Надворешна политика
Иванов: Потребно е Грција што побрзо да се испразни од мигранти и бегалци
Со цел да се спречи хуманитарна криза во Грција, но и регионална нестабилност на Балканот, неопходно е што поскоро територијата на Грција да се испразни од мигранти и од бегалци, но не преку Балканската рута, туку со воздушни коридори, порача претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, на безбедносната конференција на ОБСЕ, што денеска се одржува во Рим.
„Подготвени сме за сите можни сценарија и ќе постапуваме онака како што постапуваат и другите држави долж бегалската рута, но и државите“, крајни дестинации, рече претседателот Иванов во своето обраќање. Македонскиот претседател го реафирмираше ставот дека Република Македонија се залага за заеднички критериуми за справување со мигрантската криза за намалување на безбедносните ризици и поддржува измена на закони за заштита на државните граници. Иванов уште еднаш повтори дека Македонија не сака да ги доведе во прашање односите со јужниот сосед и дека мора да им се помогне и на двете земји. „Колку што е цврста Грција, толку е цврста Европската Унија. Колку што е цврста Македонија, толку е цврста безбедноста на континентот Европа. Инвестирајќи во безбедноста на Македонија, европските држави инвестираат во сопствената безбедност“, порача Иванов. Во својот говор македонскиот претседател истакна дека кризата не може да се реши само со политички декларации и бирократски процедури, туку мора да се менаџира со помош и поддршка и од страна на безбедносните служби и армиски структури. Во таа насока, македонскиот претседател посочи дека ОБСЕ како и ЕУ немаат функционални механизми за носење одлуки во услови на криза. „Би сакал да ми наведете еден пример во државите долж Балканскиот коридор каде ОБСЕ има своја мисија која навремено информирала за заканата од илегалната миграција?“, праша Иванов во обраќањето. На конференцијата на ОБСЕ македонскиот претседател истакна дека е неопходно безбедносните служби да почнат да разменуваат податоци за да се пронајдат радикализираните лица кои нелегално влегле и да се спроведат програми за дерадикализација и контрарадикализација. „Од 2014 година разговараме со ОБСЕ за активирање на овие програми за потребите на Македонија и на Балканот. Сега предизвикот е уште поголем бидејќи ОБСЕ ќе мора да го прави тоа за цела Европа“, рече македонскиот претседател. Иванов истакна дека се зголемуваат обидите за насилно влегување во Македонија, употребата на фалсификувани пасоши и документи на ФРОНТЕКС, како и насилството врз безбедносните сили на граничната линија, со што се доведува во прашање не само националната безбедност, туку и регионалната стабилност. „Парадоксот е што сето тоа се случува од територија на држава која е дел од Шенген-зоната. На некој начин, доведени сме во ситуација Македонија да ја брани Европа од Европската унија“, рече Иванов во обраќањето, додавајќи дека ЕУ ги избриша внатрешните, без да ги утврди и обезбеди надворешните граници. Иванов оцени дека мигрантската и бегалска криза е стрес-тест за сите вредности, принципи, институции, политики и процедури на Европската Унија и на европските држави. Шефот на државата констатираше дека бегалската криза постојано се продлабочува и дека со напливот на бегалци и на мигранти расте и бројот на антимигрантските кампањи низ Европа, но и дека постојано се зголемува и профитот на криминалните групи од трговијата со луѓе. Претседателот Иванов беше еден од главните говорници на конференцијата во Рим, која е посветена на безбедносниот аспект при справување со мигрантската криза, инструментите за миграција и потребата од ревизија на безбедносниот пристап./крај/мф/бс
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба на претседателите на Собранијата на Македонија и Украина, Митрески и Стефанчук
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Јован Митрески, во рамките на посетата на Киев по повод втората годишнина од почетокот на руската воена агресија врз Украина, оствари средба со претседателот на Врховната рада на Украина, Руслан Стефанчук.
Претседателот Митрески изрази благодарност за поканата и нагласи дека посетата претставува потврда на цврстата и непоколеблива поддршка на Република Северна Македонија за Украина, на сите полиња. Тој нагласи дека уште од самиот почеток силно ја осудуваме руската агресија против Украина, континуирано ја потврдуваме нашата поддршка за украинскиот територијален интегритет, суверенитет и целовитост и изразуваме целосна поддршка на правото на самоодбрана на земјата.
Претседателот на Собранието истакна дека Северна Македонија целосно се приклучи на сите рестриктивни мерки и санкции на ЕУ кон Руската Федерација, ко-спонзорираше бројни резолуции и иницијативи во однос на Украина, а упати и воена и хуманитарна помош за земјата.
Македонија
Средба Османи – Кулеба во ОН Њујорк: Европската Унија е наша заедничка иднина
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, на 23 февруари 2024 година, оствари средба со министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба, во седиштето на Обединетите нации во Њујорк, на маргините на 56. пленарен состанок на 78. седница на Генералното Собрание.
Средбата се одржа со цел да се даде поддршка на Украина на денот на одбележувањето на две-годишнината од почетокот на руската агресија во Украина, при што Османи потенцира дека е многу важно да продолжи поддршката на Украина, бидејќи ако Русија победи во Украина, тогаш ние сме следните.
Министерот Османи, на средбата, истакна дека денес Руската Федерација е најголемата закана за безбедноста на Европа, на Западен Балкан, но и на Република Северна Македонија.
“Важно е да имаме стратешка предвидливост во нашата држава, со цел конечно да кажеме “Не” за Русија и “Да” за интегративните европски процеси на Западниот Балкан и на Република Северна Македонија”, рече Османи.
Додека, Министерот Кулеба, истакнувајќи го фактот дека Северна Македонија цврсто застана зад Украина во текот на двете години агресија, упати благодарност до граѓаните на Северна Македонија, како и благодарност до Министерот Османи за неговото лидерство и поддршка.
“Нашата иднина е заедничка, таа иднина е Европската Унија, која воедно претставува и иднина за мир и просперитет, рече Кулеба.
Двајцата Министри имаа свои обраќња пред Генералното собрание на Обединетите нации, каде упатија јасни пораки против рускат агресија врз Украина.
Македонија
(Видео) Oсмани од ОН во Њујорк: Мораме да и кажеме не на Русија
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денес се обрати од седиштето на Обединетите нации во Њујорк, на 56. пленарен состанок на 78-та седница на Генералното собрание, по повод две години од инвазијата на Русија врз Украина, кој се одржа на тема: Ситуацијата во привремено окупираните територии на Украина.
Османи, уште еднаш, ја повика Русија да ја прекине оваа бесмислена војна и да ги повлече своите трупи од суверената територија на Украина.
„Русија ги прекрши основните принципи на меѓународното право и започна целосна агресивна војна против Украина, земја членка на ОН’’, истакна Османи.
Воедно, министерот потенцираше дека Северна Македонија е исто така силно загрижена и ја осудува незаконската депортација на децата од Украина во Русија и Белорусија од страна на Руската федерација и ги повика да обезбедат нивно безбедно враќање дома.
„Мораме да и кажеме не на Русија! Правдата и одговорноста мора да надвладеат”, рече Османи, воедно додаде дека Северна Македонија им се придружи на другите 140 земји-членки за поддршка на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во нејзините меѓународно признати граници од 1991 година.
Османи повика на обединетост во поддршката за Украина, не само за доброто на жртвите и нивните семејства, туку и како предуслови за избегнување на понатамошни агресии и неиспровоцирана употреба на сила во меѓународните односи.