Надворешна политика
Попоски: Надворешна помош за справување со бегалската криза
На Македонија и е потребна надворешна помош за справување со бегалската криза, потенцирал шефот на македонската дипломатија Никола Попоски во интервјуто дадено за унгарскиот весник Figyelo.
Попоски нагласува дека Македонија се навикна на големата бројка на бегалци која сега веќе секојдненво пристигнува во земјата, и дека се обидува да го регистрира секој бегалец кој ќе пристигне на македонската територија.
„Полека се навикнавме на дневно 500-те бегалци, но сега веќе дневно доаѓаат три-четири илјади. Се има случено во рок од 48 часа 12 илјади луѓе да пристигнат од грчките острови во Македонија. Во оваа состојба, Европската унија бара од нас сите да ги регистрираме, да нема илегално преминување на границата, да им дадеме право на азил на оние кои имаат право на тоа и сите барања поединечно да ги разгледаме. Без надворешна помош тоа физички не можеме да го оствариме. Земете го во предвид тоа дека Македонија е држава со само два милиони жители. Се разбира дека пробуваме секој кој ќе пристигне на границата да регистрираме. Но, штом ние сериозно го земеме тоа што го бараат од нас европските партнери, односно пробуваме да ја контролираме границата, ги сопираме луѓето, веднаш добиваме негативни меѓународни реакции“, рекол Попоски.
Министерот исто така додал дека додека земјата се придржува кон сите правила на Унијата, сепак бегалците во Македонија пристигнуваат токму од една земја-членка на ЕУ, односно Грција, која сака да го ублажи големиот притисок кој веќе го има во однос на бегалската криза.
„Од Европа бараат да се придржуваме кон сите правила на Унијата и покрај тоа што не сме членка на ЕУ, само земја кандидат за членка. Но, сепак, да посочам на тоа дека мигрантите кои пристигнуваат кај нас всушност доаѓаат од една држава членка на унијата. Не сакаме да посочуваме кон Грција. Всушност, очигледно и они прават се да го ублажат притисокот кој им тежи, но за жал едноставно го префрлуваат проблемот на соседната држава, односно на нас. Според мене, внатре во ЕУ треба да постојат одредени основни правила, кои би гласеле проблемите да се решаваат внатре во унијата. Навистина, практично и ние ја префрламе топката на територија на друга држава, но причина за тоа е дека нема заеднички европски одговор, нема европски договор за тоа, како да се справиме со ова прашање. И додека балканските држави, ЕУ и Турција не може да се договорат околу справувањето со проблемот, до тогаш нема да има координиран одговор“, смета Попоски.
Во однос на тоа дали на Македонија ќе и биде потребна ограда, слична на онаа којашто ја гради Унгарија, Попоски изјавил дека очигледно е дека и на земајта ќе и биде потребна некаква физичка заштита за да се намали нелегалното преминување на границата, но дека тоа сепак нема да биде и долгорочно решение.
Попоски во интервјуто за унгарскиот весник се осврнал и на спорот со Грција околу името, порачувајќи дека според него има се помал интерес за решавањето на ова прашање, а во меѓувреме и останатите земји-членки на Унијата веќе се навикнале на статус-кво состојбата на Македонија во однос на евроинтеграциите.
„Според мене се помалку и помалку интерес има за решавање на спорот околу името, а во меѓувреме и другите земји членки се навикнаа на ситуацијата, што го блокира членството на Македонија во унијата. Датумот за приклучување постојано се менува. Ние можеме само да ги спроведеме сите важни реформи, едноставно во сопствен интерес, независно од приклучувањето кон унијата и НАТО. Спорот со името никогаш нема да можеме да го решиме двострано со Грција. Ова е една асиметрична состојба, всушност односите со Атина ни се многу добри, нема секојдневна напнатост, економските и бизнис односи се одлични, туристите доаѓаат и одат. Но никој не ги притиска грчките политичари. За нивната внатрешна политика би бил непопуларен било каков компромис, и многу полесно е да се игнорира ситуацијата, отколку одговорно да се учествува во средувањето на истата“, заклучил македонскиот министер./крај/мф/бс
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба на претседателите на Собранијата на Македонија и Украина, Митрески и Стефанчук
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Јован Митрески, во рамките на посетата на Киев по повод втората годишнина од почетокот на руската воена агресија врз Украина, оствари средба со претседателот на Врховната рада на Украина, Руслан Стефанчук.
Претседателот Митрески изрази благодарност за поканата и нагласи дека посетата претставува потврда на цврстата и непоколеблива поддршка на Република Северна Македонија за Украина, на сите полиња. Тој нагласи дека уште од самиот почеток силно ја осудуваме руската агресија против Украина, континуирано ја потврдуваме нашата поддршка за украинскиот територијален интегритет, суверенитет и целовитост и изразуваме целосна поддршка на правото на самоодбрана на земјата.
Претседателот на Собранието истакна дека Северна Македонија целосно се приклучи на сите рестриктивни мерки и санкции на ЕУ кон Руската Федерација, ко-спонзорираше бројни резолуции и иницијативи во однос на Украина, а упати и воена и хуманитарна помош за земјата.
Македонија
Средба Османи – Кулеба во ОН Њујорк: Европската Унија е наша заедничка иднина
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, на 23 февруари 2024 година, оствари средба со министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба, во седиштето на Обединетите нации во Њујорк, на маргините на 56. пленарен состанок на 78. седница на Генералното Собрание.
Средбата се одржа со цел да се даде поддршка на Украина на денот на одбележувањето на две-годишнината од почетокот на руската агресија во Украина, при што Османи потенцира дека е многу важно да продолжи поддршката на Украина, бидејќи ако Русија победи во Украина, тогаш ние сме следните.
Министерот Османи, на средбата, истакна дека денес Руската Федерација е најголемата закана за безбедноста на Европа, на Западен Балкан, но и на Република Северна Македонија.
“Важно е да имаме стратешка предвидливост во нашата држава, со цел конечно да кажеме “Не” за Русија и “Да” за интегративните европски процеси на Западниот Балкан и на Република Северна Македонија”, рече Османи.
Додека, Министерот Кулеба, истакнувајќи го фактот дека Северна Македонија цврсто застана зад Украина во текот на двете години агресија, упати благодарност до граѓаните на Северна Македонија, како и благодарност до Министерот Османи за неговото лидерство и поддршка.
“Нашата иднина е заедничка, таа иднина е Европската Унија, која воедно претставува и иднина за мир и просперитет, рече Кулеба.
Двајцата Министри имаа свои обраќња пред Генералното собрание на Обединетите нации, каде упатија јасни пораки против рускат агресија врз Украина.
Македонија
(Видео) Oсмани од ОН во Њујорк: Мораме да и кажеме не на Русија
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денес се обрати од седиштето на Обединетите нации во Њујорк, на 56. пленарен состанок на 78-та седница на Генералното собрание, по повод две години од инвазијата на Русија врз Украина, кој се одржа на тема: Ситуацијата во привремено окупираните територии на Украина.
Османи, уште еднаш, ја повика Русија да ја прекине оваа бесмислена војна и да ги повлече своите трупи од суверената територија на Украина.
„Русија ги прекрши основните принципи на меѓународното право и започна целосна агресивна војна против Украина, земја членка на ОН’’, истакна Османи.
Воедно, министерот потенцираше дека Северна Македонија е исто така силно загрижена и ја осудува незаконската депортација на децата од Украина во Русија и Белорусија од страна на Руската федерација и ги повика да обезбедат нивно безбедно враќање дома.
„Мораме да и кажеме не на Русија! Правдата и одговорноста мора да надвладеат”, рече Османи, воедно додаде дека Северна Македонија им се придружи на другите 140 земји-членки за поддршка на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во нејзините меѓународно признати граници од 1991 година.
Османи повика на обединетост во поддршката за Украина, не само за доброто на жртвите и нивните семејства, туку и како предуслови за избегнување на понатамошни агресии и неиспровоцирана употреба на сила во меѓународните односи.