Општество
Адеми: Образованието, обуката и научно-истражувачката дејност се клучни за развојот
Министерот за образование и наука, Абдилаќим Адеми, во понеделник присуствуваше на првата меѓународна конференција „Smart City“ во Драч, Република Албанија.
„Огромна е улогата на образованието, обуката и на научно-истражувачката дејност во напорите за развој на просперитетно општество кое води грижа за сопствената одржливост и развива креативен и иновативен човечки капитал. Би сакал да се задржам на две работи: Политиката за истражување и развој, и на подготовката на младите и на возрасните за квалитетно вработување преку образовните политики креирани во сите степени на образованието“, истакна во своето обраќање пред присутните министерот Адеми.
Тој додаде дека во поглед на истражувањето и развојот е формиран Фонд за иновации и технолошки развој, кој обезбедува техничка помош на иновативни компании преку грантови, заеми, инвестиции за еднаквост и финансиска помош за истражување и развој.
„Голема улога во развојот на науката, истражувањето и иновациите има меѓународната соработка. Учеството на сите земји од регионот во ХОРИЗОНТ 2020 носи огромен потенцијал за соработка. Обврска на сите засегнати страни е да вложат максимални напори за што поквалитетно вклучување во Програмата. Со учество во Регионалната истражувачко-развојна стратегија за иновации за Западен Балкан, ќе придонесеме кон постигнување на главната цел: јакнење на влијанието на истражувањето и иновациите на економскиот раст и на креирањето работни места“, рече Адеми.
Министерот ги запозна присутните и со измените на Законот за високо образование, со кои се воведени „Прозорци на мобилност“, со кои се задолжуваат високообразовните установи најмалку 10% од задолжителните и изборните предмети од студиските програми да ги реализираат на англиски јазик (мин. 20 ЕКТС), кој е во согласност со Болоњскиот процес.
Во делот на основното и средното образование, потенцираше министерот Адеми, можам да истакнам од оваа учебна година ги имплементиравме адаптираните курикулуми по математика и природни науки за прво, второ и трето во соработка со Кембриџ -меѓународниот центар за наставни програми.
„Исто така се реализираат бројни активности за унапредување на околината за учење, на курикулумите и наставните содржини, на образовните процеси и на постигањата на учениците. Со измени на легислативата за матурските, односно завршните испити, од оваа учебна година 2014/2015, математиката е задолжителен предмет во екстерниот дел од матурските испити“, рече министерот.
Адеми ги запозна присутните и со напорите кои ги прави Владата на Република Македонија, во насока на јакнење на врската помеѓу пазарот на труд и развојот на курикулумите.
„Во февруари оваа година започна СКИЛС проектот, со цел унапредување на квалитетот на националниот систем за образование за развој на вештини и јакнење на структурите за поддршка на иновациите“, напомена министерот Адеми.
Учесниците на конференцијата, беа запознаени и со активностите за имплементација на Стратегијата за интегрирано образование, која се реализира во соработка со ОБСЕ и високообразовните установи за подготовка на наставниците за основно образование и за предучилишно воспитание и образование.
Со цел, потенцираше Адеми, унапредување на правната рамка и стандардите за стручно образование и обука, донесени се измени на Законот за стручно образование и обука, воведен е регистер на ученици со договори за практична обука кај работодавачи и со училиштата за стручно образование и обука.
„Имплементацијата на Стратегијата за стручно образование и обука во контекст на доживотно учење 2013-2020 е приоритет на Владата на Република Македонија, а во таа насока е донесена и Стратегија за доживотно учење, со што дел од специјалните програми за образование на возрасни се вклучени во Оперативниот план за активни мерки и програми за вработување“, рече во своето обраќање министерот Адеми. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Годишен извештај на Народниот правобранител: Помалку претставки од граѓаните за работата на јавните обвинителства
Во извештајната 2023 година, во областа која се однесува на работата и постапувањето на обвинителствата во Република Северна Македонија поднесени се 63 претставки што е за 24 помалку во однос на 2022 година, се констатира во Годишниот извештај за степенот на обезбедувањето почитување, унапредување и заштита на човековите слободи и права во 2023 година што го објавува Народниот правобранител на Република Северна Македонија.
Согласно објавените податоци, бројот на претставки на граѓаните на годишно ниво се намалил за повеќе од 38%, што претставува резултат на заложбите на Јавното обвинителство за зголемување на ефикасноста на постапките и континуираните напори за подобрување на довербата на граѓаните во работата на јавните обвинителства.
Во најголем број од претставките граѓаните бараа интервенција во врска со постапки пред основните јавни обвинителства (51), потоа пред Основното јавно обвинителството за организиран криминал и корупција (4), постапка пред Јавното обвинителство на РСМ (3), пред вишите јавни обвинителства (2), друго (2) и една претставка се однесуваше за постапка пред Совет на јавни обвинители. Ваквиот сооднос е очекуван со оглед на обемот на предметна работа и фактот што токму јавните обвинителства со основна надлежност го прават првиот директен контакт на граѓаните со институцијата.
Доколку се има предвид вкупниот обем на работа на јавните обвинителства кои активно постапуваат по поднесени кривични пријави за над 40.000 сторители на кривични дела во текот на годината, поднесените 63 претставки до Народниот правобранител претставуваат околу 0,1% од таа бројка. Притоа, граѓаните во посочените предмети изразувале незадоволство поради непостапување по поднесена пријава на кривично дело, одолжување на постапката или поради незадоволство од донесена одлука. Од тие причини Народниот правобранител, меѓу останатите препораки во извештајот, во делот на Јавното обвинителство препорачува основните јавни обвинителства да ги доставуваат јавнообвинителските одлуки до странките и да им се овозможи правото да ги обжалат до повисоките јавни обвинителства, да постапуваат поажурно и навремено да преземаат дејствија, да го почитуваат рокот од 3 месеци доколку не донесат јавнообвинителска одлука да го известуваат повисокиот јавен обвинител и пријавителот, за да нема сомневање и страв дека гонењето ќе застари.
Сите овие забелешки Јавното обвинителство ги зема предвид, детално ги анализира и ќе продолжи да презема активности за дополнително зголемување на ефикасноста, на транспарентноста и на отчетноста за постапките што ги води. Ваквите заложби на Јавното обвинителство се веќе воспоставен начин на работа при што уште во извештајот за 2022 година омбудсманот констатираше дека за разлика од претходните години, сега јавните обвинителства, особено издвојувајќи ги Основното јавно обвинителство Скопје и Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, постапуваат по барањата на Народниот правобранител, даваат суштински и целосни одговори за бараните информации од постапките, се вели во соопштението од Јавното обвинителство.
Македонија
Денеска со зајдисонце за муслиманите започнува месецот Рамазан
Денеска со зајдисонце за муслиманите започнува месецот Рамазан, при што се поттикнуваат добри дела, молитви и читање Куран чие објавување започна токму во месецот Рамазан пред повеќе од 1.400 години.
Рамазан е деветтиот месец од муслиманскиот лунарен календар, благословен и свет месец во кој верниците од исламска вероисповед ширум светот постат во текот на дневните часови.
Целта е да се излезе од Рамазан подобар, поздрав, со простени гревови.
Првиот ден на постот е во понеделник на 11 март, а последниот на 9 април.
Рамазан е месец на прочистување на духот, умот и телото во кој муслиманите се откажуваат од храна, пијалок и други телесни задоволства, не прават неморални дела и избегнуваат гнев.
Добротворноста е многу важен дел од исламот и уште поважно е за време на Рамазан кога муслиманите се потсетуваат на великодушноста и ги зголемуваат своите добротворни активности.
Секоја година, Рамазан започнува 10 до 12 дена порано бидејќи исламскиот календар е всушност лунарен хиџри календар каде месеците имаат 29 или 30 дена.
Бидејќи лунарната година е пократка од сончевата година за 11 дена, во 2030 година ќе има два Рамазани – првиот ќе започне на 5 јануари, а вториот на 26 декември.
Постот завршува со Бајрам.
Македонија
Народната банка со поддршка за борбата против семејното насилство
Вработените во Народната банка организираа хуманитарна акција, преку која изразија поддршка за борбата против семејното насилство. Донацијата на вработените за „Кризниот центар за згрижување на жени жртви на семејно насилство-Надеж“, кој 20 години нуди поддршка и помош на жените кои поминуваат низ тешки животни искуства, ја врачија гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, вицегувернерката Ана Митреска и претставници на Синдикатот на вработените во Народната банка.
При посетата на Кризниот центар, тимот на Народната банка се запозна со предизвиците со кои се соочува здружението и активностите кои ги преземаат за помош и поддршка на жените жртви на насилство. На средбата беше истакната потребата од понатамошно јакнење на свеста на сите општествени чинители за предизвиците со кои се соочуваат овие жени и долгиот процес и улогата на општеството во нивната рехабилитација.
„Потребата од натамошно подобрување на состојбите треба да е и причина да размислиме што и каде може да се унапреди за да се направат промени. Треба да посветиме должно внимание и да упатиме гласни пораки дека со економско зајакнување, жените жртви на семејно насилство многу полесно ќе го прекинат кругот на насилство и помалку ќе бидат жртви. Потребна е многу поголема сензибилност во однос на пристапот до работа на оваа ранлива категорија на жени. Тоа подразбира креирање мерки за нивно вработување, врз основа на реалните потреби на жените, или нивна стручна преквалификација, доквалификација што ќе придонесе за нивно интегрирање и задржување на пазарот на трудот“, истакна гувернерката Ангеловска-Бежоска, при посетата на Здружението „Кризен центар за згрижување на жени жртви на семејно насилство-Надеж“.