Надворешна политика
Иванов побара да се прекине со носење мигранти долж границата со Грција
Македонскиот претседател, Ѓорге Иванов, побара итен прекин на практиката на носење дополнителен број мигранти кои би поставувале кампови на самата гранична линија на Македонија, во телефонските разговори со повеќе претседатели од Балканската рута.
Претседателот Иванов, согласно заклучокот од последната седница на Советот за безбедност, во текот на вчерашниот и денешниот ден оствари телефонски разговори со повеќе претседатели и премиери од земјите-членки на Европската унија и земјите долж балканскиот коридор, со претседателот на Европскиот совет и со претседавачот на Европскиот совет, за актуелната мигрантска криза и инцидентот што се случи на 14 март 2016 година на јужната гранична линија, соопштија од неговиот Кабинет. Во телефонските разговори со претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, со претседателите на Република Србија и на Република Хрватска, Томислав Николиќ и Колинда Грабар-Китаровиќ, премиерите на Република Словенија, на Чешката Република, на Република Австрија и на Република Полска, Миро Церар, Бохуслав Соботка, Вернер Фајман и Беата Шидло, како и министерот за надворешни работи на Кралството Холандија, Берт Коендерс, во својство на претседавач со Европскиот совет, претседателот Иванов ги запозна соговорниците со случувањата на јужната граница и деталите за инцидентот од 14 март 2016 година, обидот за влез на неконтролиран број мигранти и странски државјани на територијата на Република Македонија и ја истакна загриженоста од можноста за повторување на слични инциденти. Претседателот Иванов информираше за навремената, успешна и одговорна реакција на македонските безбедносни сили, без употреба на сила. Македонскиот претседател побара итен прекин на практиката на носење дополнителен број мигранти кои би поставувале кампови на самата гранична линија на Република Македонија. Претседателот Иванов рече дека балканскиот коридорот за илегални премини е затворен. Република Македонија, порача претседателот Иванов во телефонските разговори, ќе ги преземе сите мерки и активности за заштита на државните граници и за зачувување на националната безбедноста, а македонските безбедносни институции и во иднина, како и досега, ќе продолжат одговорно и професионално да се справуваат со бегалската криза, притоа имајќи ја в предвид обврската за хуман третман на бегалците. Дополнително, претседателот Иванов искажа голема благодарност до земјите што имаат свои полициски сили на јужната гранична линија, особено до оние кои учествуваа во надминувањето на инцидентот. Претседателот Иванов информираше дека земјата и во иднина ќе постапува во согласност со одлуките на Европскиот совет, ќе ги следи постапките на другите земји долж балканскиот коридор и нема да дозволи илегален влез на мигранти во Република Македонија. Сите соговорници го осудија инцидетот од 14 март 2016 година и истакнаа дека вакви инциденти не смеат да се повторат. Истовремено, соговорниците изразија почит и поддршка за начинот на кој Република Македонија се справува со мигрантската криза. Во телефонските разговори претседателот Иванов побара политичка поддршка од Европската унија, логистичка помош од Европската комисија за институциите на системот за управување со криза за да се намалат безбедносните ризици и да се заштити границата, одговор и реализација на нашите барања за добивање на опрема за заштита на границата и опрема за регистрација на мигранти и побара пристап до збирките на податоци на телата на Унијата за размена на податоци за мигрантите со земјите кои не се членки на ЕУ на транзитниот коридор. Соговорниците се согласија дека ваквата пракса на комуникација и координација во пресрет на состаноците на Европскиот совет, но и по потреба, мора да продолжи и во иднина, затоа што Република Македонија е рамноправен партнер што настојува да се изнајде единствен европски одговор на мигрантската криза./крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба на претседателите на Собранијата на Македонија и Украина, Митрески и Стефанчук
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Јован Митрески, во рамките на посетата на Киев по повод втората годишнина од почетокот на руската воена агресија врз Украина, оствари средба со претседателот на Врховната рада на Украина, Руслан Стефанчук.
Претседателот Митрески изрази благодарност за поканата и нагласи дека посетата претставува потврда на цврстата и непоколеблива поддршка на Република Северна Македонија за Украина, на сите полиња. Тој нагласи дека уште од самиот почеток силно ја осудуваме руската агресија против Украина, континуирано ја потврдуваме нашата поддршка за украинскиот територијален интегритет, суверенитет и целовитост и изразуваме целосна поддршка на правото на самоодбрана на земјата.
Претседателот на Собранието истакна дека Северна Македонија целосно се приклучи на сите рестриктивни мерки и санкции на ЕУ кон Руската Федерација, ко-спонзорираше бројни резолуции и иницијативи во однос на Украина, а упати и воена и хуманитарна помош за земјата.
Македонија
Средба Османи – Кулеба во ОН Њујорк: Европската Унија е наша заедничка иднина
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, на 23 февруари 2024 година, оствари средба со министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба, во седиштето на Обединетите нации во Њујорк, на маргините на 56. пленарен состанок на 78. седница на Генералното Собрание.
Средбата се одржа со цел да се даде поддршка на Украина на денот на одбележувањето на две-годишнината од почетокот на руската агресија во Украина, при што Османи потенцира дека е многу важно да продолжи поддршката на Украина, бидејќи ако Русија победи во Украина, тогаш ние сме следните.
Министерот Османи, на средбата, истакна дека денес Руската Федерација е најголемата закана за безбедноста на Европа, на Западен Балкан, но и на Република Северна Македонија.
“Важно е да имаме стратешка предвидливост во нашата држава, со цел конечно да кажеме “Не” за Русија и “Да” за интегративните европски процеси на Западниот Балкан и на Република Северна Македонија”, рече Османи.
Додека, Министерот Кулеба, истакнувајќи го фактот дека Северна Македонија цврсто застана зад Украина во текот на двете години агресија, упати благодарност до граѓаните на Северна Македонија, како и благодарност до Министерот Османи за неговото лидерство и поддршка.
“Нашата иднина е заедничка, таа иднина е Европската Унија, која воедно претставува и иднина за мир и просперитет, рече Кулеба.
Двајцата Министри имаа свои обраќња пред Генералното собрание на Обединетите нации, каде упатија јасни пораки против рускат агресија врз Украина.
Македонија
(Видео) Oсмани од ОН во Њујорк: Мораме да и кажеме не на Русија
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денес се обрати од седиштето на Обединетите нации во Њујорк, на 56. пленарен состанок на 78-та седница на Генералното собрание, по повод две години од инвазијата на Русија врз Украина, кој се одржа на тема: Ситуацијата во привремено окупираните територии на Украина.
Османи, уште еднаш, ја повика Русија да ја прекине оваа бесмислена војна и да ги повлече своите трупи од суверената територија на Украина.
„Русија ги прекрши основните принципи на меѓународното право и започна целосна агресивна војна против Украина, земја членка на ОН’’, истакна Османи.
Воедно, министерот потенцираше дека Северна Македонија е исто така силно загрижена и ја осудува незаконската депортација на децата од Украина во Русија и Белорусија од страна на Руската федерација и ги повика да обезбедат нивно безбедно враќање дома.
„Мораме да и кажеме не на Русија! Правдата и одговорноста мора да надвладеат”, рече Османи, воедно додаде дека Северна Македонија им се придружи на другите 140 земји-членки за поддршка на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во нејзините меѓународно признати граници од 1991 година.
Османи повика на обединетост во поддршката за Украина, не само за доброто на жртвите и нивните семејства, туку и како предуслови за избегнување на понатамошни агресии и неиспровоцирана употреба на сила во меѓународните односи.