Општество
Децата дадоа гол против туберкулозата
Еден месец пред Светскиот ден на борба против туберкулозата, Скопје беше домаќин на спортски натпревар на кој, децата од Домот за деца без родителска грижа „11 октомври”, децата од околните основни училишта и Дани Димитровска дадоа гол против туберкулозата.
Еден месец пред Светскиот ден на борба против туберкулозата, Скопје беше домаќин на спортски натпревар на кој, децата од Домот за деца без родителска грижа „11 октомври”, децата од околните основни училишта и Дани Димитровска дадоа гол против туберкулозата.
Болеста која за жал, зема се поголем замав во светски рамки, е непријател со кој човештвото мора да се соочи и притоа, да излезе како победник. Децата од Домот и од околните училишта, со фудбалски натпревар на кој единствена поразена страна беше оваа тешка болест, испратија порака дека посветеноста на превенција и заштита од туберкулозата е единствен начин за намалување на стапката на заболени жители на Земјата.
„Да, денеска не само што дадовме гол, туку и ја победивме туберкулозата. Заедно со децата, испративме порака дека е време да се подигне свеста за оваа болест, кај сите генерации. Останува на нас колку ќе вложиме во борбата, а верувам и се надевам дека настанот „Гол против туберкулозата” е симболичен почеток на уште една голема победа, на човештвото во целина”, истакна Дани Димитровска, која на децата им објасни што е всушност туберкулоза, и кој е најдобриот начин да се заштитат од оваа болест.
Настанот беше во организација на Здружението на граѓани МЕРЦ, кои ја нагласија својата желба за ширење на свеста за оваа тешка болест меѓу граѓаните во Македонија.
„Веруваме дека борбата против болестите на 21-виот век, вклучувајќи ја и туберкулозата е борба на сите граѓани. Превенцијата на оваа болест во голема мера зависи од информираноста на граѓаните, а „Дај гол против туберкулозата” е само еден настан преку кој сакаме да ја подигнеме свесноста за болеста. Благодарност до Домот за деца без родителска грижа „11 октомври”, околните основни училишта и Дани, кои на точно еден месец пред Светскиот ден на борба против туберкулозата покажаа како сите ние треба да се посветиме, за да успееме да ја добиеме оваа битка за нас, и нашето здравје”, изјави Дарко Илиев, претставник на МЕРЦ.
Од оваа невладина организација најавуваат уште активности кои ќе претходат на Светскиот ден на борба против туберкулозата. Како што самите велат, ова е единствениот начин на кој може да се делува, но и единствен начин на кој може да се привлечат што повеќе граѓани активно да се вклучат во борбата против туберкулозата. Борбата против туберкулозата, е наша борба – и сите треба да се придружиме на оваа благородна мисија./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Денеска со зајдисонце за муслиманите започнува месецот Рамазан
Денеска со зајдисонце за муслиманите започнува месецот Рамазан, при што се поттикнуваат добри дела, молитви и читање Куран чие објавување започна токму во месецот Рамазан пред повеќе од 1.400 години.
Рамазан е деветтиот месец од муслиманскиот лунарен календар, благословен и свет месец во кој верниците од исламска вероисповед ширум светот постат во текот на дневните часови.
Целта е да се излезе од Рамазан подобар, поздрав, со простени гревови.
Првиот ден на постот е во понеделник на 11 март, а последниот на 9 април.
Рамазан е месец на прочистување на духот, умот и телото во кој муслиманите се откажуваат од храна, пијалок и други телесни задоволства, не прават неморални дела и избегнуваат гнев.
Добротворноста е многу важен дел од исламот и уште поважно е за време на Рамазан кога муслиманите се потсетуваат на великодушноста и ги зголемуваат своите добротворни активности.
Секоја година, Рамазан започнува 10 до 12 дена порано бидејќи исламскиот календар е всушност лунарен хиџри календар каде месеците имаат 29 или 30 дена.
Бидејќи лунарната година е пократка од сончевата година за 11 дена, во 2030 година ќе има два Рамазани – првиот ќе започне на 5 јануари, а вториот на 26 декември.
Постот завршува со Бајрам.
Македонија
Народната банка со поддршка за борбата против семејното насилство
Вработените во Народната банка организираа хуманитарна акција, преку која изразија поддршка за борбата против семејното насилство. Донацијата на вработените за „Кризниот центар за згрижување на жени жртви на семејно насилство-Надеж“, кој 20 години нуди поддршка и помош на жените кои поминуваат низ тешки животни искуства, ја врачија гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, вицегувернерката Ана Митреска и претставници на Синдикатот на вработените во Народната банка.
При посетата на Кризниот центар, тимот на Народната банка се запозна со предизвиците со кои се соочува здружението и активностите кои ги преземаат за помош и поддршка на жените жртви на насилство. На средбата беше истакната потребата од понатамошно јакнење на свеста на сите општествени чинители за предизвиците со кои се соочуваат овие жени и долгиот процес и улогата на општеството во нивната рехабилитација.
„Потребата од натамошно подобрување на состојбите треба да е и причина да размислиме што и каде може да се унапреди за да се направат промени. Треба да посветиме должно внимание и да упатиме гласни пораки дека со економско зајакнување, жените жртви на семејно насилство многу полесно ќе го прекинат кругот на насилство и помалку ќе бидат жртви. Потребна е многу поголема сензибилност во однос на пристапот до работа на оваа ранлива категорија на жени. Тоа подразбира креирање мерки за нивно вработување, врз основа на реалните потреби на жените, или нивна стручна преквалификација, доквалификација што ќе придонесе за нивно интегрирање и задржување на пазарот на трудот“, истакна гувернерката Ангеловска-Бежоска, при посетата на Здружението „Кризен центар за згрижување на жени жртви на семејно насилство-Надеж“.
Македонија
Заедничка иницијатива на засегнатите од неспроведувањето на новиот закон за бришење на застарени долгови
Во понеделник, 11 март 2024 во 12 часот пред Министерство за правда во Скопје, може да дојде секој од засегнатите граѓани од извршители, а кој сака да поднесе барање за застарување на долг – 10 години од издавање на извршна исправа – или да поднесе приговор за нерегуларности од извршувањата (пренаплатеност, лихварење, рекет, измама, фалсификат…), информира преку Фејсбук статус Ана Глигорова.
Глигорова вели дека ќе има подготвени, испечатени теркови со барања до Министерството кои ќе може да се пополнуваат на лие место и потоа да се поднесат во пријавницата на Министерството за правда.
Овие барања ќе се однесуваат за сите оние кои биле одбиени од извршителите да го спроведат новиот закон кој е во сила, но и за сите оние кои не поднеле никакво барање до сега, информира Глигорова.
-Ако поднесувате приговор за други нерегуларности составете го сами, според предметот за кој сте засегнати, но и тие документи ќе бидат предадени истиот ден, – додава таа.
Глигорова порачува засегнатите да земат слободен ден или час од работа, за да дојдат лично да ги пополнат и предадат поднесоците за што ќе им биде потребна лична карта и фотокопија од документите.