Македонија
Огревно дрво по иста цена, но по друг систем на набавка
Нов начин за продажба на огревно и техничко дрво, воведува ЈП „Македонски шуми“ за 2016 година, а од денеска започнува јавниот повик до сите физички и правни лица кои ќе набавуваат дрво, со цел да се скратат роковите за доставување на дрва и прецизно да се утврдат количините на дрво кое што треба да се испорача до крајните потрошувачи.
Како што рече директорот на ЈП „Македонски шуми“ Жарко Караџоски, претходните години се случувало да се чека за огревно дрво во зависност од начинот на плаќање, па поради тоа за 2016 година се воведува нов транспарентен начин за набавка на дрва.Цената на буковото и дабовото дрво и во 2016 година остануваат исти, па така за буково огревно дрво ќе се плаќа по 2.370 денари по метар квадратен и дабово дрво за 2.450 денари по метар квадратен.Караџоски информираше дека пензионерите и инвалидите ќе можат да аплицираат за дрво најдоцна до 15.03.2016 година во подружниците на ЈП и огревното дрво ќе можат да го плаќаат на 8 рати.„Барањата за огревно дрво физичките лица од социјално ранливи категории, социјални случаи, лицата со попреченост во развојот, деца без родители, самохрани родители, стечајни работници, семејства на бранителите , членови на семејствата на вработени кои загинале при работа ќе можат да поднесуваат најдоцна до 15 март 2016 година со тоа што ќе треба да достават потврда за докажување на статусот и плаќање на 8 рати“, истакна Караџоски.Додаде дека сите други физички лица ќе можат да аплицираат за огревно дрво до 15.03.2016 со тоа што огревното дрво ќе можат да го купат на пет рати или со готовинска уплата.Техничкото дрво правните лица ќе можат да го купуваат на два начини и тоа по основ на рамковен договор и годишен договор. Правните лица кои имаат склучено рамковен договор ќе треба барањата да ги поднесат најдоцна до 15.02.2016 додека правните кои немаат склучено рамковен договор ќе треба да аплицираат до крајот на февруари 2016 година.Здруженијата, синдикатите и субјекти кои огревното дрво го користат во процесот на производство и за затоплување за огревно дрво ќе можат да аплицираат најдоцна до 15 февруари 2016 година. По истекот на овој рок нема да се примаат нови барања.За правните субјекти кои се регистрирани за промет на дрво и дрвни сортименти плаќањето е авансно, а крајниот рок за поднесување апликација е 31 март 2016 година. Во прилог на апликацијата треба да достават и изјава заверена на нотар дека максималната цена на продажба нема да биде повисока од 2.900 денари за просторен метар бука и 3.000 денари за даб. Покрај тоа, треба да достават и писмена изјава заверена на нотар со која се согласуваат ЈП „Македонски шуми“ да им задржи 10 отсто од вкупно уплатената сума и да го раскине договорот доколку не ја почитуваат максималната цена на продажба./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Османи: Европскиот фронт е голема идеја чие време е дојдено
Кандидатот на Европскиот фронт, Бујар Османи, вечерва на митинг пред граѓаните на Кичeво изрази благодарност до лидерите на Европскиот фронт и коалицијата која, како што вели Османи, е продолжение на битките во континуитет една по една, за разбивање на замоците на етничките монополи.
„Европскиот фронт не е политичка партија. Европскиот фронт не е ни коалиција на политички партии, Европскиот фронт е голема идеја. Тоа е одлична идеја чие време дојде, лавина што ги собра соништата на секој граѓанин на оваа земја, за еднаквост, за правда и просперитетен живот во ЕУ. И ова го гледам како ентузијазам, како насмевка во секое населено место каде што одам, бидејќи Европскиот фронт е трета унија, но сега со малку поинаква димензија“, истакна Османи.
Кандидатот на Европскиот фронт, Османи понатаму истакна дека останува уште едена последна тврдина на етничкиот монопол.
„Тврдината која нè загрижува сите и секогаш ни го дава тој сигнал дека се уште не е сè како што треба, сè уште нема еднакви можности за сите, таа е тврдината на првиот претседател. Значи, браќа и сестри, се натпреварувам, на 24 април да ја разберете тежината на оваа мисија, дека вашиот глас не е само за мојата кандидатура, вашиот глас, вашата поддршка е за да ја разбиете последната тврдина на етничкиот монопол и за заокружување на еднаквоста на сите заедници во нашата заедничка држава“, заклучи Османи.
Македонија
Таравари: Ќе ја вратиме некогашната репутација на Куманово и Липково
Ќе ја вратиме некогашната репутација на Куманово и Липково. Ќе го поврземе Куманово со Гњилане и Прешево, ќе инвестираме во агробизнис, грантови и земјоделци Ќе ги поврземе Куманово со Гњилане и Прешево, ќе инвестираме повеќе во агробизнисот, во грантови за земјоделците и во економски развој за да ја вратиме некогашната репутација на земјоделството и производството на регионот на Липково и Куманово. Ова беа дел од пораките кои претседателскиот кандидат Арбен Таравари ги испрати вечерва од општина Липково. Оваа општина ја донесе ДУИ на власт а како награда добива само штета, неправда и лошо владеење.
„Наместо да се привилегира и развива овој регион кој некогаш важеше за кризен регион, лошото владеење на ДУИ го втурна во повеќекратни кризи. Економска и земјоделска криза, невработеност и миграциска криза, но и безбедносна криза и монтирани случаи. Никој повеќе од жителите на овој крај не ги почувствувал последиците од лошото владеење на ДУИ“, нагласи Таравари во својот говор.
Но, според него, оваа состојба ќе заврши со гласот на самите граѓани, кој ВРЕДИ и ќе ја донесе долгоочекуваната промена.
„Ќе донесеме повеќе правда, прво за политичките монтирани случаи, каде што ќе се заложиме за правда и обештетување за оние Албанци кои неправедно се држат во затвор. Никогаш не го забораваме војникот на слободата и жител на овој крај, Реџаил Ќерими, кој неправедно беше држен во затвор 13 години и почина во ќелијата кога отворено се знаеше дека нема врска со она за што го обвинуваа, изјави Таравари.
Меѓу другото, Таравари од Липково повтори дека со доаѓањето на ВРЕДИ на власт ќе се забрани коцкањето, а ќе се простат и долговите од фирмите за брзи кредити кои исто така рече дека ќе се затворат.
Македонија
Кои се седнатите на софра со најголемите криминалци од Грчец, Шиша бар, со оние од убиствата во Ханиоти, прашува Силјановска-Давкова
Ги нема сликите низ весниците кои се најдобар доказ, бидејќи сликите понекогаш повеќе кажуваат од зборовите, за тоа кој е кој во ова корупциско и криминално гнездо, вели професорката Горданa Силјановска -Давкова вечерва од Велес.
„Колку претседатели сте виделе, колку премиери сте виделе, колку министри за внатрешни работи сте виделе седнати на софра со најголемите криминалци од Грчец, Шиша бар, со оние од убиствата во Ханиоти? Може да се сликате со некого на улица, ама на софра да бидете тоа значи дека сте во спрега. Значи, во право е претседалот на ВМРО-ДМПНЕ кога вели дека, не само со чинење, не само со криминални активности, туку и со замижување пред криминалот и корупцијата вие сте соучесник во нив, посочи Силјановска Давкова и додаде:
„Во овие избори има нешто специфично, до ѕидот сме доведени. Вие заслужувате власт соодветна на вашето достоинство, власт од којашто нема да се плашите и срамите, туку ќе се гордеете“, порача вечерва од Свети Николе, кандидатката за претседател на државата, поддржана од ВМРО – ДПМНЕ и коалициските партнери