката која што сакаме да ја упатиме е дека Италија, како член на ЕУ, цврсто верува дека интеграцијата на Западен Балкан, вклучително и на Македонија, е наш стратешки интерес и како таков, мораме да го поддржуваме. Важно е да го оствариме тој интерес заради стабилноста, безбедноста и економскиот просперитет. Поврзани сме на многу нивоа, а процесот на интеграција нема да биде завршен се додека Западен Балкан не стане дел од ЕУ. Заедно со земјите од регионот треба да направиме конкретни чекори кон остварувањето на оваа цел. Самите земји кои сакаат да се зачленат мораат да го направат тоа, но мора и самите земји членки да направат чекори“, изјави Могерини.
И според шефот на македонската дипломатија Попоски, клучот во евроинтеграцијата на регионот е во заедничките чекори на земјите аспиранти за членство, како и на земјите членки на Унијата.
„Познато е дека почетокот за преговори за членството на Македонија во ЕУ во повеќе наврати се одложува поради недостиг на согласност на сите земји членки. Потребна е посветеност од сите страни и сите земји членки кон исполнување на меѓународноправните обврски и задржување на основниот дух и основните вредности и принципи на кои е заснована ЕУ. Македонија останува посветена на сите реформи кои се значајни и клучни за членството во ЕУ и отпочнувањето на почетокот на преговорите. Значајно е ЕУ да го прави тоа што најдобро што го прави, а тоа е создавање на стандарди за мирна и обединета, економски развиена Европа, а таа цел се постигнува најдобро доколку билатералните проблеми на најдобар начин се решаваат за време на процесот на пристапувањето кон ЕУ“, смета Попоски.
Запрашана за тоа како Италија може да влијае во решавањето на спорот за името меѓу Македонија и Грција, Могерини одговори дека Рим го поддржува и поттикнува процесот кој се води во рамките на Обединетите нации (ОН), но дека конкретниот напредок може да биде направен со дијалогот меѓу Атина и Скопје.
„Во однос на конкретно дејствување, ова прашање се решава се одвива во рамките на ОН, ние го поттикнуваме тој процес, но што се однесува до улогата на ЕУ во ова прашање, ние ќе ја дадеме нашата политички и дипломатска поддршка во однос на сите чекори што би следеле. Меѓутоа реалните постапки треба да се преземат тука во регионот. Има и други прашања, освен прашањето за името, каде Скопје може да преземе конкретни чекори, а тоа се внатрешниот дијалог и спроведувањето на реформите, и овие чекори треба да се преземат внатре во земјата“, порача шефицата на италијанската дипломатија.
Покрај средбата со Попоски, за време на својот еднодневен престој во Македонија, Могерини оствари средби и со претседателот Ѓорге Иванов, премиерот Никола Груевски и вицепремиерот за евроинтеграции Фатмир Бесими./крај/мф/дпл/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба на претседателите на Собранијата на Македонија и Украина, Митрески и Стефанчук
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Јован Митрески, во рамките на посетата на Киев по повод втората годишнина од почетокот на руската воена агресија врз Украина, оствари средба со претседателот на Врховната рада на Украина, Руслан Стефанчук.
Претседателот Митрески изрази благодарност за поканата и нагласи дека посетата претставува потврда на цврстата и непоколеблива поддршка на Република Северна Македонија за Украина, на сите полиња. Тој нагласи дека уште од самиот почеток силно ја осудуваме руската агресија против Украина, континуирано ја потврдуваме нашата поддршка за украинскиот територијален интегритет, суверенитет и целовитост и изразуваме целосна поддршка на правото на самоодбрана на земјата.
Претседателот на Собранието истакна дека Северна Македонија целосно се приклучи на сите рестриктивни мерки и санкции на ЕУ кон Руската Федерација, ко-спонзорираше бројни резолуции и иницијативи во однос на Украина, а упати и воена и хуманитарна помош за земјата.
Македонија
Средба Османи – Кулеба во ОН Њујорк: Европската Унија е наша заедничка иднина
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, на 23 февруари 2024 година, оствари средба со министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба, во седиштето на Обединетите нации во Њујорк, на маргините на 56. пленарен состанок на 78. седница на Генералното Собрание.
Средбата се одржа со цел да се даде поддршка на Украина на денот на одбележувањето на две-годишнината од почетокот на руската агресија во Украина, при што Османи потенцира дека е многу важно да продолжи поддршката на Украина, бидејќи ако Русија победи во Украина, тогаш ние сме следните.
Министерот Османи, на средбата, истакна дека денес Руската Федерација е најголемата закана за безбедноста на Европа, на Западен Балкан, но и на Република Северна Македонија.
“Важно е да имаме стратешка предвидливост во нашата држава, со цел конечно да кажеме “Не” за Русија и “Да” за интегративните европски процеси на Западниот Балкан и на Република Северна Македонија”, рече Османи.
Додека, Министерот Кулеба, истакнувајќи го фактот дека Северна Македонија цврсто застана зад Украина во текот на двете години агресија, упати благодарност до граѓаните на Северна Македонија, како и благодарност до Министерот Османи за неговото лидерство и поддршка.
“Нашата иднина е заедничка, таа иднина е Европската Унија, која воедно претставува и иднина за мир и просперитет, рече Кулеба.
Двајцата Министри имаа свои обраќња пред Генералното собрание на Обединетите нации, каде упатија јасни пораки против рускат агресија врз Украина.
Македонија
(Видео) Oсмани од ОН во Њујорк: Мораме да и кажеме не на Русија
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денес се обрати од седиштето на Обединетите нации во Њујорк, на 56. пленарен состанок на 78-та седница на Генералното собрание, по повод две години од инвазијата на Русија врз Украина, кој се одржа на тема: Ситуацијата во привремено окупираните територии на Украина.
Османи, уште еднаш, ја повика Русија да ја прекине оваа бесмислена војна и да ги повлече своите трупи од суверената територија на Украина.
„Русија ги прекрши основните принципи на меѓународното право и започна целосна агресивна војна против Украина, земја членка на ОН’’, истакна Османи.
Воедно, министерот потенцираше дека Северна Македонија е исто така силно загрижена и ја осудува незаконската депортација на децата од Украина во Русија и Белорусија од страна на Руската федерација и ги повика да обезбедат нивно безбедно враќање дома.
„Мораме да и кажеме не на Русија! Правдата и одговорноста мора да надвладеат”, рече Османи, воедно додаде дека Северна Македонија им се придружи на другите 140 земји-членки за поддршка на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во нејзините меѓународно признати граници од 1991 година.
Османи повика на обединетост во поддршката за Украина, не само за доброто на жртвите и нивните семејства, туку и како предуслови за избегнување на понатамошни агресии и неиспровоцирана употреба на сила во меѓународните односи.