Надворешна политика
Попоски-Коцијас: Зголемената доверба ќе доведе до полесно решавање на проблемите
Градењето на заемната доверба ќе доведе до многу полесно решавање на меѓусебните проблеми кои ги имаат Македонија и Грција, согласни шефовите на дипломатиите на двете земји, Никола Попоски и Никос Коцијас по средбата во четвртокот во Скопје. Според македонскиот министер, реалноста во моментов е дека помеѓу двете страни има разлики околу решавањето на спорот за името, но она што може сега да се направи е преку меѓусебна соработка двете страни да работат на тоа да се постигне стабилност и економски просперитет.
„Доколку има една реалност, тоа е разликата во спорот за името и чувството дека нашиот пат кон ЕУ и НАТО е попречен поради ова, но тоа што можеме да го направиме е да се посветиме на тоа што го посакуваме, поголема стабилност и економски просперитет. Оваа фаза ја гледаме како наше покажување на капацитет сами да си ги решаваме проблемите и во условите во кои пред да влеземе во ЕУ и НАТО, нивото на стабилност и економски приоритет ќе зависи од македонските капацитети. Во овој контекст Грција е многу важна земја за градење на стабилност и просперитет и најдобро е сами да си ја креираме иднината, да седнеме со Грција и да градиме што е можно повеќе мостови за соработка“, потенцираше шефот на македонската дипломатија.
Грчкиот министер Коцијас, пак, изјави дека на средбата не било разговарано околу разликите во спорот за името, туку за начините на кои може да се изгради конкретна соработка помеѓу двете страни. „Не зборувавме за името, рековме еднаш барем да зборуваме за нашата соработка. Јас се залагам за компромиси, но добри, а не лоши компромиси. Компромис кој ќе не ослободи од затворите на историјата, која не можеме да ја промениме. Мислам дека на мирен начин треба да ги решаваме нашите разлики, што значи дека не треба едниот да се наметне врз другиот“, порача Коцијас.
Според Попоски, пак, во Македонија предолго постои чувството дека грчката страна е непријателот и дека сега мора да се стигне до фаза во која ќе чувствуваме дека Грција е пријател со кој Македонија ќе може да соработува.
„Ние сме денес реалноста, планираме да останеме тука каде што сме, мора да ги убедиме нашите грчки партнери дека не планираме нив да ги преместиме на некое друго место. Ако сме согласни дека остануваме тука каде што сме и дека имаме заеднички интереси најдобриот пат да стигнеме до тоа е овој којшто го одбравме – зголемување на довербата преку конкретни мерки. Нашата цел е да бидеме и во ЕУ и во НАТО, така како што Грција е во ЕУ и НАТО. Таа не е таму за да усреќи некого, туку е поради сопствените интереси, истото важи и за Македонија, сакаме ад бидеме во ЕУ и НАТО поради сопствените интереси. На овој пат ќе мора да градиме односи, ќе мораме да градиме клима во кој и ние ќе ги убедиме и тие ќе не убедат дека ова е заедничка цел. Лично сум убеден дека на крајот на патот тоа е во интерес на двете земји. Автоматски, мерките за градење доверба нема да го решат спорот за името но ова е единствениот пат по кој треба да одиме во услови во кои ние си ја креираме судбината. Алтернативата на ова е да седиме со скрстени раце и да плачеме дека не ни дозволуваат да ги оствариме нашите цели. Ние сме доволно убедени во нашиот капацитет да креираме подобра иднина и таа планираме да ја креираме заедно со нашите соседи“, потенцираше Попоски.
Неговиот грчки колега, пак, додаде дека улогата на Грција во период кога во Македонија има политичка криза е да испрати сигнали на стабилност, бидејќи сака своите соседни земји да бидат стабилни и нивните народи да живеат во добра состојба.
„Работата на земја како што е Грција, која што и покрај поинаквите очекувања, во услови на политичка криза е секогаш да испрати бранови за стабилизирање и ние сакаме соседната земја да биде стабилна, нејзиниот народ да живее во добра состојба, да постои мир и да можеме заеднички да ги решаваме проблемите. Среќен сум поради тоа што во година ипол што помина имаме резултати и имаме доверба. Ако овие мерки се поврзуваат и со името, тогаш факт е дека кога се зголемува довербата тогаш проблемите се полесни и рамките се широки за да се најде решение. Постојат и сегменти во довербата, доколку се зголемуваат сегментите во довербата ќе имаме и изгледи за решение“, заклучи Коцијас.
Во разговорите помеѓу двајцата министри исто така биле споделени и листа на полиња во кои треба да се гради идната соработка помеѓу двете земји, а каде што од подеднакво значење би било и економската и енергетската соработка, но исто така и другите полиња како што се образованието и особено мобилноста на студентите./крај/мф/бс
Извор: Фото/МИА
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба на претседателите на Собранијата на Македонија и Украина, Митрески и Стефанчук
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Јован Митрески, во рамките на посетата на Киев по повод втората годишнина од почетокот на руската воена агресија врз Украина, оствари средба со претседателот на Врховната рада на Украина, Руслан Стефанчук.
Претседателот Митрески изрази благодарност за поканата и нагласи дека посетата претставува потврда на цврстата и непоколеблива поддршка на Република Северна Македонија за Украина, на сите полиња. Тој нагласи дека уште од самиот почеток силно ја осудуваме руската агресија против Украина, континуирано ја потврдуваме нашата поддршка за украинскиот територијален интегритет, суверенитет и целовитост и изразуваме целосна поддршка на правото на самоодбрана на земјата.
Претседателот на Собранието истакна дека Северна Македонија целосно се приклучи на сите рестриктивни мерки и санкции на ЕУ кон Руската Федерација, ко-спонзорираше бројни резолуции и иницијативи во однос на Украина, а упати и воена и хуманитарна помош за земјата.
Македонија
Средба Османи – Кулеба во ОН Њујорк: Европската Унија е наша заедничка иднина
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, на 23 февруари 2024 година, оствари средба со министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба, во седиштето на Обединетите нации во Њујорк, на маргините на 56. пленарен состанок на 78. седница на Генералното Собрание.
Средбата се одржа со цел да се даде поддршка на Украина на денот на одбележувањето на две-годишнината од почетокот на руската агресија во Украина, при што Османи потенцира дека е многу важно да продолжи поддршката на Украина, бидејќи ако Русија победи во Украина, тогаш ние сме следните.
Министерот Османи, на средбата, истакна дека денес Руската Федерација е најголемата закана за безбедноста на Европа, на Западен Балкан, но и на Република Северна Македонија.
“Важно е да имаме стратешка предвидливост во нашата држава, со цел конечно да кажеме “Не” за Русија и “Да” за интегративните европски процеси на Западниот Балкан и на Република Северна Македонија”, рече Османи.
Додека, Министерот Кулеба, истакнувајќи го фактот дека Северна Македонија цврсто застана зад Украина во текот на двете години агресија, упати благодарност до граѓаните на Северна Македонија, како и благодарност до Министерот Османи за неговото лидерство и поддршка.
“Нашата иднина е заедничка, таа иднина е Европската Унија, која воедно претставува и иднина за мир и просперитет, рече Кулеба.
Двајцата Министри имаа свои обраќња пред Генералното собрание на Обединетите нации, каде упатија јасни пораки против рускат агресија врз Украина.
Македонија
(Видео) Oсмани од ОН во Њујорк: Мораме да и кажеме не на Русија
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денес се обрати од седиштето на Обединетите нации во Њујорк, на 56. пленарен состанок на 78-та седница на Генералното собрание, по повод две години од инвазијата на Русија врз Украина, кој се одржа на тема: Ситуацијата во привремено окупираните територии на Украина.
Османи, уште еднаш, ја повика Русија да ја прекине оваа бесмислена војна и да ги повлече своите трупи од суверената територија на Украина.
„Русија ги прекрши основните принципи на меѓународното право и започна целосна агресивна војна против Украина, земја членка на ОН’’, истакна Османи.
Воедно, министерот потенцираше дека Северна Македонија е исто така силно загрижена и ја осудува незаконската депортација на децата од Украина во Русија и Белорусија од страна на Руската федерација и ги повика да обезбедат нивно безбедно враќање дома.
„Мораме да и кажеме не на Русија! Правдата и одговорноста мора да надвладеат”, рече Османи, воедно додаде дека Северна Македонија им се придружи на другите 140 земји-членки за поддршка на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во нејзините меѓународно признати граници од 1991 година.
Османи повика на обединетост во поддршката за Украина, не само за доброто на жртвите и нивните семејства, туку и како предуслови за избегнување на понатамошни агресии и неиспровоцирана употреба на сила во меѓународните односи.