Македонија
Нема теренска проверка на избирачкиот список по пријавите на граѓаните

Државната изборна комисија, на седницата во четврток вечер, одлучи дека пријавите од граѓаните за неправилности во избирачкиот список нема да бидат земени предвид при утврдувањето на упатството за теренска проверка на списокот.
Членовите на ДИК едногласно го изгласа упатството за теренската проверка на избирачкиот список, за кој претходно, членовите на ДИК одлучија дека пријавите од граѓаните за неправилности во избирачкиот список нема да бидат земени предвид при утврдувањето на упатството.Информираа дека преку интернет апликацијата за избирачкиот список, досега имало околу 3.000 пријави за неправилности од граѓани, а Комисијата разгледала помалку од една четвртина од нив, односно 683.Членот на ДИК предложен од СДСМ, Игор Милев, предложи теренска проверка да се прави и по пријавите на граѓаните, откако ДИК ќе ги разгледа, а Бедредин Ибраими, кој е предложен од ДПА, го прифати неговиот предлог, но под услов граѓаните со пријавата задолжително да достават и документација која ќе послужи како доказ, но и двата предлози беа одбиени од мнозинството членови на Комисијата. Дискусијата се водеше околу начинот на проверување на пријавите на граѓаните, дали тие да се третираат како барања или, пак, по службена должност. Ако се разгледуваат како барања, тогаш постапката ќе се усложни и пријавувачот ќе има низа постапки пред себе во кои мора да докаже некоја неправилност. Другиот начин е ДИК да ги разгледува по допрен глас и по службена должност да решава по нив во соработка со соодветна институција.По речиси двочасовната пауза, членовите на ДИК ја одложијат седницата.Правната служба во Комисијата ќе ги разгледува пријавите, по што најспорните ќе бидат разгледувани на седница на ДИК и допрва ќе се договора како да постапи со нив.Пријавите на граѓаните, како што соопшти ДИК, се однесуваат за лице кое не е државјанин на Македонија, лице кое не поседува важечка лична карта или патна исправа, лице кое нема наполнето 18 години, лице кое е на привремена работа или престој во странство, лице кое има живеалиште на друга адреса, а претходно имало живеалиште на дадената адреса, лице кое е починато, лице кое не живее на одредената адреса, а нема податок дека има друго живеалиште.Граѓаните на социјалните мрежи постојано споделуваат информации за „натрапници“ на своите адреси, иселени лица, починати гласачи, нелогичен број на станари на еден стан, регистрирани гласачи на адреси на институции, како и на амбасади.Се уште во ДИК траат вкрстените проверки на бази на податоци од различни институции, а Комисијата најави дека првите резултати од тие проверки е можно да се објават викендов. По тоа треба да следи теренската проверка на проблематичните прашања што ќе произлезат од вкрстеното проверување.Пред седницата, членовите на ДИК се сретнаа со премиерот Емил Димитриев, по што беше соопштено дека Министерството за внатрешни работи ќе формира работна група на државно ниво и осум на локално ниво коишто на дневна основа ќе одговараат на барањата на Државната изборна комисија, во врска со прашања поврзани со предвремените парламентарни избори закажани за 5 јуни./крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Филипче: Македонија годинава ќе биде со најнизок економски раст во регионот

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска беше во посета на Радовиш, каде што се сретна со граѓаните и разговараше за предизвиците со кои се соочуваат во секојдневниот живот.
„По десет месеци од новата власт, разочарувањето е големо. Цените продолжуваат да растат, платите стагнираат, а граѓаните сè потешко врзуваат крај со крај“, истакна претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Филипче нагласи дека СДСМ со месеци дава конкретни предлози и закони за раздвижување на економијата и зголемување на платите, но дека власта останува глува.
„СДСМ со месеци дава конкретни предлози и закони со кои ќе се раздвижи економијата и ќе се зголемат платите, но власта е глува. Со месеци предупредувавме дека економијата тоне, а денес таа потврда стигна и од проекциите на Светската банка. Македонија, за жал, оваа година ќе биде со најмал економски раст во регионот. Владата ветуваше дека ќе бидеме лидери во регионот, но очигледно ќе бидеме последни. Ова е резултат на погрешни економски политики, но и целосна негрижа за граѓаните“, изјави Филипче.
Во своето обраќање, тој подвлече дека СДСМ останува на страната на граѓаните и ќе продолжи да работи за подобар живот за сите
„СДСМ ќе продолжи да работи и нуди решенија, силно верувам дека граѓаните ќе ја препознаат искрената намера и чесните политики кои се наменети за подобар живот“, додаде претседателот на СДСМ.
Македонија
СДСМ: Тошковски мораше да го признае скандалот со братот на Стефковски – треба да си даде оставка

Откако СДСМ денеска го објави скандалот со братот на градоначалникот Стефковски со видео докази, Тошковски беше принуден јавно да го признае. Ниту ќе го признаел, ниту ќе бил било кој санкциониран за ова, иако јавна тајна е дека функционерите на ДПМНЕ се однесуваат како шерифи, а Тошковски тоа добро го знае, велат од СДСМ.
„Денешното признание на Тошковски потврдува две работи: прво, дека СДСМ изнесува вистини и, второ, дека функционерите на ДПМНЕ, нивните браќа, сестри и роднини не ги почитуваат законите, а Тошковски тоа го овозможува. Граѓаните не се наивни — да не објавеше СДСМ, Тошковски ќе го криеше и натаму скандалот“, велат од СДСМ.
Според нив, веќе не се ни бројат скандалите кои го тресат МВР.
„Владее хаос, своеволие кои допрва ќе излегуваат на виделина. Уште што треба да се случи за Тошковски да поднесе оставка? СДСМ ќе продолжи гласно да ја брани правдата, законитоста и интересите на граѓаните“, велат од СДСМ.
Македонија
Гаши засега ќе се воздржи од коментари за претседателката на Антикорупциска

Во врска со актуелните настани поврзани со претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата, Татјана Димитровска, од кабинетот на Претседателот на Собранието, Африм Гаши, велат дека тој засега ќе се воздржи од коментари, а ако наводите се потврдат во судска постапка, тој ќе иницира постапка за разрешување.
„Почитувајќи го начелото на презумпција на невиност и независноста на судските органи, Претседателот на Собранието се воздржува од какви било прерани коментари. Основен приоритет е да им се овозможи на надлежните институции да ја завршат својата работа без било какви притисоци или влијанија. Сепак, доколку наводите бидат потврдени низ судска постапка, Претседателот на Собранието ќе постапи без двоумење и ќе иницира соодветна собраниска процедура за разрешување“, се наведува во соопштението од Кабинетот на Африм Гаши.
Одговорноста за зачувување на кредибилитетот и интегритетот на институциите, велат од таму, е врвен приоритет и обврска која не трпи компромис.
Претседателката на антикорупциската комисија, Татјана Димитровска, е осомничена во дополнетата истрага за предметот „Адитив“. Таа се сомничи дека преку апликациите за пораки „Вибер“ и „Воцап“ му одавала службени тајни на друг обвинет за поведени постапки за отворање предмети и одлуки против сега обвинетите фирми и лица во предметот „Адитив“, како и податоци за проверка на имотот и на неговото семејство.
Покрај тоа што ѝ e одземен пасошот, Кривичниот суд определи и забрана за преземање одредени работни активности поврзани со кривичното дело, што подразбира дека осомничената не смее да има контакт со предмети, пошта и друга документација поврзана со работењето на ДКСК, а воедно не може да гласа и да распределува предмети.