Општество
ЕУ го поддржува подобрувањето на системот за бесплатна правна помош во Македонија
Наодите од мониторингот на спроведувањето на Законот за бесплатна правна помош, кој е финансиран од Европската унија, ќе бидат презентирани во вторник во Скопје.
Наодите од мониторингот на спроведувањето на Законот за бесплатна правна помош, кој е финансиран од Европската унија, ќе бидат презентирани во вторник во Скопје.
Проектот „Пристап до правда во Македонија“ се спроведуваше во последните 18 месеци, со финансиска поддршка од Европскиот инструмент за демократија и човекови права (EIDHR) на Европската унија.
Проектот вклучи активности за мониторинг на спроведувањето на Законот за бесплатна правна помош, врз основа на методологија развиена и применета од страна на Фондацијата Отворено општество – Македонија и мрежата од 6 овластени здруженија за обезбедување бесплатна правна помош.
Во текот на проектот, правни совети беа обезбедени за повеќе од 1.800 граѓани од ранливите групи за да решат некој конкретен правен проблем со кој се соочуваат; поднесени беа вкупно 159 барања за правно застапување во судски постапки финансирано од државата; покренати беа административни спорови против 13 одлуки со кои се одбива барање за бесплатна правна помош пред Управниот суд. Освен тоа, шесте здруженија овластени за обезбедување претходна правна помош ги изградија своите капацитети и добија директна поддршка за нивната работа.
Овој проект, финансиран од ЕУ, има за цел да придонесе во подобрувањето на системот за заштитата на човековите права во земјата. Исто така, проектот се фокусираше на идентификување на слабостите во примената на Законот за бесплатна правна помош, преку директно вклучување во овој механизам. Проектот претставува продолжување на повеќегодишните заложби на здруженијата кои работат на примената на овој суштински инструмент за заштита на човековите права.
Конкретните цели на проектот подразбираа активно учество во и следење на примената на Законот за бесплатна правна помош, за да се направи независна оценка на слабостите во примената на Законот и да се подготват препораки за подобрување на јавната политика. /крај/мф/ап/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Денеска со зајдисонце за муслиманите започнува месецот Рамазан
Денеска со зајдисонце за муслиманите започнува месецот Рамазан, при што се поттикнуваат добри дела, молитви и читање Куран чие објавување започна токму во месецот Рамазан пред повеќе од 1.400 години.
Рамазан е деветтиот месец од муслиманскиот лунарен календар, благословен и свет месец во кој верниците од исламска вероисповед ширум светот постат во текот на дневните часови.
Целта е да се излезе од Рамазан подобар, поздрав, со простени гревови.
Првиот ден на постот е во понеделник на 11 март, а последниот на 9 април.
Рамазан е месец на прочистување на духот, умот и телото во кој муслиманите се откажуваат од храна, пијалок и други телесни задоволства, не прават неморални дела и избегнуваат гнев.
Добротворноста е многу важен дел од исламот и уште поважно е за време на Рамазан кога муслиманите се потсетуваат на великодушноста и ги зголемуваат своите добротворни активности.
Секоја година, Рамазан започнува 10 до 12 дена порано бидејќи исламскиот календар е всушност лунарен хиџри календар каде месеците имаат 29 или 30 дена.
Бидејќи лунарната година е пократка од сончевата година за 11 дена, во 2030 година ќе има два Рамазани – првиот ќе започне на 5 јануари, а вториот на 26 декември.
Постот завршува со Бајрам.
Македонија
Народната банка со поддршка за борбата против семејното насилство
Вработените во Народната банка организираа хуманитарна акција, преку која изразија поддршка за борбата против семејното насилство. Донацијата на вработените за „Кризниот центар за згрижување на жени жртви на семејно насилство-Надеж“, кој 20 години нуди поддршка и помош на жените кои поминуваат низ тешки животни искуства, ја врачија гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, вицегувернерката Ана Митреска и претставници на Синдикатот на вработените во Народната банка.
При посетата на Кризниот центар, тимот на Народната банка се запозна со предизвиците со кои се соочува здружението и активностите кои ги преземаат за помош и поддршка на жените жртви на насилство. На средбата беше истакната потребата од понатамошно јакнење на свеста на сите општествени чинители за предизвиците со кои се соочуваат овие жени и долгиот процес и улогата на општеството во нивната рехабилитација.
„Потребата од натамошно подобрување на состојбите треба да е и причина да размислиме што и каде може да се унапреди за да се направат промени. Треба да посветиме должно внимание и да упатиме гласни пораки дека со економско зајакнување, жените жртви на семејно насилство многу полесно ќе го прекинат кругот на насилство и помалку ќе бидат жртви. Потребна е многу поголема сензибилност во однос на пристапот до работа на оваа ранлива категорија на жени. Тоа подразбира креирање мерки за нивно вработување, врз основа на реалните потреби на жените, или нивна стручна преквалификација, доквалификација што ќе придонесе за нивно интегрирање и задржување на пазарот на трудот“, истакна гувернерката Ангеловска-Бежоска, при посетата на Здружението „Кризен центар за згрижување на жени жртви на семејно насилство-Надеж“.
Македонија
Заедничка иницијатива на засегнатите од неспроведувањето на новиот закон за бришење на застарени долгови
Во понеделник, 11 март 2024 во 12 часот пред Министерство за правда во Скопје, може да дојде секој од засегнатите граѓани од извршители, а кој сака да поднесе барање за застарување на долг – 10 години од издавање на извршна исправа – или да поднесе приговор за нерегуларности од извршувањата (пренаплатеност, лихварење, рекет, измама, фалсификат…), информира преку Фејсбук статус Ана Глигорова.
Глигорова вели дека ќе има подготвени, испечатени теркови со барања до Министерството кои ќе може да се пополнуваат на лие место и потоа да се поднесат во пријавницата на Министерството за правда.
Овие барања ќе се однесуваат за сите оние кои биле одбиени од извршителите да го спроведат новиот закон кој е во сила, но и за сите оние кои не поднеле никакво барање до сега, информира Глигорова.
-Ако поднесувате приговор за други нерегуларности составете го сами, според предметот за кој сте засегнати, но и тие документи ќе бидат предадени истиот ден, – додава таа.
Глигорова порачува засегнатите да земат слободен ден или час од работа, за да дојдат лично да ги пополнат и предадат поднесоците за што ќе им биде потребна лична карта и фотокопија од документите.