Македонија
Општина Центар објави јавен повик за проектот „Нож и виљушка на европска чинија“
Општина Центар објави јавен повик за реализација на проектот „Нож и виљушка на европска чинија“, настан што ја промовира македонската кујна, но и вкусовите од европското поднебје, со посебен акцент на локалните производители на храна.
„Храната е дел од нашиот културен идентитет и начин да ја споделиме домашната традиција со другите. Со проектот „Нож и виљушка на европска чинија“ ги доближуваме македонската и европската кујна до граѓаните, а локалните производители ќе имаат можност да се претстават со своите автентични производи. Како и претходната година, очекувам пријатна атмосфера, добра дружба и размена на вкусови и искуства“, порача градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски.
Во рамки на настанот се предвидува програма со различни активности наменети за сите возрасни категории, како и музички настапи што ќе ја збогатат манифестацијата.
На јавниот повик можат да се пријават регистрирани здруженија, организации и правни субјекти од областа на културата со седиште во Општина Центар, кои ќе понудат концепт и програма за реализација на проектот.
Рокот за поднесување на пријавите е пет дена од денот на објавувањето на повикот на општинската веб-страница, каде што е достапна и пријавата за аплицирање.
Повеќе информации на нашата веб страна https://www.centar.gov.mk/za-gragjanite/povici/javni-povici
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Министерство за здравство: На Клиниката за хематологија нема недостиг на лекови и терапија
Министерството за здравство ги демантира информациите кои се појавија во дел од медиумите за „колапс на Клиниката за хематологија“.
„Во врска со објавите со наслов „Пациенти алармираат за колапс на Клиниката за хематологија“, најостро ги демантираме изнесените наводи како целосно невистинити и неосновани.
Според информациите од стручниот колегиум на Клиниката нема недостиг на лекови и терапија за пациентите, ниту пак е утврден застој во обезбедувањето на неопходниот медицински третма“, соопшти министерството.
Клиниката за хематологија, додаваат од таму, останува целосно посветена на континуирано, стручно и одговорно лекување на пациентите, согласно медицинските протоколи и стандарди.
„Апелираме до политичките субјекти и медиумите да се воздржат од ширење непроверени информации кои предизвикуваат вознемиреност кај пациентите и нивните семејства, особено кога станува збор за чувствителни категории пациенти.
Инаку од ДСЗИ информираат дека согласно член 239-д од Законот за здравствена заштита, Државниот санитарен и здравствен инспекторат четири пати годишно врши инспекциски надзори во јавните здравствени установи, а во врска со евалуацијата на успешноста на здравствената установа, која ја врши Министерството за здравство“.
Во ЈЗУ УК за хематологија последен редовен инспекциски надзор според соопштеното, бил извршен на 04 март 2026 год.
„При надзорот не се констатирани недостатоци по однос на резерви на потрошен медицински материјал (шприцеви, игли, стерилни ракавици, кеси за венепункција..) како и средства за дезинфекција. Во однос на терапијата и третманот на пациентите, одлуките се во надлежност на стручните медицински тимови“.
Македонија
СДСМ: Внесете ги малцинствата во Уставот, знаеме дека не мислите на другите, барем мислете на себе
„Христијан Мицкоски денеска изјави дека ВМРО е „промакедонска партија“. Промакедонска?
Значи, не се македонска? Не може да бидат македонска партија кога половина од нив имаат бугарски пасоши“, велат од СДСМ.
Според оваа партија, пола Влада, министри, пратеници, директори, градоначалници, семејството на Мицкоски, семејството на Латас – уредникот на Орбановите медиуми, како што велат, сите се со црвени пасоши на ЕУ.
„Затоа и имате проблем со малцинствата во Уставот. Затоа и ја блокирате Европа.
Затоа и не сакате да продолжат преговорите. Внесете ги малцинствата во Уставот – знаеме дека не мислите на другите, барем мислете на себе. Вие не го браните македонскиот идентитет. Вие го користите како штит за да ја заштитите криминалната империја и да продолжите со пљачката“.
Според СДСМ, македонска е само онаа партија која се бори Македонија да биде полноправна членка на Европската Унија, а не изолирана провинција на Орбан и Путин.
„Реформи сега. Малцинства во Уставот сега. Европа сега. Нема враќање назад.
Македонија
Волк е животното кое вчера беше заловено во скопска населба: потврдија надлежните
По детални проверки, проценки и консултации со домашни и странски експерти, потврдено е дека животното кое вчера беше заловено во населбата Козле е волк, а не куче или мешанец, потврдија од ЗОО Скопје.
„Во текот на денот, во ЗОО Скопје дојдоа и сопствениците на кучето Сириус од расата чехословачки волчјак, по кое трагале веќе два месеци, кои на лице место се уверија дека не станува збор за нивното куче, туку за вистински волк, што и самите го потврдија“.
Животното, велат од таму, не е чипирано, измерено е дека тежи околу 25 килограми, а од страна на стручните служби била земена и крв за биохемиска анализа и дополнителни испитувања.
„Волкот е млад, но неухранет и недоволно развиен за својата возраст.
Во ЗОО Скопје денес излегоа и инспектори од Агенцијата за храна и ветеринарство, кои исто така се уверени дека станува збор за волк ( Canis lupus)
Дополнително, контактирани се и експерти и институции од повеќе европски центри и резервати за волци, со цел да се добие и меѓународна потврда и стручно мислење“.
Надлежните со апел до јавноста да не се шират шпекулации и дезинформаци, туку сите заедно повеќе да работиме на едукација дека диви животни не се чуваат како домашни миленичиња на ланец.
„Скопје ЗОО ќе продолжи внимателно да ги следи здравствената состојба и однесувањето на животното и ќе ја информира јавноста за сите понатамошни информации“.
И од Агенцијата за храна и ветеринарство попладнево известија дека официјален ветеринар на агенцијата доцна попладнево спровел вонреден надзор во скопската зоолошка градина каде вчера вечер беше згрижено диво животно заловено во скопската населба Козле.
„Врз основа на искуство во работата со диви животни и спроведениот стручен преглед на физичката градба на заловеното животно и неговото однесување, како и на проверка на други важни факти за утврдување на неговиот вид, од страна на официјалниот ветеринар потврдено е дека станува збор за диво животно од видот волк“.
Од агенцијата додаваат дека дополнително, ќе се утврдува и тековниот здравствен статус на заловеното диво животно и ќе се решава за натамошните постапки во врска со него.
