Македонија
Нова можност на граѓаните да обезбедат до 30.000 денари за приклучок или котел на гас: продолжен рокот за државната поддршка
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини продолжува со мерките што директно им помагаат на граѓаните да инвестираат во поекономично, поефикасно и почисто греење.
Во „Службен весник“ е објавена Програмата за изменување на Програмата за поттикнување за снабдување со гас во домаќинствата за 2026 година, со која рокот за аплицирање за финансиска поддршка се продолжува до 31 октомври 2026 година.
Со оваа одлука, Министерството отвора дополнителна можност за сите домаќинства кои сè уште не успеале да аплицираат, да ја искористат државната поддршка и да добијат до 30.000 денари, односно до 70 проценти од направените трошоци за приклучок на природен гас или за набавка на котел на гас.
За реализација на мерката се обезбедени 3 милиони денари, а средствата ќе се доделуваат по принципот „прв дојден – прв услужен“, до нивно исцрпување.
Продолжувањето на рокот е донесено со јасна цел – што поголем број граѓани да добијат можност да ја искористат оваа мерка и да ги намалат трошоците за греење, истовремено користејќи почист и поефикасен енергенс, велат од Министерството за енергетика.
Право на аплицирање имаат домаќинства кои во текот на 2026 година ќе извршат куќен приклучок на системот за дистрибуција на природен гас, како и домаќинства кои ќе набават котел на гас за објект што веќе бил приклучен на системот заклучно со 1 јануари 2026 година. Домаќинството може да поднесе едно барање.
Министерството ги повикува сите заинтересирани граѓани навремено да ги поднесат своите барања согласно условите од јавниот оглас. Повеќе информации има на сајтот на министерството – www.energy.gov.mk
По завршувањето на рокот, комисија формирана од Министерството ќе ги разгледа доставените апликации, а финансиската поддршка ќе биде исплатена на сите корисници кои ги исполнуваат пропишаните услови.
Поддршката на граѓаните, подобрувањето на енергетската ефикасност и создавањето поквалитетни услови за живот остануваат меѓу клучните приоритети на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини. Преку вакви мерки, Министерството продолжува да води политики што носат директна корист за семејствата и придонесуваат кон посигурна, почиста и поодржлива енергетска иднина, се додава во соопштението на Министерството за енергетика.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре почнува собраниската расправа за реконструкција на Владата
Собранието утре со почеток во 11 часот ќе ја одржи седницата за реконструкција на Владата, на која треба да бидат разрешени и избрани нови министри во осум ресори.
Ова е прва реконструкција на владата предводена од премиерот Христијан Мицкоски.
Според предложените кадровски решенија:
– Сашо Клековски е предложен за нов министер за здравство. Тој доаѓа од директорската функција во Фондот за здравствено осигурување, каде што треба да биде заменет од Златко Перински.
– Иван Стоиљковиќ ќе го преземе Министерството за локална самоуправа, додека неговото досегашно Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците ќе го раководи Агон Ферати.
– Во Министерството за правда, Јетон Шасивари доаѓа на местото на Игор Филков.
– За министер за земјоделство, шумарство и водостопанство е предложен актуелниот државен секретар Борче Серафимовски, кој ќе го наследи Цветан Трипуновски.
– Министерството за социјална политика, демографија и млади ќе го преземе досегашниот заменик-министер Ѓоко Велковски, кој доаѓа на местото на Фатмир Лимани.
– Нов министер за култура и туризам треба да биде Седат Сулејмани, кој ќе го замени Зоран Љутков.
– За министер без ресор задолжен за инклузија и спроведување на Стратегијата за Ромите е предложен Ерџан Демир.
Во меѓувреме, владината коалиција се прошири со Демократската партија на Турците, чиј пратеник во изминатиот период настапуваше како независен.
Премиерот Христијан Мицкоски дополнително треба да го соопшти името на кандидатот од оваа партија кој ќе раководи со министерство без ресор.
Македонија
(Фото) Уште една опасна артилериска граната пронајдена кај битолското с. Меџитлија
Пиротехничарот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Ѓорѓи Стефанов, безбедно отстрани неексплодирана артилериска граната со калибар 75 mm, што потекнува од Првата светска војна и ја транспортира до Армискиот полигон „Криволак“, каде што ќе биде уништена.

Како што информираат од ДЗС, гранатата била пронајдена при градежни работи што ги изведуваше ЈП „Стрежево“ – Битола, во атарот на село Меџитлија, Општина Битола, во близина на македонско-грчката граница.
Пријавата до ДЗС била доставена преку бројот за итни случаи 112.
Македонија
(Фото) Сиљановска-Давкова им подари традиционална галичка пафта на младенците на „Галичка свадба“
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова присуствуваше на „Галичка свадба“, којашто и годинава се одржа под нејзино покровителство.
Во духот на вековната традиција, пречекана со домашна нафора и сол од најмладите галичани, претседателката проследи дел од свадбарските обичаи што со векови се пренесуваат низ мијачкиот крај, како еден од најавтентичните изрази на македонското културно наследство.
По венчавањето во храмот „Св. Петар и Павле“, таа им се придружи на младенците и свадбарите во традиционалното оро.

Честитајќи им го бракот на овогодинешните младенци, Мартина Михајлова и Александар Пендароски, таа им подари галичка пафта со мотив од традиционалната галичка носија која е симбол на плодноста и македонското свадбено богатство.

Сиљановска-Давкова им посака заедничкиот живот да им биде исполнет со љубов, доверба и меѓусебна почит, а домот со разбирање и детска смеа.
За неа, семејството е највозвишената човечка заедница, бракот е уметност на неможното, а децата неговото најголемо богатство.

Годинашната „Галичка свадба“ започна на 10 јули со традиционалното поставување на свадбарскиот бајрак и симболичното фрлање три пушки од куќата на зетот, со што беше означен почетокот на свадбените свечености.
Од година во година, манифестацијата привлекува сѐ повеќе посетители од земјата и од странство, останувајќи една од најпрепознатливите симболи на македонскиот културен идентитет.
