Надворешна политика
Јолевски во Вермонт оствари значајни средби и договори размена на питомци со Универзитетот Норвич
Македонскиот министер за одбрана Зоран Јолевски во текот на својата посета на Вермонт се сретна со американските сенатори Патрик Лејхи и Берни Сандерс, претседателски кандидат за изборите 2016 година, при што договори размена на питомци меѓу универзитетот Норвич и Воената Академија
Воената академија и најстариот приватен воен универзитет Норвич од пролетниот семестар ќе започнат со реализација на проектот за размена на питомци. Тоа беше договорено на вчерашната средба на министерот Зоран Јолевски со претседателот на Универзитетот, адмирал Ричард Шнајдер.
На средбата министерот Јолевски изрази задоволство од досегашните контакти и соработка со универзитетот на кој досега имале можност да се школуваат студенти од Универзитетот „Свети Апостол Павле“ од Охрид.
Јолевски на средбата ги презентираше и следните чекори за развој на Воената академија.
„Имајќи предвид дека интероперабилноста со земјите на НАТО алијансата е исклучително важна, исто како и потребата од размена на студенти, мислења и искуства, од следната година на Воената академија дел од предметите во трета и четврта година ќе бидат предавани на англиски јазик. Со тоа ја отвораме вратата по еден семестар на Воената академија со свое образование да се стекнат и питомци и кадети од партнерските земји“, рече министерот Јолевски.
Шнајдер, од своја страна, посочи дека досегашното искуство од соработката со Македонија е исклучително позитивно и изрази задоволство што од идниот пролетен семестар двајца питомци ќе имаат можност да бидат дел од универзитетот Норвич.
Во текот на посетата на универзитетот, Јолевски оствари средба и со д-р Гујоу Хуанг, заменик-претседател за академски работи и декан, на која беа прецизирани деталите за новото ниво на соработка меѓу Академијата и Универзитетот.
Во рамките на посетата на државата Вермонт, во текот на вчерашниот ден министерот оствари кратки средби со сенаторот Патрик Лејхи и сенаторот Берни Сандерс, кој е и кандидат за номинација на претседателските избори кои во САД ќе се одржат во ноември следната година. На средбите стана збор за соработката меѓу Македонија и САД како и соработката помеѓу АРМ и Националната гарда на Вермонт. Соговорниците заклучија дека местото на Република Македонија е во НАТО алијансата, за што САД даваат целосна поддршка.
Министерот Јолевски и началникот на Генералштабот на АРМ, генерал-потполковник Методија Величковски во петокот вечерта по македонско време присуствуваа и на церемонијата за пензионирање на поранешниот командант на Националната гарда на Вермонт, генералот Мајкл Дуби.
Во своето обраќање пред присутните министерот Јолевски посочи дека генералот Дуби е голем пријател и поддржувач на Армијата на Република Македонија. „Вие успеавте во голема мера да придонесете во развојот на меѓусебните контакти и за тоа сме Ви благодарни“, рече министерот Јолевски.
„Армијата на Република Македонија и Националната гарда на Вермонт се партнери за пример. Вашето лидерство во оваа насока има непроценлив придонес кон нашите блиски врски, пријателски и партнерски односи“, заклучи македонскиот министер за одбрана./крај/мф/бс
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба на претседателите на Собранијата на Македонија и Украина, Митрески и Стефанчук
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Јован Митрески, во рамките на посетата на Киев по повод втората годишнина од почетокот на руската воена агресија врз Украина, оствари средба со претседателот на Врховната рада на Украина, Руслан Стефанчук.
Претседателот Митрески изрази благодарност за поканата и нагласи дека посетата претставува потврда на цврстата и непоколеблива поддршка на Република Северна Македонија за Украина, на сите полиња. Тој нагласи дека уште од самиот почеток силно ја осудуваме руската агресија против Украина, континуирано ја потврдуваме нашата поддршка за украинскиот територијален интегритет, суверенитет и целовитост и изразуваме целосна поддршка на правото на самоодбрана на земјата.
Претседателот на Собранието истакна дека Северна Македонија целосно се приклучи на сите рестриктивни мерки и санкции на ЕУ кон Руската Федерација, ко-спонзорираше бројни резолуции и иницијативи во однос на Украина, а упати и воена и хуманитарна помош за земјата.
Македонија
Средба Османи – Кулеба во ОН Њујорк: Европската Унија е наша заедничка иднина
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, на 23 февруари 2024 година, оствари средба со министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба, во седиштето на Обединетите нации во Њујорк, на маргините на 56. пленарен состанок на 78. седница на Генералното Собрание.
Средбата се одржа со цел да се даде поддршка на Украина на денот на одбележувањето на две-годишнината од почетокот на руската агресија во Украина, при што Османи потенцира дека е многу важно да продолжи поддршката на Украина, бидејќи ако Русија победи во Украина, тогаш ние сме следните.
Министерот Османи, на средбата, истакна дека денес Руската Федерација е најголемата закана за безбедноста на Европа, на Западен Балкан, но и на Република Северна Македонија.
“Важно е да имаме стратешка предвидливост во нашата држава, со цел конечно да кажеме “Не” за Русија и “Да” за интегративните европски процеси на Западниот Балкан и на Република Северна Македонија”, рече Османи.
Додека, Министерот Кулеба, истакнувајќи го фактот дека Северна Македонија цврсто застана зад Украина во текот на двете години агресија, упати благодарност до граѓаните на Северна Македонија, како и благодарност до Министерот Османи за неговото лидерство и поддршка.
“Нашата иднина е заедничка, таа иднина е Европската Унија, која воедно претставува и иднина за мир и просперитет, рече Кулеба.
Двајцата Министри имаа свои обраќња пред Генералното собрание на Обединетите нации, каде упатија јасни пораки против рускат агресија врз Украина.
Македонија
(Видео) Oсмани од ОН во Њујорк: Мораме да и кажеме не на Русија
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денес се обрати од седиштето на Обединетите нации во Њујорк, на 56. пленарен состанок на 78-та седница на Генералното собрание, по повод две години од инвазијата на Русија врз Украина, кој се одржа на тема: Ситуацијата во привремено окупираните територии на Украина.
Османи, уште еднаш, ја повика Русија да ја прекине оваа бесмислена војна и да ги повлече своите трупи од суверената територија на Украина.
„Русија ги прекрши основните принципи на меѓународното право и започна целосна агресивна војна против Украина, земја членка на ОН’’, истакна Османи.
Воедно, министерот потенцираше дека Северна Македонија е исто така силно загрижена и ја осудува незаконската депортација на децата од Украина во Русија и Белорусија од страна на Руската федерација и ги повика да обезбедат нивно безбедно враќање дома.
„Мораме да и кажеме не на Русија! Правдата и одговорноста мора да надвладеат”, рече Османи, воедно додаде дека Северна Македонија им се придружи на другите 140 земји-членки за поддршка на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во нејзините меѓународно признати граници од 1991 година.
Османи повика на обединетост во поддршката за Украина, не само за доброто на жртвите и нивните семејства, туку и како предуслови за избегнување на понатамошни агресии и неиспровоцирана употреба на сила во меѓународните односи.