Надворешна политика
Иванов: НАТО и ЕУ да донесат храбри одлуки во однос на Македонија
Европската унија (ЕУ) да го врати прашањето за проширување на својата агенда, бидејќи на регионот му е потребна неодложна интеграција, порача во понеделникот претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов на Самитот на претседатели на „Процесот Брдо – Бриони“, кој се одржува во Будва.
На Самитот беше разговарано и за кризата во Македонија, при што е нагласено дека интеграциите се неопходен услов за таа да биде надмината.
„Време е НАТО и Европската унија да донесат храбри одлуки. Време е Европската унија да ја поправи сопствената грешка во однос на Македонија“, изјави Иванов, додавајќи дека време е Унијата да ѝ помогне на Македонија за „да си ги поправи слабостите коишто ги има“.
Иванов, исто така, порача дека дополнително негативно влијае и блокадата од јужниот сосед и нерешителноста на ЕУ. Кризата во Македонија би се надминала преку паралелно движење во интеграциите и надминување на внатрешните проблеми и билатерални разлики, смета македонскиот претседател посочувајќи на прашањето за името кое според него треба да биде отворено последно во преговорите.
„Доколку ЕУ не помогне да ја тргнеме пречката за интеграциите, односно со одземање, условување, замрзнување на препораката, Унијата ќе биде директно виновна за влошување на состојбите во Македонија, а со тоа и во регионот“, порача Иванов, додавајќи дека нереагирањето на ЕУ ја демотивира државата и создава нестабилност во политичкиот живот и тензичност во меѓуетничките односи.
„Неодамна, за жал, се остварија стравувањата. Нервозата предизвикана поради стагнацијата во интеграциите придонесе да се јави политичка криза, која создаде услови и за безбедносна криза. И како што политичката криза доведе до меѓупартиски тензии, така постоеше опасност безбедносната криза да доведе до меѓуетнички тензии“, порача македонскиот претседател пред лидерите од регионот.
Додаде дека политичките прашања треба да се решаваат во рамките што ги дава меѓународното право.
„Подготвени сме за заемно прифатливо решение во рамката што ја даваат резолуциите на Обединетите нации, Времената спогодба и пресудата на Меѓународниот суд на правдата. Во таа смисла, барам итен прием на Република Македонија во НАТО со привремената референца“, истакна Иванов.
Настаните во Куманово се резултат на слабата соработка меѓу безбедносните служби на земјите во регионот, бидејќи овој регион се зборува како за гнездо на џихадисти, како извор на странски терористички борци на боиштата во Блискиот исток. Оттука, Иванов повикува на поголема соработка, потенцирајќи ја потребата од финансирање на програми за дерадикализација и контрарадикализација.
Во заклучоците од Самитот, лидерите едногласно се согласија да соработуваат на политички и економски план, преку отворен и константен дијалог, притоа реафирмирајќи ја заложбата за членство во ЕУ како гаранција за мирот и стабилноста во регионот./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба на претседателите на Собранијата на Македонија и Украина, Митрески и Стефанчук
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Јован Митрески, во рамките на посетата на Киев по повод втората годишнина од почетокот на руската воена агресија врз Украина, оствари средба со претседателот на Врховната рада на Украина, Руслан Стефанчук.
Претседателот Митрески изрази благодарност за поканата и нагласи дека посетата претставува потврда на цврстата и непоколеблива поддршка на Република Северна Македонија за Украина, на сите полиња. Тој нагласи дека уште од самиот почеток силно ја осудуваме руската агресија против Украина, континуирано ја потврдуваме нашата поддршка за украинскиот територијален интегритет, суверенитет и целовитост и изразуваме целосна поддршка на правото на самоодбрана на земјата.
Претседателот на Собранието истакна дека Северна Македонија целосно се приклучи на сите рестриктивни мерки и санкции на ЕУ кон Руската Федерација, ко-спонзорираше бројни резолуции и иницијативи во однос на Украина, а упати и воена и хуманитарна помош за земјата.
Македонија
Средба Османи – Кулеба во ОН Њујорк: Европската Унија е наша заедничка иднина
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, на 23 февруари 2024 година, оствари средба со министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба, во седиштето на Обединетите нации во Њујорк, на маргините на 56. пленарен состанок на 78. седница на Генералното Собрание.
Средбата се одржа со цел да се даде поддршка на Украина на денот на одбележувањето на две-годишнината од почетокот на руската агресија во Украина, при што Османи потенцира дека е многу важно да продолжи поддршката на Украина, бидејќи ако Русија победи во Украина, тогаш ние сме следните.
Министерот Османи, на средбата, истакна дека денес Руската Федерација е најголемата закана за безбедноста на Европа, на Западен Балкан, но и на Република Северна Македонија.
“Важно е да имаме стратешка предвидливост во нашата држава, со цел конечно да кажеме “Не” за Русија и “Да” за интегративните европски процеси на Западниот Балкан и на Република Северна Македонија”, рече Османи.
Додека, Министерот Кулеба, истакнувајќи го фактот дека Северна Македонија цврсто застана зад Украина во текот на двете години агресија, упати благодарност до граѓаните на Северна Македонија, како и благодарност до Министерот Османи за неговото лидерство и поддршка.
“Нашата иднина е заедничка, таа иднина е Европската Унија, која воедно претставува и иднина за мир и просперитет, рече Кулеба.
Двајцата Министри имаа свои обраќња пред Генералното собрание на Обединетите нации, каде упатија јасни пораки против рускат агресија врз Украина.
Македонија
(Видео) Oсмани од ОН во Њујорк: Мораме да и кажеме не на Русија
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денес се обрати од седиштето на Обединетите нации во Њујорк, на 56. пленарен состанок на 78-та седница на Генералното собрание, по повод две години од инвазијата на Русија врз Украина, кој се одржа на тема: Ситуацијата во привремено окупираните територии на Украина.
Османи, уште еднаш, ја повика Русија да ја прекине оваа бесмислена војна и да ги повлече своите трупи од суверената територија на Украина.
„Русија ги прекрши основните принципи на меѓународното право и започна целосна агресивна војна против Украина, земја членка на ОН’’, истакна Османи.
Воедно, министерот потенцираше дека Северна Македонија е исто така силно загрижена и ја осудува незаконската депортација на децата од Украина во Русија и Белорусија од страна на Руската федерација и ги повика да обезбедат нивно безбедно враќање дома.
„Мораме да и кажеме не на Русија! Правдата и одговорноста мора да надвладеат”, рече Османи, воедно додаде дека Северна Македонија им се придружи на другите 140 земји-членки за поддршка на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во нејзините меѓународно признати граници од 1991 година.
Османи повика на обединетост во поддршката за Украина, не само за доброто на жртвите и нивните семејства, туку и како предуслови за избегнување на понатамошни агресии и неиспровоцирана употреба на сила во меѓународните односи.