Надворешна политика
Иванов ги прими акредитивите од новоименуваните амбасадори на Данска и Алжир
Претседателот на Македонија, Ѓорге Иванов во вторникот ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Данска за Македонија, со седиште во Виена, Лиселоте Плеснер, и на новоименуваниот амбасадор на Алжир за Македонија, со седиште во Букурешт, Таоус Џелули.
На средбата со новоименуваниот амбасадор на Данска, Лиселоте Плеснер, Иванов изрази задоволство од успешниот развој на македонско-данските односи и од плодната соработка во разни области од заемен интерес, како и очекување од натамошно интензивирање и унапредување на соработката меѓу двете земји.
„Нашите стратешки определби се поврзани со што поскоро зачленување во Северноатлантската алијанса и во Европската унија. Остануваме силно посветени во исполнувањето на нашиот дел од обврските за просперитетна Европа. Сигурен сум дека европската и евроатлантската интеграциска определба и во иднина ќе претставува силен мост на поврзување во односите меѓу Република Македонија и Кралството Данска“, рече Иванов дополнувајќи дека Македонија ги негува истите европски вредности како и Данска.
Данскиот амбасадор Плеснер, порача дека двете држави, мали по големина, ги споделуваат вредностите и интересите во Европа којашто има корист од зголемена соработка, и изрази уверување дека за време на нејзиниот мандат ќе ги одржи и дополнително ќе ги зајакне одличните релации меѓу Република Македонија и Кралството Данска.
„Трговската размена меѓу двете земји заостанува од објективниот потенцијал, но јас верувам дека Вашиот позитивен развој кон членството во ЕУ ќе придонесе за подобрување на оваа состојба. Нашите две држави можат да се потпрат на своите традиции во трговијата и талентот за бизнис“, рече данскиот амбасадор, изразувајќи надеж за што поскоро зачленување на Македонија во евроатлантското семејство.
На средбата со новоименуваниот амбасадор на Алжир, Таоус Џелули, Иванов истакна дека во основата на односите меѓу двете земји постои дух на пријателство и меѓусебно разбирање, заедничка желба за нивно поинтензивно развивање како и за унапредување на соработката во сите сфери од заеднички интерес.
„Со oглед на фактот што постигнатата соработка меѓу двете земји во изминатиот период е далеку под објективните можности и потребите на двете земји, би сакал да ја истакнам нашата желба за збогатување на нормативно-правната рамка за уредување на билатералните односи и соработка, како и нашиот интерес за јакнење на економската соработка“, порача македонскиот претседател во поздравното обраќање.
Новиот алжирски амбасадор Џелули, ја истакна својата амбиција за развивање на врските на пријателство и соработка меѓу две земји кои нудат многубројни можности за искористување, и додаде дека за неа е голема чест што ќе биде амбасадор на Алжир во Македонија, земја чиј горд народ се соочил со бројни предизвици во текот на неговата историја.
„Нашите две нации поминаа низ тешки периоди кои, за среќа, успеаја да ги надминат. Остануваме соочени со голем број предизвици и закани, но имаме волја и определба да ги надминеме преку дијалог и соработка. Во таа смисла, одблиску ги следиме напорите кои ги правите за напредок и мир, особено во регионот на Балканот“, порача алжирскиот амбасадор.
Иванов на двајцата амбасадори им посака успешно извршување на одговорната дипломатска функција и им изрази поддршка во вршењето на должноста./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба на претседателите на Собранијата на Македонија и Украина, Митрески и Стефанчук
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Јован Митрески, во рамките на посетата на Киев по повод втората годишнина од почетокот на руската воена агресија врз Украина, оствари средба со претседателот на Врховната рада на Украина, Руслан Стефанчук.
Претседателот Митрески изрази благодарност за поканата и нагласи дека посетата претставува потврда на цврстата и непоколеблива поддршка на Република Северна Македонија за Украина, на сите полиња. Тој нагласи дека уште од самиот почеток силно ја осудуваме руската агресија против Украина, континуирано ја потврдуваме нашата поддршка за украинскиот територијален интегритет, суверенитет и целовитост и изразуваме целосна поддршка на правото на самоодбрана на земјата.
Претседателот на Собранието истакна дека Северна Македонија целосно се приклучи на сите рестриктивни мерки и санкции на ЕУ кон Руската Федерација, ко-спонзорираше бројни резолуции и иницијативи во однос на Украина, а упати и воена и хуманитарна помош за земјата.
Македонија
Средба Османи – Кулеба во ОН Њујорк: Европската Унија е наша заедничка иднина
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, на 23 февруари 2024 година, оствари средба со министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба, во седиштето на Обединетите нации во Њујорк, на маргините на 56. пленарен состанок на 78. седница на Генералното Собрание.
Средбата се одржа со цел да се даде поддршка на Украина на денот на одбележувањето на две-годишнината од почетокот на руската агресија во Украина, при што Османи потенцира дека е многу важно да продолжи поддршката на Украина, бидејќи ако Русија победи во Украина, тогаш ние сме следните.
Министерот Османи, на средбата, истакна дека денес Руската Федерација е најголемата закана за безбедноста на Европа, на Западен Балкан, но и на Република Северна Македонија.
“Важно е да имаме стратешка предвидливост во нашата држава, со цел конечно да кажеме “Не” за Русија и “Да” за интегративните европски процеси на Западниот Балкан и на Република Северна Македонија”, рече Османи.
Додека, Министерот Кулеба, истакнувајќи го фактот дека Северна Македонија цврсто застана зад Украина во текот на двете години агресија, упати благодарност до граѓаните на Северна Македонија, како и благодарност до Министерот Османи за неговото лидерство и поддршка.
“Нашата иднина е заедничка, таа иднина е Европската Унија, која воедно претставува и иднина за мир и просперитет, рече Кулеба.
Двајцата Министри имаа свои обраќња пред Генералното собрание на Обединетите нации, каде упатија јасни пораки против рускат агресија врз Украина.
Македонија
(Видео) Oсмани од ОН во Њујорк: Мораме да и кажеме не на Русија
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денес се обрати од седиштето на Обединетите нации во Њујорк, на 56. пленарен состанок на 78-та седница на Генералното собрание, по повод две години од инвазијата на Русија врз Украина, кој се одржа на тема: Ситуацијата во привремено окупираните територии на Украина.
Османи, уште еднаш, ја повика Русија да ја прекине оваа бесмислена војна и да ги повлече своите трупи од суверената територија на Украина.
„Русија ги прекрши основните принципи на меѓународното право и започна целосна агресивна војна против Украина, земја членка на ОН’’, истакна Османи.
Воедно, министерот потенцираше дека Северна Македонија е исто така силно загрижена и ја осудува незаконската депортација на децата од Украина во Русија и Белорусија од страна на Руската федерација и ги повика да обезбедат нивно безбедно враќање дома.
„Мораме да и кажеме не на Русија! Правдата и одговорноста мора да надвладеат”, рече Османи, воедно додаде дека Северна Македонија им се придружи на другите 140 земји-членки за поддршка на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во нејзините меѓународно признати граници од 1991 година.
Османи повика на обединетост во поддршката за Украина, не само за доброто на жртвите и нивните семејства, туку и како предуслови за избегнување на понатамошни агресии и неиспровоцирана употреба на сила во меѓународните односи.