Надворешна политика
Груевски учествуваше на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Виена
Македонскиот премиер Никола Груевски во четвртокот заедно со владина делегација, учествуваше на Виенскиот самит што се одржува во Австрија, на кој присуствуваат шефови на влади на земјите од Западен Балкан и од земји членки на Европската Унија.
Самитот се одржува како континуитет на Берлинскиот процес, инициран со Берлинската конференција за Западен Балкан, која се одржа под покровителство на германската канцеларка Ангела Меркел минатата година.
Во рамките на воведната премиерска панел дискусија на која беше разгледана на економската ситуација и реформскиот процес во земјите од Западниот Балкан, учество зема и премиерот Груевски.
Тој посочи дека заедничка визија е Берлинскиот процес да ја забрза нашата евроинтеграција и да резултира со креирање на начелна временска рамка за пристапување.
Од исклучителна важност е поддршката што стратешки партнери од ЕУ ја даваат преку Берлинскиот процес, како преку политичкото внимание, така и преку вниманието во економијата, бизнисот, инвестициите и интересот за соработка и поддршка со конкретни развојни проекти, истакна премиерот Груевски.
Претседателот на владата се задржа и на економските резултати кои ги постигнува Македонија.
„Во првиот квартал од 2015 година бруто домашниот производ (БДП) забележа годишен реален раст од 3,2 отсто по растот од 2,7 проценти остварен во претходниот квартал, додека во 2015 година економскиот раст се очекува да изнесува 3,5 отсто, а извозот на стоки и услуги во 2015 година се очекува да забележи реален раст од 6,3 отсто, показатели кои значително охрабруваат и покажуваат решителност во остварување на целта за економски прогрес“, додаде Груевски.
На крајот премиерот Груевски посочи дека од исклучително значење е позитивното влијание кое го има ЕУ, Германија и Австрија кои учествуваат во реформите кои се спроведуваат во земјите од регионот, и ја истакна заедничката посветеност кон надминување на предизвиците и инвестирање во соработка која ќе ги направи незначајни границите и препреките и ќе обезбеди полн капацитет за сестран развој, и реализација на финалната цел интеграција на целиот регион во Европската Унија.
Во рамките на самитот премиерот Груевски имаше можност да разговара со германскиот канцелар, Ангела Меркел и комесарот на ЕУ, Јоханес Хан на повеќе различни теми како што се интеграциските процеси на Македонија, политичката состојба и заедничкиот предизвик со илегалните мигранти.
Во поздравното обраќање австрискиот канцелар Вернер Фајман истакна дека целта на самитот е континуиран напредок на интеграциските процеси кои се важни и за Европската унија, но и за напредокот на државите од Западен Балкан.
„Потребно е фокусот да биде она што нé обединува, и она што е карактеристично за Австрија е тоа што има многу блиска политичка и економска соработка со Западниот Балкан. Односите се развиваат низ годините и за време на европската економска криза многу компании не заминаа од тој регион односно економското опкружување ги задржа“, истакна канцеларот Фајман.
Фајман се задржа и на прашањето со илегалните мигранти при што истакна дека е потребен заеднички и координиран ангажман на ЕУ и државите кои ги засега оваа појава.
Германската канцеларка Ангела Меркел имаше свое обраќање во кое истакна оптимизам за конкретни резултати.
„Проектите започнати со Берлинскиот процес ќе обезбедат работа, и значат надеж за регионот, ЕУ и европскиот комесар го поддржуваат ова и благодарение на самитот направивме да сме поблиску до видливи резултати“, изјави Меркел.
Во состав на владината делегација, покрај Груевски, се и вицепремиерот задолжен за економски прашања, Владимир Пешевски, министерот за надворешни работи, Никола Попоски и министерот за економија, Беким Незири. /крај/мф/ап
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба на претседателите на Собранијата на Македонија и Украина, Митрески и Стефанчук
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Јован Митрески, во рамките на посетата на Киев по повод втората годишнина од почетокот на руската воена агресија врз Украина, оствари средба со претседателот на Врховната рада на Украина, Руслан Стефанчук.
Претседателот Митрески изрази благодарност за поканата и нагласи дека посетата претставува потврда на цврстата и непоколеблива поддршка на Република Северна Македонија за Украина, на сите полиња. Тој нагласи дека уште од самиот почеток силно ја осудуваме руската агресија против Украина, континуирано ја потврдуваме нашата поддршка за украинскиот територијален интегритет, суверенитет и целовитост и изразуваме целосна поддршка на правото на самоодбрана на земјата.
Претседателот на Собранието истакна дека Северна Македонија целосно се приклучи на сите рестриктивни мерки и санкции на ЕУ кон Руската Федерација, ко-спонзорираше бројни резолуции и иницијативи во однос на Украина, а упати и воена и хуманитарна помош за земјата.
Македонија
Средба Османи – Кулеба во ОН Њујорк: Европската Унија е наша заедничка иднина
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, на 23 февруари 2024 година, оствари средба со министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба, во седиштето на Обединетите нации во Њујорк, на маргините на 56. пленарен состанок на 78. седница на Генералното Собрание.
Средбата се одржа со цел да се даде поддршка на Украина на денот на одбележувањето на две-годишнината од почетокот на руската агресија во Украина, при што Османи потенцира дека е многу важно да продолжи поддршката на Украина, бидејќи ако Русија победи во Украина, тогаш ние сме следните.
Министерот Османи, на средбата, истакна дека денес Руската Федерација е најголемата закана за безбедноста на Европа, на Западен Балкан, но и на Република Северна Македонија.
“Важно е да имаме стратешка предвидливост во нашата држава, со цел конечно да кажеме “Не” за Русија и “Да” за интегративните европски процеси на Западниот Балкан и на Република Северна Македонија”, рече Османи.
Додека, Министерот Кулеба, истакнувајќи го фактот дека Северна Македонија цврсто застана зад Украина во текот на двете години агресија, упати благодарност до граѓаните на Северна Македонија, како и благодарност до Министерот Османи за неговото лидерство и поддршка.
“Нашата иднина е заедничка, таа иднина е Европската Унија, која воедно претставува и иднина за мир и просперитет, рече Кулеба.
Двајцата Министри имаа свои обраќња пред Генералното собрание на Обединетите нации, каде упатија јасни пораки против рускат агресија врз Украина.
Македонија
(Видео) Oсмани од ОН во Њујорк: Мораме да и кажеме не на Русија
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денес се обрати од седиштето на Обединетите нации во Њујорк, на 56. пленарен состанок на 78-та седница на Генералното собрание, по повод две години од инвазијата на Русија врз Украина, кој се одржа на тема: Ситуацијата во привремено окупираните територии на Украина.
Османи, уште еднаш, ја повика Русија да ја прекине оваа бесмислена војна и да ги повлече своите трупи од суверената територија на Украина.
„Русија ги прекрши основните принципи на меѓународното право и започна целосна агресивна војна против Украина, земја членка на ОН’’, истакна Османи.
Воедно, министерот потенцираше дека Северна Македонија е исто така силно загрижена и ја осудува незаконската депортација на децата од Украина во Русија и Белорусија од страна на Руската федерација и ги повика да обезбедат нивно безбедно враќање дома.
„Мораме да и кажеме не на Русија! Правдата и одговорноста мора да надвладеат”, рече Османи, воедно додаде дека Северна Македонија им се придружи на другите 140 земји-членки за поддршка на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во нејзините меѓународно признати граници од 1991 година.
Османи повика на обединетост во поддршката за Украина, не само за доброто на жртвите и нивните семејства, туку и како предуслови за избегнување на понатамошни агресии и неиспровоцирана употреба на сила во меѓународните односи.