Надворешна политика
Попоски: Моменталната политичка состојба има негативен ефект по имиџот во Македонија
Македонија годинава треба да се посвети на домашната реалност за подобро остварување на стратешките приоритети – членството во ЕУ и НАТО, а таму, пак, најголемо внимание ќе биде посветено токму на политичката клима во Македонија, смета министерот за надворешни работи Никола Попоски.
Во своето излагање за актуелните прашања од надворешната политика на седницата на собраниската Комисија за надворешна политика, шефот на дипломатијата Попоски истакна дека актуелната политичка ситуација во земјава има негативен ефект првенствено во делот на надворешниот имиџ на Македонија.
„Се дава и многу елегантен изговор за тие кои не блокираат со години да имаме фактички преговори со ЕУ бидејќи во такви услови за кој било претставник на земја која се бори за да не можеме да почнеме преговори се купува време на сметка на нашиот недостаток да ги видиме работите од определена дистанца и да речеме дека за оваа држава побитна работа од членството во НАТО и во ЕУ нема“, рече Попоски, одговарајќи на прашањата за влијанието на внатрешната политичка ситуација врз надворешната политика на земјата.
„Неопходно е во Македонија да се фокусираме на давање аргументи на земјите членки кои сакаат да почнеме преговори со ЕУ и отстранување на изговорите кои ги користат тие кои нè блокираат. Тоа е првата задача“, порача министерот за надворешни работи.
Во однос на добрососедските односи, Попоски смета дека тие се во нагорен тренд и во таа насока се и досегашните седум средби на работните групи за договорот за добрососедство со Бугарија, како и најавените заеднички владини седници со Косово, Црна Гора и Србија.
Во однос на Грција пак, Попоски потенцира низ пракса е докажано дека многу влади се промениле, но немало искрен пристап ниту за наминување на наметнатиот спор за името, ниту за враќање на кредибилитетот во евроатлантските интеграции.
„Не треба да имаме илузии дека нашето прашање ќе биде повисоко на агендата, кога во ЕУ ги третираат прашањата за Грција, во однос на нивниот витален интерес за зачувување стабилност на еврозоната. Во меѓувреме можеме да придонесеме кон подигнување на исклучително ниското ниво на политичка доверба“, рече министерот.
Попоски спомена дека на средбата со неговиот грчки колега Никос Коциас во Будимпешта размениле идеи, со конкретни предлози за активности кои би можеле да се реализираат во краток временски период. Главно се поврзани со политичка клима, економски активности, соработка во културата и образованието, мерки кои би ни овозможиле да се намалат стереотипите кои се изградено од двете страни на границата./крај/мф/бс
Извор: Фото/МИА
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба на претседателите на Собранијата на Македонија и Украина, Митрески и Стефанчук
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Јован Митрески, во рамките на посетата на Киев по повод втората годишнина од почетокот на руската воена агресија врз Украина, оствари средба со претседателот на Врховната рада на Украина, Руслан Стефанчук.
Претседателот Митрески изрази благодарност за поканата и нагласи дека посетата претставува потврда на цврстата и непоколеблива поддршка на Република Северна Македонија за Украина, на сите полиња. Тој нагласи дека уште од самиот почеток силно ја осудуваме руската агресија против Украина, континуирано ја потврдуваме нашата поддршка за украинскиот територијален интегритет, суверенитет и целовитост и изразуваме целосна поддршка на правото на самоодбрана на земјата.
Претседателот на Собранието истакна дека Северна Македонија целосно се приклучи на сите рестриктивни мерки и санкции на ЕУ кон Руската Федерација, ко-спонзорираше бројни резолуции и иницијативи во однос на Украина, а упати и воена и хуманитарна помош за земјата.
Македонија
Средба Османи – Кулеба во ОН Њујорк: Европската Унија е наша заедничка иднина
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, на 23 февруари 2024 година, оствари средба со министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба, во седиштето на Обединетите нации во Њујорк, на маргините на 56. пленарен состанок на 78. седница на Генералното Собрание.
Средбата се одржа со цел да се даде поддршка на Украина на денот на одбележувањето на две-годишнината од почетокот на руската агресија во Украина, при што Османи потенцира дека е многу важно да продолжи поддршката на Украина, бидејќи ако Русија победи во Украина, тогаш ние сме следните.
Министерот Османи, на средбата, истакна дека денес Руската Федерација е најголемата закана за безбедноста на Европа, на Западен Балкан, но и на Република Северна Македонија.
“Важно е да имаме стратешка предвидливост во нашата држава, со цел конечно да кажеме “Не” за Русија и “Да” за интегративните европски процеси на Западниот Балкан и на Република Северна Македонија”, рече Османи.
Додека, Министерот Кулеба, истакнувајќи го фактот дека Северна Македонија цврсто застана зад Украина во текот на двете години агресија, упати благодарност до граѓаните на Северна Македонија, како и благодарност до Министерот Османи за неговото лидерство и поддршка.
“Нашата иднина е заедничка, таа иднина е Европската Унија, која воедно претставува и иднина за мир и просперитет, рече Кулеба.
Двајцата Министри имаа свои обраќња пред Генералното собрание на Обединетите нации, каде упатија јасни пораки против рускат агресија врз Украина.
Македонија
(Видео) Oсмани од ОН во Њујорк: Мораме да и кажеме не на Русија
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денес се обрати од седиштето на Обединетите нации во Њујорк, на 56. пленарен состанок на 78-та седница на Генералното собрание, по повод две години од инвазијата на Русија врз Украина, кој се одржа на тема: Ситуацијата во привремено окупираните територии на Украина.
Османи, уште еднаш, ја повика Русија да ја прекине оваа бесмислена војна и да ги повлече своите трупи од суверената територија на Украина.
„Русија ги прекрши основните принципи на меѓународното право и започна целосна агресивна војна против Украина, земја членка на ОН’’, истакна Османи.
Воедно, министерот потенцираше дека Северна Македонија е исто така силно загрижена и ја осудува незаконската депортација на децата од Украина во Русија и Белорусија од страна на Руската федерација и ги повика да обезбедат нивно безбедно враќање дома.
„Мораме да и кажеме не на Русија! Правдата и одговорноста мора да надвладеат”, рече Османи, воедно додаде дека Северна Македонија им се придружи на другите 140 земји-членки за поддршка на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во нејзините меѓународно признати граници од 1991 година.
Османи повика на обединетост во поддршката за Украина, не само за доброто на жртвите и нивните семејства, туку и како предуслови за избегнување на понатамошни агресии и неиспровоцирана употреба на сила во меѓународните односи.