Македонија
Нема избори без листи за кандидати за пратеници

Во среда вечер на полноќ, истекува рокот за поднесување листи на кандидати за пратеници во Собранието на Република Македонија, според Роковникот за извршување на изборни дејствија за предвремените парламентарни избори на 5 јуни.
До вторник вечер, како што информираа од Државната изборна комисија (ДИК), не пристигнала ниту една листа за кандидати за пратеници. Ако не пристигне ниту една кандидатска листа, Комисијата има само една можност – да ја констатира таквата состојбата. До сега, само од Народното движење за Македонија најавија дека во среда во 13 часот ќе достават листи на кандидати за пратенци. Ваквата состојба не е предвидена во Изборниот законик, а од ДИК велат дека доколку се реализира сценариото ниедна партија да не достави листи на кандидати за пратеници, ќе се констатира состојбата, со забелешка дека не може да се одржат избори без кандидати за пратеници, по што сѐ е во рацете на Собранието.Откако ќе ги добие листите, ДИК има 48 часа за да утврди дали листата на кандидати е поднесена во утврдениот рок и дали е составена во согласност со одредбите на Изборниот законик. Евентуалните недостатоци, подносителите на листите ќе треба да ги отстранат исто така во рок од 48 часа. ДИК, во вторник, одржа седница на која го разгледа Извештајот од регистарот на државјани доставен од Министерството за внатрешни работи, кој покажува дека е зголемен бројот на лица со право на глас односно полнолетните жители на Македонија на 1.958.844. Малолетни се 505.422 или вкупно МВР има регистрирано 2.464.266 државјани на Република Македонија.Од дијаспората, до ДИК се пристигнати 6.686 пријави за гласање на македонски државјани кои престојуваат во странство. Сепак, можно е некој повеќе пати да се пријавил. За проверка е постапено по 3.190 пријави, но, има рок од уште три дена за обработка.Од четирите најголеми партии, во законскиот рок, само ВМРО-ДПМНЕ достави предлог листа за членови на избирачките одбори. Според законот, Државната изборна комисија испразнетите места ги пополнува со лица вработени во државната администрација. Во вторник на полноќ, заврши јавниот увид во избирачкиот список. Според роковникот, Државната изборна комисија, во рок од 5 дена, односно најдоцна до 14 мај, списокот го доставува до политичките партии, кои пак за пет дена од приемот до Комисијата можат да достават барање за запишување, дополнување или бришење на податоци./крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Уште еден случај на семејно насилно – скопјанец со возило се обидел да ја прегази сопругата, па ја истепал

Уште еден случај на семејно насилство во Скопје, сопруг се обидел да ја прегази сопругата со автомобил, кога не успеал, ја истепал.
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против едно лице за кривично дело – Телесна повреда.
„При вршење семејно насилство осомничениот 41-годишник телесно ја повредил неговата сопруга. Најпрво, во алкохолизирана состојба, ја натерал веднаш да одат и од банкомат да извадат пари од нејзината плата за да купи дрога. Оштетената го послушала, но враќајќи се назад кон нивниот дом, тој започнал вербална расправија, го запрел возилото и и кажал да излезе. Откако излегла, започнал да го врти возилото со намера да ја удри.
Бидејќи не успеал, го запрел возилото, тргнал кон оштетената по што и го одзел мобилниот телефон за да провери со кого разговарала. Во еден момент и физички ја нападнал, удирајќи и шлаканица и нанесувајќи и удари во пределот на лицето и вратот, од кои удари оштетената се здобила со телесни повреди изразени во вид на нагмечувања на лицето, на вратот и на раката“, соопшти Обвинителството.
Ценејќи ги сите околности, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка предложи да определи мерка на претпазливост – забрана за осомничениот да се приближува или воспоставува, односно одржува контакти или врски со жртвата.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ со една реченица одговара на честитката од Заев до Ципрас: Она со кое паметниот се срами, недоветниот се гордее

ВМРО-ДПМНЕ му одговара на честитката на Заев до Ципрас по повод Преспанскиот договор во една реченица.
„Зоран Заев упати честитка до Алексис Ципрас по повод седумгодишнината од Преспанскиот договор. Одговорот е само еден: она од кое паметниот се срами, недоветниот се гордее“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Заев му честиташе на Ципрас за седумгодишнината од договорот потпишан на 17 јуни 2018 година во Преспа, кој овозможи членство на Северна Македонија во НАТО.
Договорот го потпишаа тогашните министри за надворешни работи на Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас, во присуство на тогашните премиери Зоран Заев и Алексис Ципрас, посредникот во преговорите, Метју Нимиц, поранешниот еврокомесар за проширување, Јоханес Хан, поранешната висока претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини, и други високи меѓународни претставници, како и претставници на двете земји.
Македонија
Владата ја усвои новата стратегија за конфискација на незаконски стекнат имот

Со задоволство информирам дека на денешната седница на Владата беше усвоена Стратегијата за зајакнување на капацитетите за финансиски истраги и конфискација на имот за периодот 2025–2028, заедно со Акцискиот План, изјави вицепремиерот за добро владеење, Арбен Фетаи.
„Овој документ ја одразува непоколебливата посветеност на Владата на Република Северна Македонија за борба против организираниот криминал и корупцијата, преку зајакнување на надлежните институции со структуриран и систематски пристап, кој има за цел зголемување на ефикасноста при конфискацијата на незаконски стекнат имот“, рече тој.
Една стратегија, додаде Фетаи, колку и да е добра, останува само документ доколку не се спроведува ефикасно.
„Поради тоа, ги зајакнуваме механизмите за следење и надзор, преку основање на Националниот совет за финансиски истраги и конфискација на имот, кој ќе обезбеди успешно спроведување на утврдените цели“, рече тој.
Кабинетот на заменик-претседателот на Владата задолжен за политики за добро владеење ќе има централна улога во координирањето и поддршката на овие напори, обезбедувајќи постојана посветеност за реализација на оваа стратегија.