Македонија
Oсмани на средба со надбискупот Галагер: „Ватикан и Скопје се развиваат блиски, пријателски и искрени меѓусебни односи“

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денеска оствари средба со секретарот за односи со државите на Светата Столица, надбискупот Пол Ричард Галагер, кој е во возвратна посета на нашата земја.
Заемно беше изразено задоволство од успешниот развој на билатералните односи меѓу двете земји, втемелени врз значајни историски врски, споделени културни вредности и заеднички духовни традиции.
„Сакам да го истакнам фактот дека меѓу Ватикан и Скопје се развиваат блиски, пријателски и искрени меѓусебни односи. Тие почиваат на нашата традиционална поврзаност, олицетворена во Гонџe Бојаџиу, родена овде во Скопје, нашата Мајка Тереза, која со својата хуманост и милосрдие, длабоко се вкорени како светица во римокатоличкиот систем на вредности. Враќајќи се наназад ќе дојдеме и до светите апостоли Кирил и Методиј, кои исто така претставуваат столбови на културниот образец на Европа, и цврст мост кој ги поврзува Северна Македонија и Ватикан“, истакна Османи.
Заблагодарувајќи се за учеството на надбискупот Галагер на тукушто одржаниот Преспа Форум Дијалог во Охрид, министерот Османи го информираше својот хомолог за најновите состојби и предизвици во процесот на интеграција на Северна Македонија во Европската Унија.
“Мислам дека имавме плодна дискусија, со навистина значајни теми, особено фактот што доминираше низ текот на целиот форум, дека Западниот Балкан, недвосмислено припаѓа во Европската Унија, а Северна Македонија доби поддршка практично од сите учесници за отворање на преговорите со Унијата уште за време на Француското претседателство”, изјави Османи.
Надбискупот Галагер ја реафирмираше поддршката на Светата Столица на нашиот пат кон Европската Унија, цврсто верувајќи дека од интеграцијата на државата во европското семејство, полза ќе има не само Регионот, туку и целиот континент.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Организацијата „Жени, мајки, родољупки на Македонија“ со протестно писмо до Османи – да се укинат преспанскиот и бугарскиот договор

Организацијата Жени, мајки, родољупки на Македонија „Ангелина Маркус“ упати протесно писмо до министерот за надворешни работи, Бујар Османи, во кое се бара од него да ги раскине Преспанскиот договор со Грција и Договорот за добрососедство со Бугарија затоа што биле нелегални и нелегитимни според меѓународните правни норми.
Здружението побара одговор од Османи зошто меѓу службите на Обединетите нации се одомаќинила употребата на терминот „јазикот на РСМ“ наместо употребата на „македонски јазик“.
„ Веќе извесен период кружат вести за интерна препорака за употреба на терминот „јазикот на РСМ“ во ООН. Одговорете ни, дали постои таков јазик? – прашуваат од Здружението „Ангелина Маркус“.
Оттаму сметаат дека има само еден излез за проблемите со Бугарија и Грција.
„ Бараме од МНР да ја постави и раководи постапката за еднострано раскинување на двата ништовни, нелегитимни и нелегални договори, Преспанскиот и Бугарскиот и да обезбедите членство на државата во ООН да продолжи под името Република Македонија согласно важечкиот референдум од 1991 година на кој имаше огромна излезност од 70%“, побара Здружението.
Организацијата бара од Османи да испрати нота и писмено барање до ООН до ЕУ и до сите инстанци за принципиелно однесување и враќање на одредницата „македонски“, „македонски народ“ и „македонски јазик“ во сите официјални и интерни документи на ООН и ЕУ.
„ Нашиот, идентитетот, на македонскиот народ е неразделив од името Македонија. Оттука се почнува и се завршува! И националниот идентитет е определен со основните критериуми, помеѓу кои првиот е јазикот, а потоа етницитетот, историското минато, културата и територијата! А, јазикот наш насушен македонски е ризница на нашата меморија!“, додадоа од Здружението „Ангелина Маркус“.
Орце Костов
Македонија
Арсовски: Дали тим од МНР денеска е на тајни преговори во Софија за прифаќање на предлогот и протоколот?

„Тотален дебакл и перманентно нарушување на сите преговарачки позиции со Бугарија е резултат на оваа Влада, предводена од СДСМ и ДУИ. Смешни се кога ги слушаме од Владата дека велат оти државата била цел на хибриден напад, кој ниту се обиделе да го спречат доколку го имало ниту поднесуваат одговорност затоа што не можеле да го спречат доколку имало такво напад. Смешни оправдувања за неспособноста на оваа Влада!“, изјави на денешната прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
Тој прашува:
– „Дали денеска има тим од МНР, кој е пратен во Република Бугарија да преговара за францускиот предлог?
– Дали е точно дека овој тим денеска преговара за предлогот да биде ставен во протокол за Европската Унија?
– Дали со ова молчење тимот од МНР ја крои тажната судбина на државата далеку од очите на јавноста, каде што ги води овие преговори во Софија?“
„Ковачевски, Османи, Маричиќ и сите други да одговорат што работат и што преговараат тајно, далеку од очите јавноста во однос на ова прашање поврзано со францускиот предлог. Ваков дебакл, каков што им се случи на Република Македонија и на граѓаните, не се случил никогаш и никаде во ниту една дипломатија“, порача Арсовски.
Македонија
Скопјанец со столче ја тепал сопствената мајка

Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 31-годишен скопјанец осомничен за кривично дело тешка телесна повреда од член 131 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
На 21 јуни во вечерните часови, во семејниот дом на улицата Дебарца во Скопје, осомничениот при вршење семејно насилство со умисла тешко телесно ја повредил својата 70-годишна мајка.
Тој најпрвин почнал вербална расправија, а потоа физички ја нападнал удирајќи ја со раце по лицето и телото. Продолжил да ја удира со столче, при што ѝ нанел тешки телесни повреди и ѝ ги скршил двете раце.
Од страв да не биде повторно нападната, оштетената го напуштила домот и го пријавила настанот на 24 јуни кога осомничениот повторно станал агресивен кон неа.
Надлежниот јавен обвинител оцени дека постојат околности што очигледно укажуваат на можност осомничениот да се даде во бегство или да го повтори кривичното дело, па до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор.