Македонија
Жолчна расправа во МАНУ за политичката ситуација во земјата и албанската платформа
Македонската академија на науките и уметностите(МАНУ) во вторник го одржа 50-то Годишно собрание, на кое се разви жолчна расправа за политичка ситуација во земјата и платформата на албанските партии.
Претседателот на МАНУ, Таки Фити, во експозето истакна што било направено во 2016 и што ќе се прави во 2017 година, но се осврна и на најновите политички случувања во земјата, при тоа додавајќи дека одговорноста е кај политичарите и тие треба да го вратат дијалогот во институциите, јави А1он.
„Состојбата е премногу сериозна и тензична. Неопходно е сите политички субјекти во земјата да разберат дека е потребна мала искра за разгорување на внатреетнички и меѓуетнички судири, кои можат комплетно да ја дестабилизираат земјата. Оттука, е потребно, без одлагање, дебатите за клучните реформски приоритети на земјата и за комплексот прашања од меѓуетничките односи да се вратат и одвиваат во институциите на системот“, рече Фити
Според него, сите решенија треба да бидат согласно Уставот, а МАНУ ќе се произнесе кога тие решенија ќе бидат јавно објавени.
Академик Митко Маџунков настапи со текст во кој ја отвори темата за платформата нарекувајќи ја „ултранационалистичка“, која има поддршка од ЕУ и САД и дека е рамна на уцена или ултиматум.
За него, оваа платформа значи целосно уништување на Македонија и нејзино претворање во голема Албанија.
„Сега платформата на албанските партии стократно повеќе ги повредува чувствата на Македонците и за сега е ред на Албанците да се извинат и да ја повлечат својата платформа, а меѓународната заедница да се огради“, рече Маџунков.
Тој понатаму додаде дека платформата содржи прашања за унитарноста и федерализицијата на Македонија, заради што треба да се отфрли, исто онака како и предложената поделба на Македонија во 2001 година.
„Обидот за воведување двојазичност на целата територија води кон поништување на претежниот христијански и православен карактер на нашиот народ и кон исламизација и албанизација на нашата таковина, рече Маџунков, според кого на Македонија и се заканува редефинирање до непрепознатливост, со што би се решиле отворените прашања за името, јазикот, црквата и за самиот народ“, истакна Маџунков.
Според Катица Ќулавкова, Академијата не треба да застанува на страна на, како што рече, манупилирани патриотски платформи.
„Се поставува прашањето за функцијата и смислата на таа платформа. Мислам дека таа е алатка за дестабилизација на државата и институциите, а не за заштита на некои права на Албанците… МАНУ не би требало да излегува со иницијатива за контраплатформа“, рече Ќулавкова.
Таа додаде дека најдобро решение е повлекување на платформата од страна на Албанците, но и повлекување на оние што бараат одбрана од платформата.
За академик Луан Старова, ништо не е трагично за македонскиот јазик ако е објавена една политичка платформа во Тирана.
„Јас, којшто 40 години пишувам на албански и на македонски јазик, не чувствувам дека некој го загрозува овој јазик од страна на Албанците. Напротив, 25-30 отсто зборуваат македонски јазик од страна на Албанците…
Од излагањето на Маџунков се оградија академиците Алајдин Абази и Изет Зекири.
„Вие барате ревизија на целокупната активност што беше досега афирмативна на Република Македонија. Јас за тоа имам повеќе од вас да говорам, јас сум го отворил универзитетот наменет за албански, македонски и англиски јазик. Вие денеска сте ревизор на сè што е добро во меѓунационалните односи во Македонија и барате да се отфрли и да се вратиме во минатото“, рече академик Абази, прв ректор на Универзитетот на ЈИЕ.
Академик Иван Катарџиев рече дека за ваква дебата е потребна организирање посебна седница на МАНУ, на која академиците ќе бидат подготвени, а не да импровизираат.
Тој предложи други приоритети на кои треба да работи Академијата, како иницирање на попис на населението.
Исто така, смета и дека заедничките проекти со Бугарската академија на науките и уметностите треба да се однесуваат на општо светски теми, а не за историјата и етнографијата, потсетувајќи на неодамнешната изјава на поранешниот бугарски претседател дека Македонија треба да се откаже од македонизмот.
„Не треба да дозволиме нашите историски проблеми и нашето минато да бидат единствено теми за дебата со колегите од БАН“, рече Катарџиев.
Витомир Митевски рече дека приоритетна и постојана грижа на МАНУ треба да биде јазикот и дека македонскиот јазик во својата матична земја не смее да биде загрозен од малцинските јазици во РМ.
„МАНУ има должност да го унапредува статусот на македонскиот јазик во Република Македонија на сите рамништа и во соседните земји и светот.., рече Митевски, додавајќи дека секој државен службеник треба да има положен испит за познавање на македонскиот јазик и да добие дозвола за работа, а за припадниците на малцинските заедници да биде зголемен бројот на часови на македонскиот јазик во образованието.
Академик Зузана Топлињска рече „се чувствуваме дури навредени кога некои луѓе од странство немаат доволно респект и фактографски знаења за македонскиот јазик“.
„А што правиме ние сите во изминатите повеќе од 20 години за афирмација на тој јазик“, праша Тополињска.
Милан Ѓурчинов смета дека платформата во овој момент е недопустливо да се лансира бидејќи, како што рече, е запаллива и може да предизвика несовладлив оган. Но, исто така, рече тој, не треба да се негира различно мислење.
Во експозето академик Фити соопшти дека во 2016 МАНУ имала 108 научно-истражувачки проекти, нејзините членови објавиле 198 научни статии, од кои 71 во списанија со импакт-фактор. Организирани биле голем број конференции и собири, а оваа година на 10 октомври со посебна програма ќе одбележи 50 години постоење, за што подготвува три изданија. /крај/а1он
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Изет Меџити од Берлин: Дијаспората ја совлада Југославија, ќе го совладат и ДУИ
Лидерот на Демократското Движење, истовремено и носител во изборната единица број еден, Изет Меџити, учествуваше во голем собир со дијаспората во Берлин на Коалицијата ВЛЕН (ВРЕДИ).
Меџити од овој собир на дијаспората и се обрати со зборови каде им ја даде убавата вест дека на 8 мај пристигнува победата, но и за вредноста на учеството на дијаспората во овие избори кои многу добро знаат да казнуваат режими и тие кои го мразат Курти и Косово.
„Првите политички движења се отпочнати од дијаспората, како за совладување на Југославија, така и за независноста на Косово, а токму од ова дијаспора ќе пристигне и казната за ДУИ која се спротиставува на Косово и кокетира со Вучиќ”.
Тој, исто така, додаде дека сега е историскиот момент за промени во албанската политичка сцена после децении, со обединетата опозиција и со Самоопределување.
Македонија
Во Скопје санкционирани 179 возачи
Секторот за внатрешни работи Скопје во текот на вчерашниот ден (19.04.2024) продолжи со контролите во областа на сообраќајот.
На територија на град Скопје изречени се вкупно 179 мерки, меѓу кои за возење повеќе од дозволената брзина 51 санкција, 11 мерки за возење без возачка дозвола, осум санкии за поминување на затворен сигнал – црвено светло, седум мерки за управување под дејство на алкохол…
Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови.
Македонија
Посебен сообраќаен режим викендов во Скопје поради предизборни митинзи
Поради предизборни митинзи за претседателските избори викендов во централното градско подрачје ќе биде воведен посебен сообраќаен режим.
Како што информира Министерството за внатрешни работи од денеска од 19 часот до утре до 21 часот на улицата „Св. Кирил и Методиј“ ќе биде воведен посебен сообраќаен режим поради одржување на митинг што ќе се одржи утре во 13 часот пред седиштето на Европската унија. За сообраќај ќе биде затворена ул.„Св.Кирил и Методиј“ на потегот од крстосницата со бул.„Кочо Рацин“ до крстосницата со бул.„Св. Климент Охридски“.
Утре во 20 часот на плоштадот „Македонија“, пак, ќе се одржи митинг од изборната кампања за претседателските избори поради што Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје, а сообраќајот времено ќе се запира на сообраќајниците по кои ќе се движат учесниците на настанот.
Од МВР апелираат до граѓаните да ги почитуваат наредбите на полициските службеници.