Македонија
Обвинителството покани експерти од ЕУ за актуелните предмети
И покрај тоа што има капацитет да се справи со сите предмети, но во насока на поголема транспарентност, како и со цел оневозможување на шпекулациите за работењето на јавните обвинители во предметите поврзани со актуелните случувања, Јавното обвинителство на Република Македонија достави во петокот официјална покана до органите на Европската унија за испраќање на меѓународни експерти кои би биле во тек со работата на јавните обвинители по актуелните предмети.
Ваквата одлука, како што се истакнува во соопштението, е одраз на „цврстиот став дека јавните обвинители доследно постапуваат согласно законите“ и дека јавноста нема причина за сомневање за нивното постапување.
Иако во објавата децидно не се соопштува за кои предмети станува збор, се претпоставува дека во прашање е обвиненеито против поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, кој е првоосомничен во акцијата „Пуч“. Зоран Верушевски е осомничен за две дела шпионажа и помагање при насилство спрема претставници на највисоките државни органи во полициската акција „Пуч“, во којашто осомничени се и неговата сопруга, лидерот на СДСМ, Зоран Заев и локален струмички функционер.
На 25-ти февруари вработен во МВР, обвинет во случајот „Пуч“, веќе доби тригодишна затворска казна откако се спогодил со Јавното обвинителство, а Основниот суд Скопје ја верификувал спогодбата.„Овозможувањето меѓународни експерти да бидат во тек со работата по предметите е само поради целосна транспарентност при работењето и отстранување на евентуалните сомнежи во објективноста на нашето постапување“, се додава во изјавата од Јавното обвинителство на Република Македонија и истовремено се изразува уверување дека со овој чекор се придонесува кон градењето довербатво независното и самостојно постапување на јавното обвинителство“.
Од Јавното обвинителство, меѓу другото, велат дека ја ценат отвореноста како „фундамент на демократијата“, и поради тоа посветуваат должно внимание на транспарентноста. Притоа се истакнува дека континуирано се обезбедуваат информации за текот на предметите во фазите на постапувањето „кога со откривање на информациите не може да се наруши натамошниот тек на кривичната постапката“.
„Јавното обвинителство е единствен и самостоен државен орган кој ги гони сторителите на кривични дела и на други со закон утврдени казниви дела. Јавните обвинители функцијата ја вршат законито, непристрасно и објективно. Во рамки на своите надлежности, а во име на општеството се грижат за ефикасност на кривичноправниот систем“, се вели во соопштението доставено до медиумите.
Се додава и дека обвинителство доследно ги почитува законите на земјата, ги почитува и заштитува слободите и правата на човекот и граѓанинот и правата на другите правни субјекти инволвирани во постапките./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Димитриевски до Пендаровски: Разликата е огромна, откажете се од оваа битка и оставете нè да победиме во вториот круг
Денеска ЗНАМ заедно со сите свои пддржувачи ја испишува новата политичка историја на македонската политичка сцена, рече вечерва претседателскиот кандидат на ЗНАМ, Максим Димитриевски. Иако е јасно дека не влегува во вториот круг, Димитриевски првиот круг од изборите го смета за голем успех.
„Можам да потврдам дека се роди третата политичка сила во македонскиот политички блок во државата која што имаме намера во следниот период дополнително да ја потврдиме и надградиме, со цел еден ден граѓаните да имаат можност да изберат нешто ново“, рече Димитриевски.
На противкандидатите им честиташе за успехот и се заблагодари на можноста да води кампања за која рече дека не била еднаква за сите оти законот кој е во сила не дава еднаква можност за медиумско претставување на сите партии.
Рече дека е горд на секој глас што го добиле како партија регистрирана пред само три месеци.
„Факт е дека јас како кандидат и ЗНАМ освоивме повеќе од 80.000 гласови. Регистриравме субјект кој постои нешто повеќе од три месеци и со граѓанската поддршка се етаблираше на трето место во политичкиот блок. Сметам дека тоа е одличен појдовен резултат за понатамошна борба. Јас не се сеќавам дека во историјата на плурална Македонија имало вакви примери, да имате партија со некаде три и пол илјади членови, а да освоите над 80.000 гласови. Искрено сум горд на секој тој еден глас што дојде, како поддршка за мене и ЗНАМ. И покрај тоа што трендовите се тие, десницата добива, а левицата губи, единствено десницата доживеа пораз во бастионот на асномска Македонија, а тоа е Куманово“, рече Димитриевски.
Порача на сите политичари дека треба да учат од овие избори оти граѓаните дале јасна насока каде сакаат да се движи државата, а посебна порака упати до Стево Пендаровски, кој освои повеќе 100.000 гласови помалку од Гордана Сиљановска-Давкова.
„Почитуван мој претседателе, разликата е огромна. Доколку сакате да опстане централната и левата идеја во државата, откажете се од оваа битка и оставете не да победиме во име на граѓаните во вториот круг“, порача Димитриевски.
Кога ќе завршат парламентарните избори, Димитриевски е уверен дека ЗНАМ ќе биде политички фактор за стабилност во државата без кој нема да може да се формира идната влада. Најави дека кога ќе ги почнат преговорите за формирање парламентарно мнозинство, на сите политички партии ќе им ги испорачаат нивните предлози за црвените линии на македонскиот народ.
Македонија
ДИК: Сиљановска Давкова освои 324 177, Пендаровски 161 393 гласа по обработени 89,97 отсто
Стево Пендаровски освои 161 393 гласа, 19,90 отсто, Гордана Сиљановска Давкова 324 177 односно 39,97 отсто од гласовите, Стевчо Јакимовски освои 7.499 односно 0,92 отсто од вкупниот број на гласовите.
Кандидатот Бујар Османи освои 110 903, односно 13, 68 отсто, Билјана Ванковска 35.949 односно 4,43 отсто од гласовите, Арбен Таравари 78.110 илјади односно 9,63 отсто, Максим Димитриевски 70,996, односно 8,75 отсто од гласовите се резултатите од обработените 89,97 отсто од гласовите, извести претседателот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски.
Тој додаде дека изборниот процес поминал мирно и достоинствено и смета дека 99 отсто работите поминале како што треба.
Македонија
Касами: Добитници на овие избори сме ние, ДУИ има купено гласови
„Влен“ е легитимен претставник на Албанците и ги доби гласовите на Албанците, изјави Билал Касами на прес конференција.
„Добитници на овие избори сме ние, коалицијата „Влен“. ДУИ има купено гласови од загрозените гласачи кои имаат потреби од пари. „Влен“ ги доби гласовите на Албанците, вели Касами.
„ДУИ го загуби последниот легитимитет да зборува во име на Албанците, затоа на 8 мај ние ќе победиме. Овој резултат и во мандати не е голема разлика со ДУИ и на 8 мај овој резултат ќе биде во наша полза. ДУИ успеа да ја загуби последната можност, еден кандидат Албанец да биде избран на директни избори во 2024 година. Тие ќе бидат запишани со црни букви во историјата на албанскиот народ во Македонија. Ако биле заинтересирани Албанец да оди во вториот круг сигурно ќе беа координирани со нас и ќе беше возможно да биде избран Албанец. Затоа мислиме дека вредеше оваа борба“, рече Касами.
Тој се заблагодари на сите што го гласаа кандидатот Арбен Таравари и додаде дека ДУИ има изгубено гласови од помалите етнички заедници и од загрозените граѓани.
Таравари кажа дека коалицијата подоцна ќе разговара за тоа кому ќе ги даде гласовите во вториот круг на претседателските избори.