Македонија
Oбвинителството ќе ги гони градоначалникот на Ново Село и уште 4 лица за криумчарење цигари

Основното јавно обвинителство од Струмица до судот достави обвинение против пет лица за сторено кривично дело „криумчарење“. До судот во Струмица доставен е и предлог за продолжување на мерката притвор за четворица обвинети. Меѓу обвинетите е и градоначалникот на општина Ново Село, Боро Стојчев.
„Обвинетите се товарат дека на 10 јули 2018 година заеднички како соизвршители, избегнувајќи ја царинската контрола се занимавале со пренесување непријавени стоки – цигари од значителна вредност. По претходен меѓусебен договор, двајца од обвинетите во с. Ново Коњарево во две теренски возила натовариле 66 картонски кутии во кои имало 32.980 кутии цигари од марката ‘Калипсо’“, пишува во соопштението од Обвинителството.
„Заедно со уште двајца обвинети со возилата се упатиле по полскиот пат кон селото Бадилен, продолжиле кон граничниот појас помеѓу Република Македонија и Република Бугарија каде петтиот обвинет кој ги чекал, имал задача да го надгледува теренот за да извести за евентуално присуство на полицијата. При нивното пристигнување во местото Попина Чука, на два километри од границата биле откриени и фатени од полициски службеници“, се додава во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски: Ветив дека ќе работиме поинаку и на дело го покажуваме тоа

Деновиве заврши реконструкцијата на основното училиште „Блаже Конески“ во Аеродром. Проект што целосно се реализира со средства првично планирани за кабинетот на градоначалникот, кои беа пренаменети за овој проект по иницијатива на градоначалникот Тимчо Муцунски.
„Ветив дека ќе работиме поинаку и на дело го покажуваме тоа. Реализираме проекти што за дечињата значат многу. Сега родителите веќе не треба да водат грижа затоа што дечињата ќе учат во модерни и реновирани простории. По обновувањето на фасадата на училиштето и извршената реконструкција, важно е дека до крајот на оваа година планирано е да почне и доградба на училишната зграда. Со тоа ќе го зголемиме капацитетот на училиштето и ќе обезбедиме подобри услови за реализација на училишните активности“, истакна градоначалникот при посетата на основното училиште.
Инвестицијата во висина од 30 илјади евра, средства целосно обезбедени од буџетот на Општина Аеродром, опфати санација и реконструкција на дел од училишната зграда, реконструкција на училницата за дневен престој, санација на санитарните јазли, промена на вратите и промена на подот во дел од училниците.
Со овој проект уште еднаш покажавме дека инвестициите во објекти наменети за децата се исклучително важни. Сите механизми на општината им се ставени на располагање за дечињата да спортуваат и рекреираат во модерни објекти, каде има соодветни услови за нивен раст и развој. Новиот начин на управување, одговорното и транспарентното работење и пренамената на непродуктивните трошоци кон проекти за нашата иднина се уште еден доказ за нашата намера да го направиме Аеродром поубава општина за сите генерации.
Македонија
Победа на хуманоста: Mozzart и ракометарите собраа 663.000 денари на СП

Македонија ги заврши настапите на Светското првенство (СП) на 27. позиција, но сепак, на овој планетарен ракометен настан победи хуманоста. Компанијата Mozzart продолжи со хуманитарните акции и како општествено одговорна компанија, како дел од кампањата „Повеќе од гол“, донира по 3.000 за секој гол на македонската ракометна репрезентација.
Со големо внимание се следеа дуелите против Норвешка, Холандија, Аргентина, Алжир, Тунис, Мароко и Јужна Кореја и се навиваше за гол повеќе – за успех на Македонија, но и за што е можно поголема бројка на погодоци во чест на оваа акција на регионалниот лидер во приредување игри на среќа која се одржува втора година по ред. На крајот на акцијата беа собрани вкупно 663.000 денари.
На овој шампионат, нашите ракометари беа најефикасни против Алжир и Мароко кога и на двата меча постигнаа по 40 гола, а границата над 30 гола беше надмината и со Јужна Кореја кога се постигнаа 33 погодока.
„Им благодариме на нашите ракометни асови, за нас тие се победници. Големо задоволство ни е што ја препознаа нашата акција „Повеќе од гол“, што ја поддржаа и што заедно станавме дел од еден голем проект, преку кој, на оние на кои им е најпотребно, барем малку ќе им ја вратиме насмевката на лицата и ќе им го направиме животот поудобен.” – изјавија од менаџментот на компанијата Mozzart.
Нашите ракометари со главниот амбасадор на оваа акција Филип Талески ќе одлучат кому и каде ќе биде упатена оваа донација. На ова Светско првенство, Талески беше втор стрелец со 27 гола, додека лидер беше нашиот лански амбасадор Филип Кузмановски со вкупно 37 постигнати гола.
„Мило ми е што бев вклучен во овој хуманитарен настан на Mozzart. Повторно, жалиме што не успеавме да ја минеме првата групна фаза, но во разигрувањето за пласман и Президент купот ја подобривме нашата игра и со тоа направивме и износот на донацијата на крајот да е поголем”, изјави Филип Талески, еден од нашите најдобри ракометари и член на ракометниот клуб Вардар.
Ова беше втора акција „Повеќе од гол“ на Mozzart, по ланската, на Европското првенство, кога низ натпреварите се постигнаа вкупно 70 гола и беа собрани 350.000 денари.
ПР
Македонија
Вицепремиерката Грковска ќе присуствува на молитвениот појадок во Вашингтон

Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, од денеска е во посета на Соединетите Американски Држави, каде ќе присуствува на Националниот молитвен појадок што ќе се одржи во Вашингтон, на 2 февруари 2023 година (четврток).
Овој настан, кој има 70-годишна традиција на исто место собира повеќе од 3.500 гости, светски лидери, претставници на бизнис секторот, верски водачи и истакнати личности кои зборуваат на политички и социјални теми.
Во рамките на посетата на САД, вицепремиерката Грковска ќе има средба и со заменик-помошникот државен секретар на САД и специјален претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, со сенаторката Џини Шахин, претседавач со Поткотмитетот за надворешни прашања за Европа и регионална безбедносна соработка на Сенатот, како и со Ричард Нефју, координатор за Глобална антикорупција на Стејт департментот на САД.
Вицепремиерката Грковска ќе оствaри средба и Џејсон Орландо, директор во Трезорот на САД во канцеларијата за техничка помош, како и со Семи Ширеј, постар лидер на Самитот за демократија.
Во рамки на работната посета на Вашингтон вицепремиерката Грковска ќе се обрати на Форумот на тема „Како да се спречи руската агресија врз Украина и штетното влијание на Кина во Европа“, во организација на конгресмените Роберт Адерхолт и Пит Сешнс. Грковска ќе биде панелист и на дебатата „Како да се спречи руското и кинеското влијание во Западен Балкан“, во организација на Трансатлантската мрежа на лидери.