Надворешна политика
Иванов: Интеграцијата во евро и евроатланските структури е неопходна за безбедност во регионот
Брзата интеграција во евро и евроатланските структури е неопходност за зголемувањето на безбедноста во земјите од регионот, порача претседателот Ѓорге Иванов во средата на вонредниот Самит од Процесот Брдо – Бриони, кој се одржа во Загреб, а на кој присуствуваа шефовите на земјите од регионот, како и американскиот потпретседател Џозеф Бајден, австрискиот претседател Хајнц Фишер и претседателот на Европскиот совет Доналд Туск.
Иванов нагласи дека во моментов регионот и цела Европа се оптоварен од прашањата со мигрантската криза и бегалците.
„Безбедносните прашања не се поттикнати само од настаните во Париз, туку на многу места на планетава се случуваат агресивни чинови кои се израз на одредени терористички акти. Во нашиот регион и покрај сета соработка што досега ја имаме и стекнатата доверба особено преку Брдо – Бриони процесот, сепак во сферата на безбедноста отсуствува соработка, размена на податоци и доверба за да се разменат чуствителни податоци од сферата на безбедноста“, изјави македонскиот претседател.
Според Иванов, на боиштата во Сирија и Ирак има повеќе од илјада борци кои потекнуваат од земјите од регионот, фактот што 60 отсто од нив се веќе вратени во регионот е состојба која загрижува.
„Затоа е неопходна соработка меѓу безбедносните служби и да се разменуваат чуствителни податоци за да не се случат слични настани и во нашиот регион какви што имаше во Париз“, нагласи Иванов, потенцирајќи дека наместо бројот на бегалците да се намалува како што доаѓа зимата, тој се зголемува.
„На македонско-грчката граница сега имаме илјадници луѓе од Мароко, Јемен, Северна Африка, Бангладеш, Пакистан,… Коридорот што беше отворен од бегалците од Сирија и Ирак сега го користат економски мигранти за да патуваат кон Европа. Сите земји се соочуваат со големи издатоци да им ги покријат хуманитарните потреби зашто им треба храна, вода и медицинска помош. Македонија веќе се ближи до 10 милини евра потрошени во овој период, а помош нема од никаде освен одредени симболични суми што ги добиваат нашите хуманитарни организации од други слични организации“, истакна Иванов.
Според македонскиот претседател ова укажува дека треба да се преземат мерки зашто земјите како Шведска преземаат мерки, а и Германија планира да направи исто, за што е свикан и Самитот меѓу ЕУ и Турција од каде доаѓаат најголем дел од бегалците и мигрантите.
Околу интергацијата на земјите од Југоисточна Европа во ЕУ и НАТО, пак, Иванов рече дека на претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, кој во неделата беше и во Македонија, му укажале што не е сторено од неговиот претходник.
„Најголема е одговорноста на Европскиот совет бидејќи таму се блокирани евроинтеграциите во случајот на Македонија. Сите земји од регионот напредуваат, а Македонија поради отвореното прашање што го има со Грција стои во место. Затоа и на средбата што ја имавме во Скопје и сега укажавме доколку ние ги завршиме нашите обврски и ако се заврши како што е планирано со постигнатиот политички договор за време на кризата и ако изборите поминат во најдобар ред, тогаш е неопходно да се промени статус-кво состојбата со македонските интеграции и конечно Македонија да го добие тоа што и припаѓа“, порача македонскиот претседател./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба на претседателите на Собранијата на Македонија и Украина, Митрески и Стефанчук
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Јован Митрески, во рамките на посетата на Киев по повод втората годишнина од почетокот на руската воена агресија врз Украина, оствари средба со претседателот на Врховната рада на Украина, Руслан Стефанчук.
Претседателот Митрески изрази благодарност за поканата и нагласи дека посетата претставува потврда на цврстата и непоколеблива поддршка на Република Северна Македонија за Украина, на сите полиња. Тој нагласи дека уште од самиот почеток силно ја осудуваме руската агресија против Украина, континуирано ја потврдуваме нашата поддршка за украинскиот територијален интегритет, суверенитет и целовитост и изразуваме целосна поддршка на правото на самоодбрана на земјата.
Претседателот на Собранието истакна дека Северна Македонија целосно се приклучи на сите рестриктивни мерки и санкции на ЕУ кон Руската Федерација, ко-спонзорираше бројни резолуции и иницијативи во однос на Украина, а упати и воена и хуманитарна помош за земјата.
Македонија
Средба Османи – Кулеба во ОН Њујорк: Европската Унија е наша заедничка иднина
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, на 23 февруари 2024 година, оствари средба со министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба, во седиштето на Обединетите нации во Њујорк, на маргините на 56. пленарен состанок на 78. седница на Генералното Собрание.
Средбата се одржа со цел да се даде поддршка на Украина на денот на одбележувањето на две-годишнината од почетокот на руската агресија во Украина, при што Османи потенцира дека е многу важно да продолжи поддршката на Украина, бидејќи ако Русија победи во Украина, тогаш ние сме следните.
Министерот Османи, на средбата, истакна дека денес Руската Федерација е најголемата закана за безбедноста на Европа, на Западен Балкан, но и на Република Северна Македонија.
“Важно е да имаме стратешка предвидливост во нашата држава, со цел конечно да кажеме “Не” за Русија и “Да” за интегративните европски процеси на Западниот Балкан и на Република Северна Македонија”, рече Османи.
Додека, Министерот Кулеба, истакнувајќи го фактот дека Северна Македонија цврсто застана зад Украина во текот на двете години агресија, упати благодарност до граѓаните на Северна Македонија, како и благодарност до Министерот Османи за неговото лидерство и поддршка.
“Нашата иднина е заедничка, таа иднина е Европската Унија, која воедно претставува и иднина за мир и просперитет, рече Кулеба.
Двајцата Министри имаа свои обраќња пред Генералното собрание на Обединетите нации, каде упатија јасни пораки против рускат агресија врз Украина.
Македонија
(Видео) Oсмани од ОН во Њујорк: Мораме да и кажеме не на Русија
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денес се обрати од седиштето на Обединетите нации во Њујорк, на 56. пленарен состанок на 78-та седница на Генералното собрание, по повод две години од инвазијата на Русија врз Украина, кој се одржа на тема: Ситуацијата во привремено окупираните територии на Украина.
Османи, уште еднаш, ја повика Русија да ја прекине оваа бесмислена војна и да ги повлече своите трупи од суверената територија на Украина.
„Русија ги прекрши основните принципи на меѓународното право и започна целосна агресивна војна против Украина, земја членка на ОН’’, истакна Османи.
Воедно, министерот потенцираше дека Северна Македонија е исто така силно загрижена и ја осудува незаконската депортација на децата од Украина во Русија и Белорусија од страна на Руската федерација и ги повика да обезбедат нивно безбедно враќање дома.
„Мораме да и кажеме не на Русија! Правдата и одговорноста мора да надвладеат”, рече Османи, воедно додаде дека Северна Македонија им се придружи на другите 140 земји-членки за поддршка на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во нејзините меѓународно признати граници од 1991 година.
Османи повика на обединетост во поддршката за Украина, не само за доброто на жртвите и нивните семејства, туку и како предуслови за избегнување на понатамошни агресии и неиспровоцирана употреба на сила во меѓународните односи.