Надворешна политика
Над десет милиони евра за проекти за прекугранична соработка Македонија-Бугарија
Договорите за финансирање на 45 проекти во вкупен износ од повеќе од десет милиони евра од првиот јавен повик за проекти за прекугранична соработка меѓу Македонија и Бугарија, беа потпишани во средата во Софија, меѓу заменикот министер за локална самоуправа, Љупчо Пренџов, и бугарската заменичка министерка за регионален развој и јавни работи, Деница Николова.
Средствата во износ од 10,5 милиони евра се обезбедени од ИПА Програмата на Европската унија за прекугранична соработка „Бугарија – Македонија 2014-2020“. Кофинансирањето за проектите од македонска страна го обезбедува министерството за локална самоуправа, во висина од 15 отсто.
Заменикот министер Пренџов изрази задоволство од покажаниот интерес на јавниот повик на кој беа доставени 213 проекти, од кои во транспарентен процес на оценување беа одобрени четириесет и петте најдобри.
„Од страна на Европската унија, на располагање беа ставени 7,2 милиони, но поради големиот интерес беа обезбедени дополнителни 3,3 милиони евра. Програмата за прекугранична соработка меѓу Македонија и Бугарија во првиот програмски период имаше најголем успех со имплементација на околу 90 отсто од расположливите средства и склучени договори за реализација на сто проекти“, рече Пренџов.
Истакна дека меѓу нив има исклучително успешни проекти коишто имаат значително влијание врз животот на граѓаните во општините во коишто се имплементирани, како изградбата на новата модерна детска градинка во Општина Василево или туристичката автентична населба во Општина Конче.
Одобрените 45 проекти се од областите определени во јавниот повик: приспособување кон климатските промени, поттикнување на развојот на туризмот, на културното и природното наследство, подобрување на конкурентноста, бизнис средината и развојот на мали и средни претпријатија, трговија и инвестиции, како и социјална инклузија.
Најголемиот број од проектите се насочени кон зајакнување на конкурентноста на малите и средни претпријатија, како што се проектите во Струмица, во Босилово, во Радовиш, а во Штип конкретно за зајакнување на конкурентноста на текстилните компании. Во Штип ќе се имплементира и проект од областа на јавното здравство, во Струмица во Кочани и во Ранковце проекти за социјална инклузија на маргинализирани групи. Во Куманово проект за интеркултурен дијалог, има проекти насочени кон подобрување на условите за производство на здрава храна, за развој на туризам и други.
За вториот ИПА програмски период, конкретно за реализација на Програмата за прекугранична соработка со Бугарија до 2020 година, од страна на Европската Унија на располагање се ставени вкупно 20 милиони евра. Другите средства ќе бидат реализирани во рамките на вториот јавен повик на кој, како и на првиот, ќе можат да учествуваат општини, установи, организации, асоцијации, универзитети и други непрофитни субјекти од Североисточниот, Источниот и од Југоисточниот плански регион од Македонија, во соработка со партнери од регионот на Благоевград и Ќустендил, во Бугарија./крај/мф/бс
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба на претседателите на Собранијата на Македонија и Украина, Митрески и Стефанчук
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Јован Митрески, во рамките на посетата на Киев по повод втората годишнина од почетокот на руската воена агресија врз Украина, оствари средба со претседателот на Врховната рада на Украина, Руслан Стефанчук.
Претседателот Митрески изрази благодарност за поканата и нагласи дека посетата претставува потврда на цврстата и непоколеблива поддршка на Република Северна Македонија за Украина, на сите полиња. Тој нагласи дека уште од самиот почеток силно ја осудуваме руската агресија против Украина, континуирано ја потврдуваме нашата поддршка за украинскиот територијален интегритет, суверенитет и целовитост и изразуваме целосна поддршка на правото на самоодбрана на земјата.
Претседателот на Собранието истакна дека Северна Македонија целосно се приклучи на сите рестриктивни мерки и санкции на ЕУ кон Руската Федерација, ко-спонзорираше бројни резолуции и иницијативи во однос на Украина, а упати и воена и хуманитарна помош за земјата.
Македонија
Средба Османи – Кулеба во ОН Њујорк: Европската Унија е наша заедничка иднина
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, на 23 февруари 2024 година, оствари средба со министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба, во седиштето на Обединетите нации во Њујорк, на маргините на 56. пленарен состанок на 78. седница на Генералното Собрание.
Средбата се одржа со цел да се даде поддршка на Украина на денот на одбележувањето на две-годишнината од почетокот на руската агресија во Украина, при што Османи потенцира дека е многу важно да продолжи поддршката на Украина, бидејќи ако Русија победи во Украина, тогаш ние сме следните.
Министерот Османи, на средбата, истакна дека денес Руската Федерација е најголемата закана за безбедноста на Европа, на Западен Балкан, но и на Република Северна Македонија.
“Важно е да имаме стратешка предвидливост во нашата држава, со цел конечно да кажеме “Не” за Русија и “Да” за интегративните европски процеси на Западниот Балкан и на Република Северна Македонија”, рече Османи.
Додека, Министерот Кулеба, истакнувајќи го фактот дека Северна Македонија цврсто застана зад Украина во текот на двете години агресија, упати благодарност до граѓаните на Северна Македонија, како и благодарност до Министерот Османи за неговото лидерство и поддршка.
“Нашата иднина е заедничка, таа иднина е Европската Унија, која воедно претставува и иднина за мир и просперитет, рече Кулеба.
Двајцата Министри имаа свои обраќња пред Генералното собрание на Обединетите нации, каде упатија јасни пораки против рускат агресија врз Украина.
Македонија
(Видео) Oсмани од ОН во Њујорк: Мораме да и кажеме не на Русија
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денес се обрати од седиштето на Обединетите нации во Њујорк, на 56. пленарен состанок на 78-та седница на Генералното собрание, по повод две години од инвазијата на Русија врз Украина, кој се одржа на тема: Ситуацијата во привремено окупираните територии на Украина.
Османи, уште еднаш, ја повика Русија да ја прекине оваа бесмислена војна и да ги повлече своите трупи од суверената територија на Украина.
„Русија ги прекрши основните принципи на меѓународното право и започна целосна агресивна војна против Украина, земја членка на ОН’’, истакна Османи.
Воедно, министерот потенцираше дека Северна Македонија е исто така силно загрижена и ја осудува незаконската депортација на децата од Украина во Русија и Белорусија од страна на Руската федерација и ги повика да обезбедат нивно безбедно враќање дома.
„Мораме да и кажеме не на Русија! Правдата и одговорноста мора да надвладеат”, рече Османи, воедно додаде дека Северна Македонија им се придружи на другите 140 земји-членки за поддршка на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во нејзините меѓународно признати граници од 1991 година.
Османи повика на обединетост во поддршката за Украина, не само за доброто на жртвите и нивните семејства, туку и како предуслови за избегнување на понатамошни агресии и неиспровоцирана употреба на сила во меѓународните односи.