Надворешна политика
Попоски на средби со повеќе јапонски државни претставници
Министерот за надворешни работи Никола Попоски, во рамки на неговата работна посета на Јапонија оствари поединечни средби со челните луѓе на Јапонската организација за надворешна трговија (Japan External Trade Organization – JETRO) и со најголемата стопанска комора на Јапонија КЕИДАНРЕН.
Попоски беше домаќин и на работен ручек со парламентарниот заменик министер за надворешни работи, Мики Јамада, на кој присуствуваа повеќе пратеници од јапонскиот Диет (парламент) .
На работниот ручек беше разговарано за европската и евро-атланската интеграција на Македонија, актуелните европски и регионални случувања поврзани со мигрантско-бегалската криза, економските состојби во Македонија и можностите за зголемување на билатералната соработка со Јапонија, особено на планот на економскиот развој и инвестиционата соработка, туризмот, образованието и здравството.
Попоски истакна дека Македонија е една од ретките европски држави кои стипендираат домашни студенти кои ќе се запишат на некој од 100-те најдобро рангирани универзитети во светот, меѓу кои има и јапонски универзитети. Поради тоа, министерот изрази уверување за зголемување на бројот на студенти од Македонија во блиска иднина кои своето образование ќе го завршуваат токму во Јапонија.
На економските средби најголем акцент се посвети на претставување на инвестициските можности и поволности што ги нуди Македонија на странските инвеститори. Попоски ја истакна економската стабилност на Македонија како главна предност во време на финансиска криза. Ги потенцираше сите реформи спроведени во сегментот на привлекување странски инвестиции, преку реформирање на сите засегнати сектори за имплементација на што поголеми олеснувања во процедурата на отворање и водење на странска компанија во Македонија.
Воедно, го истакна континуираниот напредок на државата во извештајот Doing Business на Светска банка, како доказ за посветената работа и напредокот во спроведување на реформи во областа на економијата. Исто така, тој истакна дека преку привлекувањето на странски компании кои веќе оперираат во Македонија, главно од Германија, Австрија, САД, Велика Британија, Италија, државата отворила 60.000 нови работни места и го зголемила извозот.
Вечерва, Попоски ќе присуствува на свеченото отворање на амбасадата на Република Македонија во Токио, а неговата работна посета на Јапонија продолжува и во четврток, со реализација на неколку билатерални економски средби./крај/мф/бс
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба на претседателите на Собранијата на Македонија и Украина, Митрески и Стефанчук
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Јован Митрески, во рамките на посетата на Киев по повод втората годишнина од почетокот на руската воена агресија врз Украина, оствари средба со претседателот на Врховната рада на Украина, Руслан Стефанчук.
Претседателот Митрески изрази благодарност за поканата и нагласи дека посетата претставува потврда на цврстата и непоколеблива поддршка на Република Северна Македонија за Украина, на сите полиња. Тој нагласи дека уште од самиот почеток силно ја осудуваме руската агресија против Украина, континуирано ја потврдуваме нашата поддршка за украинскиот територијален интегритет, суверенитет и целовитост и изразуваме целосна поддршка на правото на самоодбрана на земјата.
Претседателот на Собранието истакна дека Северна Македонија целосно се приклучи на сите рестриктивни мерки и санкции на ЕУ кон Руската Федерација, ко-спонзорираше бројни резолуции и иницијативи во однос на Украина, а упати и воена и хуманитарна помош за земјата.
Македонија
Средба Османи – Кулеба во ОН Њујорк: Европската Унија е наша заедничка иднина
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, на 23 февруари 2024 година, оствари средба со министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба, во седиштето на Обединетите нации во Њујорк, на маргините на 56. пленарен состанок на 78. седница на Генералното Собрание.
Средбата се одржа со цел да се даде поддршка на Украина на денот на одбележувањето на две-годишнината од почетокот на руската агресија во Украина, при што Османи потенцира дека е многу важно да продолжи поддршката на Украина, бидејќи ако Русија победи во Украина, тогаш ние сме следните.
Министерот Османи, на средбата, истакна дека денес Руската Федерација е најголемата закана за безбедноста на Европа, на Западен Балкан, но и на Република Северна Македонија.
“Важно е да имаме стратешка предвидливост во нашата држава, со цел конечно да кажеме “Не” за Русија и “Да” за интегративните европски процеси на Западниот Балкан и на Република Северна Македонија”, рече Османи.
Додека, Министерот Кулеба, истакнувајќи го фактот дека Северна Македонија цврсто застана зад Украина во текот на двете години агресија, упати благодарност до граѓаните на Северна Македонија, како и благодарност до Министерот Османи за неговото лидерство и поддршка.
“Нашата иднина е заедничка, таа иднина е Европската Унија, која воедно претставува и иднина за мир и просперитет, рече Кулеба.
Двајцата Министри имаа свои обраќња пред Генералното собрание на Обединетите нации, каде упатија јасни пораки против рускат агресија врз Украина.
Македонија
(Видео) Oсмани од ОН во Њујорк: Мораме да и кажеме не на Русија
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денес се обрати од седиштето на Обединетите нации во Њујорк, на 56. пленарен состанок на 78-та седница на Генералното собрание, по повод две години од инвазијата на Русија врз Украина, кој се одржа на тема: Ситуацијата во привремено окупираните територии на Украина.
Османи, уште еднаш, ја повика Русија да ја прекине оваа бесмислена војна и да ги повлече своите трупи од суверената територија на Украина.
„Русија ги прекрши основните принципи на меѓународното право и започна целосна агресивна војна против Украина, земја членка на ОН’’, истакна Османи.
Воедно, министерот потенцираше дека Северна Македонија е исто така силно загрижена и ја осудува незаконската депортација на децата од Украина во Русија и Белорусија од страна на Руската федерација и ги повика да обезбедат нивно безбедно враќање дома.
„Мораме да и кажеме не на Русија! Правдата и одговорноста мора да надвладеат”, рече Османи, воедно додаде дека Северна Македонија им се придружи на другите 140 земји-членки за поддршка на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во нејзините меѓународно признати граници од 1991 година.
Османи повика на обединетост во поддршката за Украина, не само за доброто на жртвите и нивните семејства, туку и како предуслови за избегнување на понатамошни агресии и неиспровоцирана употреба на сила во меѓународните односи.