Надворешна политика
Конгресменот Бил Пасквел со поддршка за македонските интеграции во НАТО
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски оствари средба со конгресменот од Њу Џерси, Бил Пасквел, соопштуваат од партијата.
Соговорниците дискутирале за повеќе теми и сфери кои се од значење за Македонија, афирмирајќи ги интересите поврзани со интеграциите во НАТО, зајакнување на македонско американските односи и потенцијалите за нивно интензивирање.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ по средбата со Пасквел изјавил дека разговарале за повеќе аспекти поврзани со Македонија, за предизвиците со кој се соочува и стратешките цели вклучувајќи го и членството во НАТО
„Можам да кажам дека од конгресменот Пасквел имаме одлична поддршка, него можеме да го вброиме во оние што се пријатели на Македонија, кои што и во минатото во многу наврати покажале и застанале зад Македонија. Го брифиравме за најновите информации и најновите состојби, заеднички споделивме идеи како понатаму да се продолжи, да се градат стратегиите околу нашите суштински интереси како држава. Можам да кажам дека беше одлична средба при што ќе ја продолжиме комуникацијата и во наредниот период“, изјави Груевски.
Бил Пасквел кој е еден од конгресмените со најдолг стаж во Американскиот конгрес искажа поддршка за македонските интеграции во НАТО, истакнувајќи дека државата заслужува да стане членка што побрзо, при што и тој со своите капацитети ќе се вклучи во презентирањето на капацитетите кои ги поседува Република Македонија на тој план.
„Македонија припаѓа во НАТО алијансата. Македонија треба поскоро да стане членка во НАТО. Големите и малите држави треба да бидат членки на НАТО и ова е силна порака против секој кој што има идеја да се спротивставува на членството на малите држави. Сакам Македонија да стане членка на НАТО и ќе направам се што можам, што е во моја сила и капацитет да направам тоа да се случи“, изјави Бил Пасквел.
Тој осврнувајќи се на состанокот со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски посочил дека се работи за продуктивна средба, и се надева дека Македонија по изборите ќе се врати на патеките на напредокот и ќе продолжи со економските достигнувања важни за граѓаните.
„Одличен состанок, Груевски е многу отворен за соработка и луѓето од неговата делегација, јас имам одлично мислење и така гледам и на Македонија. Имате многу убави работи, а Македонија ќе биде и уште подобра и понапредна во годините што следуваат“, изјави Пасквел.
Во изјавата Груевски се осврнал и за целокупната посета на Соединетите Американски Држави при што изјави дека сите посети досега беа во еден позитивен дух.
„Се сретнавме со повеќе конгресмени, сенатори, други политички личности, со кој споделивме многу информации, дадовме детали за работи кои можеби доволно не ги знаеа, а со цел да помогнеме во остварувањето на стратешките цели на Република Македонија, зајакнувањето на односите со САД и секако нашата стратешка цел членство во НАТО, каде САД има клучно влијание, како и другите цели, вклучувајќи го членството во ЕУ и нашите планови за понатамошен напредок на Република Македонија“, изјави Груевски./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба на претседателите на Собранијата на Македонија и Украина, Митрески и Стефанчук
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Јован Митрески, во рамките на посетата на Киев по повод втората годишнина од почетокот на руската воена агресија врз Украина, оствари средба со претседателот на Врховната рада на Украина, Руслан Стефанчук.
Претседателот Митрески изрази благодарност за поканата и нагласи дека посетата претставува потврда на цврстата и непоколеблива поддршка на Република Северна Македонија за Украина, на сите полиња. Тој нагласи дека уште од самиот почеток силно ја осудуваме руската агресија против Украина, континуирано ја потврдуваме нашата поддршка за украинскиот територијален интегритет, суверенитет и целовитост и изразуваме целосна поддршка на правото на самоодбрана на земјата.
Претседателот на Собранието истакна дека Северна Македонија целосно се приклучи на сите рестриктивни мерки и санкции на ЕУ кон Руската Федерација, ко-спонзорираше бројни резолуции и иницијативи во однос на Украина, а упати и воена и хуманитарна помош за земјата.
Македонија
Средба Османи – Кулеба во ОН Њујорк: Европската Унија е наша заедничка иднина
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, на 23 февруари 2024 година, оствари средба со министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба, во седиштето на Обединетите нации во Њујорк, на маргините на 56. пленарен состанок на 78. седница на Генералното Собрание.
Средбата се одржа со цел да се даде поддршка на Украина на денот на одбележувањето на две-годишнината од почетокот на руската агресија во Украина, при што Османи потенцира дека е многу важно да продолжи поддршката на Украина, бидејќи ако Русија победи во Украина, тогаш ние сме следните.
Министерот Османи, на средбата, истакна дека денес Руската Федерација е најголемата закана за безбедноста на Европа, на Западен Балкан, но и на Република Северна Македонија.
“Важно е да имаме стратешка предвидливост во нашата држава, со цел конечно да кажеме “Не” за Русија и “Да” за интегративните европски процеси на Западниот Балкан и на Република Северна Македонија”, рече Османи.
Додека, Министерот Кулеба, истакнувајќи го фактот дека Северна Македонија цврсто застана зад Украина во текот на двете години агресија, упати благодарност до граѓаните на Северна Македонија, како и благодарност до Министерот Османи за неговото лидерство и поддршка.
“Нашата иднина е заедничка, таа иднина е Европската Унија, која воедно претставува и иднина за мир и просперитет, рече Кулеба.
Двајцата Министри имаа свои обраќња пред Генералното собрание на Обединетите нации, каде упатија јасни пораки против рускат агресија врз Украина.
Македонија
(Видео) Oсмани од ОН во Њујорк: Мораме да и кажеме не на Русија
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денес се обрати од седиштето на Обединетите нации во Њујорк, на 56. пленарен состанок на 78-та седница на Генералното собрание, по повод две години од инвазијата на Русија врз Украина, кој се одржа на тема: Ситуацијата во привремено окупираните територии на Украина.
Османи, уште еднаш, ја повика Русија да ја прекине оваа бесмислена војна и да ги повлече своите трупи од суверената територија на Украина.
„Русија ги прекрши основните принципи на меѓународното право и започна целосна агресивна војна против Украина, земја членка на ОН’’, истакна Османи.
Воедно, министерот потенцираше дека Северна Македонија е исто така силно загрижена и ја осудува незаконската депортација на децата од Украина во Русија и Белорусија од страна на Руската федерација и ги повика да обезбедат нивно безбедно враќање дома.
„Мораме да и кажеме не на Русија! Правдата и одговорноста мора да надвладеат”, рече Османи, воедно додаде дека Северна Македонија им се придружи на другите 140 земји-членки за поддршка на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во нејзините меѓународно признати граници од 1991 година.
Османи повика на обединетост во поддршката за Украина, не само за доброто на жртвите и нивните семејства, туку и како предуслови за избегнување на понатамошни агресии и неиспровоцирана употреба на сила во меѓународните односи.