Надворешна политика
Иванов лауреат на меѓународната награда „Иса бег Исаковиќ“ за 2016
Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов е добитник на годинашната меѓународна награда „Иса бег Исаковиќ“, што Босна и Херцеговина секоја година ја доделува на европски државници.
„Оваа награда ја примам како признание за Република Македонија и за македонските граѓани. Ова признание е особено значајно бидејќи е посветено на голем визионер кој зад себе оставил трајни материјални и духовни мостови на мир, соживот и соработка“, истакна претседателот Иванов по добивањето на наградата, што синоќа му беше врачена во Националниот театар во Сараево.
Обраќајќи се пред присутните гости, меѓу кои и голем број амбасадори, претседателот Иванов рече дека современи продолжувачи на делото на Иса бег Исаковиќ се поединците и организациите кои се вклучени во изградбата на Балканот како дел од отворениот европски простор.
„Оваа главна задача првенствено им припаѓа на лидерите на балканските држави кои се веќе дел од Европската унија. Тие, а и сите ние заедно, имаме споделена одговорност кон нашиот регион кому му го должиме нашиот идентитет, култура и нашата посебност“, рече Иванов.
Според него, таа споделена одговорност се состои во негување на врската што ја воспоставиле визионерите од минатото. „Да останеме верни на нивниот градителски дух. Да инвестираме во современите друмови, карван-сараи и чаршии, односно во патната и железничката инфраструктура, во трговската размена и во економската соработка. Преку дијалог да ја градиме меѓусебната доверба“, истакна претседателот Иванов.
Тој посочи дека како регион имаме се што ни е потребно – ресурси, традиција, креативни луѓе. Единствено што ни треба, рече, е одговорно лидерство.
„На нашиот регион му се потребни повеќе одговорни лидери кои ќе ги надминуваат тесните етнички, религиски и идеолошки рамки и ќе го градат и реформираат нашиот регион со дијалог, помирување и доверба“, нагласи претседателот Ѓорге Иванов во обраќањето по повод добивањето на наградата „Иса бег Исаковиќ“.
Во образложението за номинацијата на претседателот Иванов за оваа награда е наведено дека таа е белег на неговата искрена поддршка за БиХ во процесот на евроатланските интеграции, за мирољубивата политика што ја води во регионот, но и поради силните културни врски меѓу двете пријателски земји.
Претседавачот со Комитетот за доделување на меѓународната награда академик Вјекослав Герц истакна дека наградата на претседателот Иванов му е доделена како признание за извонреден државник, човек кој е европеец, космополит и кој има исклучителна духовна ширина.
„Тој многу придонесе за европската култура и воедно е интелектуалец во смисла како што беа Волтер, Емил Зола, Виктор Иго. Освен тоа, по ширината на својот дух и својот интелект и делување, потсетува на големите државници интелектуалци, како што беа Жорж Клемансо, Вацлав Хавел. Според тоа, тој зазема посебно место, бидејќи нас не врзува и заедничка историја“, истакна Герц.
Комитетот во образложението на својата одлука, во однос на лауреатот Иванов истакнува дека станува збор за хуманист, доктор на правни науки, чиј целокупен опус е насочен на изградба на демократијата во поделените општества. „Претседателот Иванов веќе со години е еден од најагилните лидери во однос на регионалната соработка и помирување“, истакнуваат членовите на Комитетот.
Доделувањето на наградата беше проследено со концерт на Македонската филхармонија, а целиот настан беше директно пренесуван на Босанската државна телевизија.
Иванов ја доби наградата за 2016 година, со освоени 15 гласови, во конкуренција на поранешниот турски премиер Ахмет Давутоглу и високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини, кои имаат по пет гласа.
Гласањето е јавно, а го спроведува Комитетот за доделување на меѓународната награда „Иса бег Исаковиќ“, кој претставува независно тело кое раководи со процесот на изборот на лауреатот. Членовите на Комитетот, вкупно 25, се угледни претставници на босанско-херцеговската академска заедница, со меѓународна репутација.
Меѓународната награда „Иса бег Исаковиќ“ е најзначајно независно граѓанско признание во БиХ, воспоставена во 2005 година со цел меѓународна промоција на Сараево и Босна и Херцеговина, нејзината култура и разновидна етнонационална структура.
Наградата го носи името на основачот на Сараево, Иса бег Исаковиќ, кој во 1462 година го втемелил градот на приципите на еднаквост, мултикултуралност и мултирелигиозност.
Добитници на оваа награда се турскиот претседател Реџет Таип Ердоган во 2012 година, австрискиот претседател Хајнц Фишер во 2013 година, словенечкиот претседател Борут Пахор во 2014 година и хрватскиот претседател Колинда Грабар Китаровиќ во 2015 година./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба на претседателите на Собранијата на Македонија и Украина, Митрески и Стефанчук
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Јован Митрески, во рамките на посетата на Киев по повод втората годишнина од почетокот на руската воена агресија врз Украина, оствари средба со претседателот на Врховната рада на Украина, Руслан Стефанчук.
Претседателот Митрески изрази благодарност за поканата и нагласи дека посетата претставува потврда на цврстата и непоколеблива поддршка на Република Северна Македонија за Украина, на сите полиња. Тој нагласи дека уште од самиот почеток силно ја осудуваме руската агресија против Украина, континуирано ја потврдуваме нашата поддршка за украинскиот територијален интегритет, суверенитет и целовитост и изразуваме целосна поддршка на правото на самоодбрана на земјата.
Претседателот на Собранието истакна дека Северна Македонија целосно се приклучи на сите рестриктивни мерки и санкции на ЕУ кон Руската Федерација, ко-спонзорираше бројни резолуции и иницијативи во однос на Украина, а упати и воена и хуманитарна помош за земјата.
Македонија
Средба Османи – Кулеба во ОН Њујорк: Европската Унија е наша заедничка иднина
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, на 23 февруари 2024 година, оствари средба со министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба, во седиштето на Обединетите нации во Њујорк, на маргините на 56. пленарен состанок на 78. седница на Генералното Собрание.
Средбата се одржа со цел да се даде поддршка на Украина на денот на одбележувањето на две-годишнината од почетокот на руската агресија во Украина, при што Османи потенцира дека е многу важно да продолжи поддршката на Украина, бидејќи ако Русија победи во Украина, тогаш ние сме следните.
Министерот Османи, на средбата, истакна дека денес Руската Федерација е најголемата закана за безбедноста на Европа, на Западен Балкан, но и на Република Северна Македонија.
“Важно е да имаме стратешка предвидливост во нашата држава, со цел конечно да кажеме “Не” за Русија и “Да” за интегративните европски процеси на Западниот Балкан и на Република Северна Македонија”, рече Османи.
Додека, Министерот Кулеба, истакнувајќи го фактот дека Северна Македонија цврсто застана зад Украина во текот на двете години агресија, упати благодарност до граѓаните на Северна Македонија, како и благодарност до Министерот Османи за неговото лидерство и поддршка.
“Нашата иднина е заедничка, таа иднина е Европската Унија, која воедно претставува и иднина за мир и просперитет, рече Кулеба.
Двајцата Министри имаа свои обраќња пред Генералното собрание на Обединетите нации, каде упатија јасни пораки против рускат агресија врз Украина.
Македонија
(Видео) Oсмани од ОН во Њујорк: Мораме да и кажеме не на Русија
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денес се обрати од седиштето на Обединетите нации во Њујорк, на 56. пленарен состанок на 78-та седница на Генералното собрание, по повод две години од инвазијата на Русија врз Украина, кој се одржа на тема: Ситуацијата во привремено окупираните територии на Украина.
Османи, уште еднаш, ја повика Русија да ја прекине оваа бесмислена војна и да ги повлече своите трупи од суверената територија на Украина.
„Русија ги прекрши основните принципи на меѓународното право и започна целосна агресивна војна против Украина, земја членка на ОН’’, истакна Османи.
Воедно, министерот потенцираше дека Северна Македонија е исто така силно загрижена и ја осудува незаконската депортација на децата од Украина во Русија и Белорусија од страна на Руската федерација и ги повика да обезбедат нивно безбедно враќање дома.
„Мораме да и кажеме не на Русија! Правдата и одговорноста мора да надвладеат”, рече Османи, воедно додаде дека Северна Македонија им се придружи на другите 140 земји-членки за поддршка на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во нејзините меѓународно признати граници од 1991 година.
Османи повика на обединетост во поддршката за Украина, не само за доброто на жртвите и нивните семејства, туку и како предуслови за избегнување на понатамошни агресии и неиспровоцирана употреба на сила во меѓународните односи.