Надворешна политика
ОБСЕ: Заедничка одговорност за хуман и достоинствен третман на бегалците
Околу 60 претставници на националните власти, граѓанското општество и Мисиите на ОБСЕ во Југоисточна Европа, повикаа за посилна регионална акција против трговијата со луѓе, на почетокот на регионалната дводневна конференција на ОБСЕ во Скопје за промовирање синергија и заеднички пристап во справувањето со трговијата со луѓе долж западно-балканската миграциска рута.
Конференцијата, организирана од Мисијата на ОБСЕ во Скопје, со поддршка на Канцеларијата на Специјалниот претставник и координатор за борба против трговија со луѓе на ОБСЕ, како и Националната комисија за борба против трговија со луѓе, има за цел да поттикне поконструктивен дијалог за трговијата со луѓе во земјите погодени од миграцискиот бран.
„Ние имаме заедничка одговорност да обезбедиме хуман и достоинствен третман, како и меѓународна заштита на луѓето изложени на ризик и да ги заштитиме од злоупотреба, експлоатација, криумчарење и трговија со луѓе,” рече Нина Суомалаинен, шефицата на Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
„Во контекст на сегашната миграција и бегалска криза, посебен акцент треба да се стави на зајакнување на координиран одговор, зголемување на капацитетот на националните власти и подигнување на свеста кај мигрантите и бегалците за ризиците да бидат жртви на трговија и експлоатација“, смета Мадина Јарбусинова, специјален претставник на ОБСЕ и координатор за борба против трговија со луѓе.
„Искрено се надевам, дека координаторите против трговијата со луѓе, сега на регионално ниво, ќе ги обноват своите заложби за борба против криминалот на трговија со луѓе во контекст на тековната миграција”, додаде таа.
Дискусијата за време на дводневната конференција ќе се фокусира на ранливоста на миграциската популација и ризикот од трговија со луѓе, предизвиците и можностите за заеднички пристап кон идентификација на жртвите и изнаоѓање на начини да се засили сеопфатниот и ефективниот регионален одговор за овие кривични дела.
На вториот ден од конференцијата се очекува да биде прифатена заедничката декларација од страна на националните координатори против трговија со луѓе од земјите на Западен Балкан, која ќе служи како основа за зајакнување на регионалната соработка и одговор во борбата против трговијата со луѓе./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба на претседателите на Собранијата на Македонија и Украина, Митрески и Стефанчук
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Јован Митрески, во рамките на посетата на Киев по повод втората годишнина од почетокот на руската воена агресија врз Украина, оствари средба со претседателот на Врховната рада на Украина, Руслан Стефанчук.
Претседателот Митрески изрази благодарност за поканата и нагласи дека посетата претставува потврда на цврстата и непоколеблива поддршка на Република Северна Македонија за Украина, на сите полиња. Тој нагласи дека уште од самиот почеток силно ја осудуваме руската агресија против Украина, континуирано ја потврдуваме нашата поддршка за украинскиот територијален интегритет, суверенитет и целовитост и изразуваме целосна поддршка на правото на самоодбрана на земјата.
Претседателот на Собранието истакна дека Северна Македонија целосно се приклучи на сите рестриктивни мерки и санкции на ЕУ кон Руската Федерација, ко-спонзорираше бројни резолуции и иницијативи во однос на Украина, а упати и воена и хуманитарна помош за земјата.
Македонија
Средба Османи – Кулеба во ОН Њујорк: Европската Унија е наша заедничка иднина
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, на 23 февруари 2024 година, оствари средба со министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба, во седиштето на Обединетите нации во Њујорк, на маргините на 56. пленарен состанок на 78. седница на Генералното Собрание.
Средбата се одржа со цел да се даде поддршка на Украина на денот на одбележувањето на две-годишнината од почетокот на руската агресија во Украина, при што Османи потенцира дека е многу важно да продолжи поддршката на Украина, бидејќи ако Русија победи во Украина, тогаш ние сме следните.
Министерот Османи, на средбата, истакна дека денес Руската Федерација е најголемата закана за безбедноста на Европа, на Западен Балкан, но и на Република Северна Македонија.
“Важно е да имаме стратешка предвидливост во нашата држава, со цел конечно да кажеме “Не” за Русија и “Да” за интегративните европски процеси на Западниот Балкан и на Република Северна Македонија”, рече Османи.
Додека, Министерот Кулеба, истакнувајќи го фактот дека Северна Македонија цврсто застана зад Украина во текот на двете години агресија, упати благодарност до граѓаните на Северна Македонија, како и благодарност до Министерот Османи за неговото лидерство и поддршка.
“Нашата иднина е заедничка, таа иднина е Европската Унија, која воедно претставува и иднина за мир и просперитет, рече Кулеба.
Двајцата Министри имаа свои обраќња пред Генералното собрание на Обединетите нации, каде упатија јасни пораки против рускат агресија врз Украина.
Македонија
(Видео) Oсмани од ОН во Њујорк: Мораме да и кажеме не на Русија
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денес се обрати од седиштето на Обединетите нации во Њујорк, на 56. пленарен состанок на 78-та седница на Генералното собрание, по повод две години од инвазијата на Русија врз Украина, кој се одржа на тема: Ситуацијата во привремено окупираните територии на Украина.
Османи, уште еднаш, ја повика Русија да ја прекине оваа бесмислена војна и да ги повлече своите трупи од суверената територија на Украина.
„Русија ги прекрши основните принципи на меѓународното право и започна целосна агресивна војна против Украина, земја членка на ОН’’, истакна Османи.
Воедно, министерот потенцираше дека Северна Македонија е исто така силно загрижена и ја осудува незаконската депортација на децата од Украина во Русија и Белорусија од страна на Руската федерација и ги повика да обезбедат нивно безбедно враќање дома.
„Мораме да и кажеме не на Русија! Правдата и одговорноста мора да надвладеат”, рече Османи, воедно додаде дека Северна Македонија им се придружи на другите 140 земји-членки за поддршка на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во нејзините меѓународно признати граници од 1991 година.
Османи повика на обединетост во поддршката за Украина, не само за доброто на жртвите и нивните семејства, туку и како предуслови за избегнување на понатамошни агресии и неиспровоцирана употреба на сила во меѓународните односи.