Надворешна политика
Јанкулоска-Тахири: Потребна е заедничка стратегија во борбата против верскиот радикализам и екстремизам
Заканите изразени преку активности на поединци и групи од позиции на верски радикализам или екстремизам со елементи на тероризам, бараат координиран одговор, регионална соработка и постојана надградба на нормативните и институционални капацитети, како и градење на заедничка безбедносна стратегија за справување со предизвиците.
Овие констатации произлегоа како заеднички став на министрите за внатрешни работи на Македонија и Албанија, Гордана Јанкулоска и Самир Тахири, кои се сретнаа во петок во Тирана.
„Двете страни се согласија околу потребата од формирање на оперативни тимови кои би работеле на тоа поле и создавање на услови за поефикасна размена на информации. Соочувањето со безбедносните ризици од тероризмот, нужно подразбираат и интензивирање на напорите во попречување на елементите на организираниот криминал кои го поддржуваат, како пролиферација на оружје, илегалната миграција и илегалната трговија со наркотични средства, оружје и луѓе“, се вели во соопштението од МВР.
Во тој контекст, од страна на Јанкулоска била нагласена потребата од што е можно побргу потпишување на Протокол за прекугранично константно гонење.
„Склучувањето на ваков имплементациски протокол е од особена важност за двете Министерства, бидејќи тој би ги содржал сите детали од полициското делување при константно гонење на лица осомничени за сторени тешки кривични дела на териториите на Република Македонија и Република Албанија, во момент на бегство на територијата на една од двете држави. Огромни се очекувањата дека во случаи како неодамнешното разбојништво во Дебар, ваквиот прокол би бил ефикасна алатка за брзо пронаоѓање и лишување од слобода на осомничените“, смета министерката.
На денешната средба бил потпишан Протоколот за соработка во текот на туристичката сезона во двете држави. Со овој Протокол се овозможува размена на полициски службеници за време на туристичката сезона Македонија и Албанија, со оглед на тоа што во Македонија престојуваат голем број туристи од Албанија, особено во Охрид и Струга за време на летната туристичка сезона, но не помалку значајни се и посетите на албанските туристи за време на новогодишните и останатите верски празници, велат од МВР.
Исто така министрите разговарале и околу унапредувањето на соработката во евроинтегративните процеси на двете држави, олеснување на слободното движење на луѓето и стоките на граничните премини, безбедносната состојба на границата меѓу двете држави, борбата против организираниот криминал, заедничките обуки за припадниците на инистерствата за внатрешни работи и други прашања од делокругот на работа на полициските органи.крај/мф/сд
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба на претседателите на Собранијата на Македонија и Украина, Митрески и Стефанчук
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Јован Митрески, во рамките на посетата на Киев по повод втората годишнина од почетокот на руската воена агресија врз Украина, оствари средба со претседателот на Врховната рада на Украина, Руслан Стефанчук.
Претседателот Митрески изрази благодарност за поканата и нагласи дека посетата претставува потврда на цврстата и непоколеблива поддршка на Република Северна Македонија за Украина, на сите полиња. Тој нагласи дека уште од самиот почеток силно ја осудуваме руската агресија против Украина, континуирано ја потврдуваме нашата поддршка за украинскиот територијален интегритет, суверенитет и целовитост и изразуваме целосна поддршка на правото на самоодбрана на земјата.
Претседателот на Собранието истакна дека Северна Македонија целосно се приклучи на сите рестриктивни мерки и санкции на ЕУ кон Руската Федерација, ко-спонзорираше бројни резолуции и иницијативи во однос на Украина, а упати и воена и хуманитарна помош за земјата.
Македонија
Средба Османи – Кулеба во ОН Њујорк: Европската Унија е наша заедничка иднина
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, на 23 февруари 2024 година, оствари средба со министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба, во седиштето на Обединетите нации во Њујорк, на маргините на 56. пленарен состанок на 78. седница на Генералното Собрание.
Средбата се одржа со цел да се даде поддршка на Украина на денот на одбележувањето на две-годишнината од почетокот на руската агресија во Украина, при што Османи потенцира дека е многу важно да продолжи поддршката на Украина, бидејќи ако Русија победи во Украина, тогаш ние сме следните.
Министерот Османи, на средбата, истакна дека денес Руската Федерација е најголемата закана за безбедноста на Европа, на Западен Балкан, но и на Република Северна Македонија.
“Важно е да имаме стратешка предвидливост во нашата држава, со цел конечно да кажеме “Не” за Русија и “Да” за интегративните европски процеси на Западниот Балкан и на Република Северна Македонија”, рече Османи.
Додека, Министерот Кулеба, истакнувајќи го фактот дека Северна Македонија цврсто застана зад Украина во текот на двете години агресија, упати благодарност до граѓаните на Северна Македонија, како и благодарност до Министерот Османи за неговото лидерство и поддршка.
“Нашата иднина е заедничка, таа иднина е Европската Унија, која воедно претставува и иднина за мир и просперитет, рече Кулеба.
Двајцата Министри имаа свои обраќња пред Генералното собрание на Обединетите нации, каде упатија јасни пораки против рускат агресија врз Украина.
Македонија
(Видео) Oсмани од ОН во Њујорк: Мораме да и кажеме не на Русија
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денес се обрати од седиштето на Обединетите нации во Њујорк, на 56. пленарен состанок на 78-та седница на Генералното собрание, по повод две години од инвазијата на Русија врз Украина, кој се одржа на тема: Ситуацијата во привремено окупираните територии на Украина.
Османи, уште еднаш, ја повика Русија да ја прекине оваа бесмислена војна и да ги повлече своите трупи од суверената територија на Украина.
„Русија ги прекрши основните принципи на меѓународното право и започна целосна агресивна војна против Украина, земја членка на ОН’’, истакна Османи.
Воедно, министерот потенцираше дека Северна Македонија е исто така силно загрижена и ја осудува незаконската депортација на децата од Украина во Русија и Белорусија од страна на Руската федерација и ги повика да обезбедат нивно безбедно враќање дома.
„Мораме да и кажеме не на Русија! Правдата и одговорноста мора да надвладеат”, рече Османи, воедно додаде дека Северна Македонија им се придружи на другите 140 земји-членки за поддршка на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во нејзините меѓународно признати граници од 1991 година.
Османи повика на обединетост во поддршката за Украина, не само за доброто на жртвите и нивните семејства, туку и како предуслови за избегнување на понатамошни агресии и неиспровоцирана употреба на сила во меѓународните односи.