Општество
ЕНЕР надграден со нов дизајн и современи модули
Новините и надградбата на Единствениот национален електронски регистар на прописи, односно веб порталот ЕНЕР, во четврток ги презентираше министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски.
Измените и надградбата се направени со цел на засегнатите страни да им се даде корисна и практична алатка за нивно континуирано учество во процесите на донесувањето на регулативата.
„Покрај новиот дизајн ЕНЕР нуди и нови современи и практични модули, меѓу кои : едноставна регистрација и упатства за користење, нова систематизација на прописите, согласно категоризацијата која се користи од Службениот весник на Република Македонија, системско конфигуриран период на автоматска објава на коментар, со што ќе се овозможи поголема ажурност на навремено објавување на коментари, потоа поставување на бројчаник со јасно прикажување на денот и часот на завршување на процесот на консултација, што ќе овозможи поголема сигурност кај јавните корисници во кој временски период ќе може да ги испратат своите коментари, како и воведување нови линкови“, рече министерот Ивановски.
ЕНЕР е воведен во 2009 година, а во 2012 година, се спроведе неговата прва надградба. Сите овие активности се плод на успешна повеќегодишна соработка помеѓу
Министерството за информатичко општество и администрација и Проектот на УСАИД за унапредување на инвестирањето и извозот имплементиран во Македонија.
„Апелирам до сите институции, до сите физички и правни лица, да го користат Единствениот национален електронски регистар на прописи и сите заинтересирани страни да се вклучат во процесите. Со тоа ќе поттикнеме дискусии, предлози и содржини, кои квалитативно можат да влијаат врз донесувањето на законските решенија“, додаде Ивановски. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Денеска со зајдисонце за муслиманите започнува месецот Рамазан
Денеска со зајдисонце за муслиманите започнува месецот Рамазан, при што се поттикнуваат добри дела, молитви и читање Куран чие објавување започна токму во месецот Рамазан пред повеќе од 1.400 години.
Рамазан е деветтиот месец од муслиманскиот лунарен календар, благословен и свет месец во кој верниците од исламска вероисповед ширум светот постат во текот на дневните часови.
Целта е да се излезе од Рамазан подобар, поздрав, со простени гревови.
Првиот ден на постот е во понеделник на 11 март, а последниот на 9 април.
Рамазан е месец на прочистување на духот, умот и телото во кој муслиманите се откажуваат од храна, пијалок и други телесни задоволства, не прават неморални дела и избегнуваат гнев.
Добротворноста е многу важен дел од исламот и уште поважно е за време на Рамазан кога муслиманите се потсетуваат на великодушноста и ги зголемуваат своите добротворни активности.
Секоја година, Рамазан започнува 10 до 12 дена порано бидејќи исламскиот календар е всушност лунарен хиџри календар каде месеците имаат 29 или 30 дена.
Бидејќи лунарната година е пократка од сончевата година за 11 дена, во 2030 година ќе има два Рамазани – првиот ќе започне на 5 јануари, а вториот на 26 декември.
Постот завршува со Бајрам.
Македонија
Народната банка со поддршка за борбата против семејното насилство
Вработените во Народната банка организираа хуманитарна акција, преку која изразија поддршка за борбата против семејното насилство. Донацијата на вработените за „Кризниот центар за згрижување на жени жртви на семејно насилство-Надеж“, кој 20 години нуди поддршка и помош на жените кои поминуваат низ тешки животни искуства, ја врачија гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, вицегувернерката Ана Митреска и претставници на Синдикатот на вработените во Народната банка.
При посетата на Кризниот центар, тимот на Народната банка се запозна со предизвиците со кои се соочува здружението и активностите кои ги преземаат за помош и поддршка на жените жртви на насилство. На средбата беше истакната потребата од понатамошно јакнење на свеста на сите општествени чинители за предизвиците со кои се соочуваат овие жени и долгиот процес и улогата на општеството во нивната рехабилитација.
„Потребата од натамошно подобрување на состојбите треба да е и причина да размислиме што и каде може да се унапреди за да се направат промени. Треба да посветиме должно внимание и да упатиме гласни пораки дека со економско зајакнување, жените жртви на семејно насилство многу полесно ќе го прекинат кругот на насилство и помалку ќе бидат жртви. Потребна е многу поголема сензибилност во однос на пристапот до работа на оваа ранлива категорија на жени. Тоа подразбира креирање мерки за нивно вработување, врз основа на реалните потреби на жените, или нивна стручна преквалификација, доквалификација што ќе придонесе за нивно интегрирање и задржување на пазарот на трудот“, истакна гувернерката Ангеловска-Бежоска, при посетата на Здружението „Кризен центар за згрижување на жени жртви на семејно насилство-Надеж“.
Македонија
Заедничка иницијатива на засегнатите од неспроведувањето на новиот закон за бришење на застарени долгови
Во понеделник, 11 март 2024 во 12 часот пред Министерство за правда во Скопје, може да дојде секој од засегнатите граѓани од извршители, а кој сака да поднесе барање за застарување на долг – 10 години од издавање на извршна исправа – или да поднесе приговор за нерегуларности од извршувањата (пренаплатеност, лихварење, рекет, измама, фалсификат…), информира преку Фејсбук статус Ана Глигорова.
Глигорова вели дека ќе има подготвени, испечатени теркови со барања до Министерството кои ќе може да се пополнуваат на лие место и потоа да се поднесат во пријавницата на Министерството за правда.
Овие барања ќе се однесуваат за сите оние кои биле одбиени од извршителите да го спроведат новиот закон кој е во сила, но и за сите оние кои не поднеле никакво барање до сега, информира Глигорова.
-Ако поднесувате приговор за други нерегуларности составете го сами, според предметот за кој сте засегнати, но и тие документи ќе бидат предадени истиот ден, – додава таа.
Глигорова порачува засегнатите да земат слободен ден или час од работа, за да дојдат лично да ги пополнат и предадат поднесоците за што ќе им биде потребна лична карта и фотокопија од документите.