Општество
Акцискиот план за проектот Отворено владино партнерство влегува во втора фаза
Центарот за истражување и креирање политики (ЦИКП) во соработка со Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) во средата го организираше вториот јавен настан ,,Отворено владино партнерство (ОВП) – дијалог со граѓанските организации за Националниот акциски план 2016-2018”, чија цел е подготовка на втора нацрт верзија на Акцискиот план за ОВП за периодот 2016-2018, во соработка со граѓанските организации (ГО).
Центарот за истражување и креирање политики (ЦИКП) во соработка со Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) во средата го организираше вториот јавен настан ,,Отворено владино партнерство (ОВП) – дијалог со граѓанските организации за Националниот акциски план 2016-2018”, чија цел е подготовка на втора нацрт верзија на Акцискиот план за ОВП за периодот 2016-2018, во соработка со граѓанските организации (ГО).
На овој начин се овозможи простор за дискусија меѓу ГО и владините институции за новите предлог-мерки кои произлегоа од консултативниот процес спроведен на порталот www.e-demokratija.mk.
ОВП е глобална иницијатива која служи како платформа за домашните реформатори кои се посветени да ги направат своите влади поотворени, отчетни и пресретливи за граѓаните. Република Македонија пристапи кон ОВП во 2011 година и во тек е подготовката на третиот двогодишен акциски план кој се развива во тесна соработна со граѓанското општество.
Министерката за информатичко општество и администрација, Марта Арсовска Томовска нагласи дека МИОА е во целост посветено на овој процес и ги охрабри сите страни на продуктивна работа и предлагање ефикасни предлог – мерки. Од друга страна, постојаната координаторка на Обединетите нации и постојана претставничка на Програмата за развој на Обединетите Нации, Луиза Винтон посочи дека процесот на ОВП оди рака под рака со спроведувањето на одржливите развојни цели, особено во поглед на целта бр. 16 – Мир, правда и силни институции.
Во септември 2015-та година, Управниот одбор на ОВП ја потпиша заедничката декларација што ги обврзува владите вклучени во ова партнерство, да го искористат ОВП како платформа за постигнувањето на Одржливите развојни цели (ОРЦ) од Агендата на ОН за одржлив развој 2030. Вклучувањето на ОРЦ во Акцискиот План за ОВП 2016-2016 беше важен дел од денешната работата на шесте работни групи, формирани за подготовката и спроведувањето на овој акциски план. Македонија е прва земја во регионот што спроведува активности за спојувањето на ОВП и ОРЦ, а оваа добра практика ќе се сподели со релевантните чинители од регионот.
Околу 120 претставници од ГО и јавни институции во средата работеа поделени во шест работни групи со цел подготовка на ефективни мерки со трансформативно влијание за новиот акциски план за ОВП 2016-2018. Начинот на кој се подготвува овој акциски план е добар пример на партиципативно креирање политики кој може да послужи и за сите други консултативни процеси. Предлог Акцискиот план ќе влезе во процедура за усвојување од Владата на РМ кон крајот на овој месец./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Годишен извештај на Народниот правобранител: Помалку претставки од граѓаните за работата на јавните обвинителства
Во извештајната 2023 година, во областа која се однесува на работата и постапувањето на обвинителствата во Република Северна Македонија поднесени се 63 претставки што е за 24 помалку во однос на 2022 година, се констатира во Годишниот извештај за степенот на обезбедувањето почитување, унапредување и заштита на човековите слободи и права во 2023 година што го објавува Народниот правобранител на Република Северна Македонија.
Согласно објавените податоци, бројот на претставки на граѓаните на годишно ниво се намалил за повеќе од 38%, што претставува резултат на заложбите на Јавното обвинителство за зголемување на ефикасноста на постапките и континуираните напори за подобрување на довербата на граѓаните во работата на јавните обвинителства.
Во најголем број од претставките граѓаните бараа интервенција во врска со постапки пред основните јавни обвинителства (51), потоа пред Основното јавно обвинителството за организиран криминал и корупција (4), постапка пред Јавното обвинителство на РСМ (3), пред вишите јавни обвинителства (2), друго (2) и една претставка се однесуваше за постапка пред Совет на јавни обвинители. Ваквиот сооднос е очекуван со оглед на обемот на предметна работа и фактот што токму јавните обвинителства со основна надлежност го прават првиот директен контакт на граѓаните со институцијата.
Доколку се има предвид вкупниот обем на работа на јавните обвинителства кои активно постапуваат по поднесени кривични пријави за над 40.000 сторители на кривични дела во текот на годината, поднесените 63 претставки до Народниот правобранител претставуваат околу 0,1% од таа бројка. Притоа, граѓаните во посочените предмети изразувале незадоволство поради непостапување по поднесена пријава на кривично дело, одолжување на постапката или поради незадоволство од донесена одлука. Од тие причини Народниот правобранител, меѓу останатите препораки во извештајот, во делот на Јавното обвинителство препорачува основните јавни обвинителства да ги доставуваат јавнообвинителските одлуки до странките и да им се овозможи правото да ги обжалат до повисоките јавни обвинителства, да постапуваат поажурно и навремено да преземаат дејствија, да го почитуваат рокот од 3 месеци доколку не донесат јавнообвинителска одлука да го известуваат повисокиот јавен обвинител и пријавителот, за да нема сомневање и страв дека гонењето ќе застари.
Сите овие забелешки Јавното обвинителство ги зема предвид, детално ги анализира и ќе продолжи да презема активности за дополнително зголемување на ефикасноста, на транспарентноста и на отчетноста за постапките што ги води. Ваквите заложби на Јавното обвинителство се веќе воспоставен начин на работа при што уште во извештајот за 2022 година омбудсманот констатираше дека за разлика од претходните години, сега јавните обвинителства, особено издвојувајќи ги Основното јавно обвинителство Скопје и Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, постапуваат по барањата на Народниот правобранител, даваат суштински и целосни одговори за бараните информации од постапките, се вели во соопштението од Јавното обвинителство.
Македонија
Денеска со зајдисонце за муслиманите започнува месецот Рамазан
Денеска со зајдисонце за муслиманите започнува месецот Рамазан, при што се поттикнуваат добри дела, молитви и читање Куран чие објавување започна токму во месецот Рамазан пред повеќе од 1.400 години.
Рамазан е деветтиот месец од муслиманскиот лунарен календар, благословен и свет месец во кој верниците од исламска вероисповед ширум светот постат во текот на дневните часови.
Целта е да се излезе од Рамазан подобар, поздрав, со простени гревови.
Првиот ден на постот е во понеделник на 11 март, а последниот на 9 април.
Рамазан е месец на прочистување на духот, умот и телото во кој муслиманите се откажуваат од храна, пијалок и други телесни задоволства, не прават неморални дела и избегнуваат гнев.
Добротворноста е многу важен дел од исламот и уште поважно е за време на Рамазан кога муслиманите се потсетуваат на великодушноста и ги зголемуваат своите добротворни активности.
Секоја година, Рамазан започнува 10 до 12 дена порано бидејќи исламскиот календар е всушност лунарен хиџри календар каде месеците имаат 29 или 30 дена.
Бидејќи лунарната година е пократка од сончевата година за 11 дена, во 2030 година ќе има два Рамазани – првиот ќе започне на 5 јануари, а вториот на 26 декември.
Постот завршува со Бајрам.
Македонија
Народната банка со поддршка за борбата против семејното насилство
Вработените во Народната банка организираа хуманитарна акција, преку која изразија поддршка за борбата против семејното насилство. Донацијата на вработените за „Кризниот центар за згрижување на жени жртви на семејно насилство-Надеж“, кој 20 години нуди поддршка и помош на жените кои поминуваат низ тешки животни искуства, ја врачија гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, вицегувернерката Ана Митреска и претставници на Синдикатот на вработените во Народната банка.
При посетата на Кризниот центар, тимот на Народната банка се запозна со предизвиците со кои се соочува здружението и активностите кои ги преземаат за помош и поддршка на жените жртви на насилство. На средбата беше истакната потребата од понатамошно јакнење на свеста на сите општествени чинители за предизвиците со кои се соочуваат овие жени и долгиот процес и улогата на општеството во нивната рехабилитација.
„Потребата од натамошно подобрување на состојбите треба да е и причина да размислиме што и каде може да се унапреди за да се направат промени. Треба да посветиме должно внимание и да упатиме гласни пораки дека со економско зајакнување, жените жртви на семејно насилство многу полесно ќе го прекинат кругот на насилство и помалку ќе бидат жртви. Потребна е многу поголема сензибилност во однос на пристапот до работа на оваа ранлива категорија на жени. Тоа подразбира креирање мерки за нивно вработување, врз основа на реалните потреби на жените, или нивна стручна преквалификација, доквалификација што ќе придонесе за нивно интегрирање и задржување на пазарот на трудот“, истакна гувернерката Ангеловска-Бежоска, при посетата на Здружението „Кризен центар за згрижување на жени жртви на семејно насилство-Надеж“.