Надворешна политика
Кипријановска: Заеднички европски одговор за бегалската криза
Во организација на Институтот за геостратешки истражувања и надворешна политика (ИГИНП) и македонското министерство за надворешни работи, во средата се одржа меѓународната конференција на тема „Миграции и прилив на бегалци во транзитните земји: безбедносни импликации“, како дел од македонското претседавање со Централно-Европската иницијатива (ЦЕИ) за 2015-та година.
На Конференцијата учествуваа високи претставници од сите значајни регионални, европски и меѓународни институции, кои активно се вклучени во справување со мигрантската и бегалската криза, како што се: ОН, ОБСЕ, ЦЕИ, ИОМ, МАРРИ, како и над 50 – на други претставници од странство. Во своето поздравно обраќање заменик министерот за надворешни работи на Република Македонија, Драгана Кипријановска, истакна дека неопходен е заеднички европски одговор на кризата кон кој Република Македонија несебично придонесува, но поради ограничените ресурси, потребна е помош и поддршка.
Воедно, Кипријановска ја истакна потребата од изнаоѓање на долгорочно решение во насока на решавање на потеклото на проблемот. Aлтернативниот генерален секретар на Централно-Европската Иницијатива, Маргот Клестил – Лофер истакна дека целокупната меѓународна заедница треба да вложи напори за изнаоѓање на соодветен и сеопфатен пристап кон справувањето со заедничкиот предизвик.
Во таа насока, го поздрави одржувањето на оваа Конференција, како и конструктивната соработка помеѓу Министерството за надворешни работи на Македонија и Централно-Европската Иницијатива. Свои излагања пред присутните имаа и министерот за внатрешни работи на Република Македонија, Оливер Спасовски и министерот за безбедност на Босна и Херцеговина, Драган Мектиќ.
На затворањето на Конференцијата, директорот на Институтот за геостратешки истражувања и надворешна политика, амбасадорот Абдулкадар Мемеди нагласи дека, самата Конференција, како и исходот од истата е јасен показател за неопходноста од координиран и сеопфатен пристап во справувањето со актуелните предизвици како резултат од бегалската криза.
Сите учесници се согласија дека соодветните заклучоци кои произлегоа од оваа меѓународна конференција ќе дадат свој значаен придонес во афирмирањето на досегашните напори, како и координација на активностите на Република Македонија и останатите земји – членки на ЦЕИ во справувањето со мигрантската и бегалската криза.
Конференцијата се одржа во рамките на македонското претседавање со Централно-Европската Иницијатива за 2015-та година, во соработка на Генералниот Секретаријат на ЦЕИ, со што се овозможува понатамошно зајакнување и продлабочување на регионалната соработка.
Воедно, во рамките на Конференцијата, се потпиша и Меморандумот за соработка помеѓу ЦЕИ и МАРРИ Центарот (Регионална иницијатива за миграции, азил и бегалци). Потписниците на Меморандумот, Маргот Клестил – Лофер и Тамара Мугоша истакнаа дека овој документ е од стратешко значење за воспоставување на долгорочна соработка во насока на справување со феноменот, преку здружување на знаењата и ресурсите помеѓу двете Иницијативи./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба на претседателите на Собранијата на Македонија и Украина, Митрески и Стефанчук
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Јован Митрески, во рамките на посетата на Киев по повод втората годишнина од почетокот на руската воена агресија врз Украина, оствари средба со претседателот на Врховната рада на Украина, Руслан Стефанчук.
Претседателот Митрески изрази благодарност за поканата и нагласи дека посетата претставува потврда на цврстата и непоколеблива поддршка на Република Северна Македонија за Украина, на сите полиња. Тој нагласи дека уште од самиот почеток силно ја осудуваме руската агресија против Украина, континуирано ја потврдуваме нашата поддршка за украинскиот територијален интегритет, суверенитет и целовитост и изразуваме целосна поддршка на правото на самоодбрана на земјата.
Претседателот на Собранието истакна дека Северна Македонија целосно се приклучи на сите рестриктивни мерки и санкции на ЕУ кон Руската Федерација, ко-спонзорираше бројни резолуции и иницијативи во однос на Украина, а упати и воена и хуманитарна помош за земјата.
Македонија
Средба Османи – Кулеба во ОН Њујорк: Европската Унија е наша заедничка иднина
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, на 23 февруари 2024 година, оствари средба со министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба, во седиштето на Обединетите нации во Њујорк, на маргините на 56. пленарен состанок на 78. седница на Генералното Собрание.
Средбата се одржа со цел да се даде поддршка на Украина на денот на одбележувањето на две-годишнината од почетокот на руската агресија во Украина, при што Османи потенцира дека е многу важно да продолжи поддршката на Украина, бидејќи ако Русија победи во Украина, тогаш ние сме следните.
Министерот Османи, на средбата, истакна дека денес Руската Федерација е најголемата закана за безбедноста на Европа, на Западен Балкан, но и на Република Северна Македонија.
“Важно е да имаме стратешка предвидливост во нашата држава, со цел конечно да кажеме “Не” за Русија и “Да” за интегративните европски процеси на Западниот Балкан и на Република Северна Македонија”, рече Османи.
Додека, Министерот Кулеба, истакнувајќи го фактот дека Северна Македонија цврсто застана зад Украина во текот на двете години агресија, упати благодарност до граѓаните на Северна Македонија, како и благодарност до Министерот Османи за неговото лидерство и поддршка.
“Нашата иднина е заедничка, таа иднина е Европската Унија, која воедно претставува и иднина за мир и просперитет, рече Кулеба.
Двајцата Министри имаа свои обраќња пред Генералното собрание на Обединетите нации, каде упатија јасни пораки против рускат агресија врз Украина.
Македонија
(Видео) Oсмани од ОН во Њујорк: Мораме да и кажеме не на Русија
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денес се обрати од седиштето на Обединетите нации во Њујорк, на 56. пленарен состанок на 78-та седница на Генералното собрание, по повод две години од инвазијата на Русија врз Украина, кој се одржа на тема: Ситуацијата во привремено окупираните територии на Украина.
Османи, уште еднаш, ја повика Русија да ја прекине оваа бесмислена војна и да ги повлече своите трупи од суверената територија на Украина.
„Русија ги прекрши основните принципи на меѓународното право и започна целосна агресивна војна против Украина, земја членка на ОН’’, истакна Османи.
Воедно, министерот потенцираше дека Северна Македонија е исто така силно загрижена и ја осудува незаконската депортација на децата од Украина во Русија и Белорусија од страна на Руската федерација и ги повика да обезбедат нивно безбедно враќање дома.
„Мораме да и кажеме не на Русија! Правдата и одговорноста мора да надвладеат”, рече Османи, воедно додаде дека Северна Македонија им се придружи на другите 140 земји-членки за поддршка на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во нејзините меѓународно признати граници од 1991 година.
Османи повика на обединетост во поддршката за Украина, не само за доброто на жртвите и нивните семејства, туку и како предуслови за избегнување на понатамошни агресии и неиспровоцирана употреба на сила во меѓународните односи.