Општество
Извршена прва кардиохируршка интервенција во Македонија на предвремено родено бебе
Во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ е направена првата кардиохируршка интервенција во Македонија на предвремено родено бебе со телесна тежина под еден килограм, беше соопштено на прес-конференцијата во петокот во оваа реномирана скопска здравствена установа.
Во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ е направена првата кардиохируршка интервенција во Македонија на предвремено родено бебе со телесна тежина под еден килограм, беше соопштено на прес-конференцијата во петокот во оваа реномирана скопска здравствена установа.
И покрај сложеноста и ризикот, проф. д-р Салис Таџер успешно ја оперираше малата Катја. Оваа интервенција била клучна за нејзиното натамошно лекување и развивање. За време на операцијата Катја беше стара 34 дена и тежеше 830 грама.
„Бидејќи нејзината тежина беше под еден килограм, операцијата беше многу ризична со можност за преживување од 20 отсто. Не постоеше можност да се префрли во операциона сала бидејќи Катја беше на респиратор со тубус. Хируршкото затворање на дуктусот го направивме во инкубатор во интензивната неонатална нега. Од нас се бараше голема прецизност, бидејќи ако само малку се тргнат белите дробови и срцето настрана, тоа може да направи застој на срцето. Направивме коронарна хирургија на крвни садови од два/три милиметра. По интервенцијата малата Катја добро напредуваше а дијафрагмите се активираа. Интервенцијата е завршена и веќе нема да има проблеми со дуктусот“, рече за новинарите проф. д-р Салис Таџер кардиохирург во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ .
Бебето Катја Тодоровска е родена предвреме, во 26-та гестациска недела од бременоста, со ниска родилна тежина од 830 грама. Грижата и борбата за нејзиниот живот започнала уште во родилната сала. Имајќи ја предвид незрелоста и малата родилна тежина, од клучно значење била навремената примарна реанимација, по што следеше поставување на Катја на апарати за вештачка вентилација. Стодневното дневното лекување на Катја било спроведувано во согласност со сите протоколи за предвремено родени, со постојан мониторинг на сите витални функции, појасни тимот од „Аџибадем Систина“.
„Опасност од рани компликации се јавуваат постојано и бараат огромен ангажман во нивното решавање. По две-три недели поминати со асистирано дишење, лекувањето почна да дава резултати. И токму кога мислевме дека лесно ќе оди одвикнувањето од респираторот, се појави нов проблем. Еден крвен сад кој ги поврзува големите артерии (ductus arteriosus) остана отворен. Ваквата кондиција го отежнуваше лекувањето и водеше кон нови компликации. По интервенцијата работите потоа одеа полесно, бебето просто растеше пред нашите очи, секојдневно се менуваше и созреваше“, појасни на заедничката средба со новинарите д-р Симонида Спасевска педијатар.За цело време на престојот, Катја добивала огромна љубов и посветеност од целиот тим неонатолози и медицински сестри. По сто дена малата пациентка си замина дома, како бебе старо 3,5 месеци и тешко 1680 грама.
„Ние го исполнивме нашето ветување, Катја ја напушти болницата во прегратките на мама и тато“ , рече д-р Спасевска.
Катја е родена по четвртото ин-витро оплодување направено во Клиничката болница „Аџибадем Систина“. И покрај тоа што шансите за потомство биле мали, на крајот на свет дојде малата Катја.
„Бевме упорни, се боревме и заедно со Марина успеавме! Бременоста ја водевме тимски заедно со д-р Гордана Петровска. Морам да го пофалам целиот тим на неонатолози кои професионално си ја завршија работата и го одржаа во живот ова мало човече. Најмногу од сè, Катја е мал борец која на сите ’ни легна’ на срце и посебно сме горди. И покрај сите тешки моменти во кариерата, еден ваков случај ви дава сила. Тоа е наша најголема инспирација и мотив да продолжиме“, рече д-р Слободан Лазаревски, шеф на центарот за ИВФ.
И покрај сите напори на докторите, Катја морала да се роди во 26-тата недела. „Бременоста беше многу мала, но надежта и борбата за живот голема. Најтешка беше одлуката за начинот на породување поради акушерската историја и капацитетот на матката. По разговорот со семејството одлучив дека, сепак, е најдобро раѓањето да биде вагинално. Заедно со подготвена екипа од неонатална интензивна нега, одличната соработка на Марина и моралната поддршка од нејзиниот сопруг, кој присуствуваше на породувањето, на свет безбедно дојде малата Катја. Во тој момент родилната сала освен со слабиот детски плач, беше исполнета и со солзи радосници, но и со голема неизвесност за судбината на Катја“, појасни д-р Гордана Петровска, гинеколог акушер во „Аџибадем Систина“.
Доктор Александар Сајковски, шеф на Одделот за неонатална интензивна нега, каде Катја ги помина првите сто дена од својот живот, истакна дека Клиничката болница „Аџибадем Систина“ е подготвена успешно да се справи со сите предизвици на предвремено родените бебиња. Дополни дека заедно со малиот херој Катја, кој целиот тим од болницата ја обожува „растеме и ние“…. „нејзиниот живот е наша инспирација, зошто постоиме и зошто се бориме“. /крај/мф/сд
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Годишен извештај на Народниот правобранител: Помалку претставки од граѓаните за работата на јавните обвинителства
Во извештајната 2023 година, во областа која се однесува на работата и постапувањето на обвинителствата во Република Северна Македонија поднесени се 63 претставки што е за 24 помалку во однос на 2022 година, се констатира во Годишниот извештај за степенот на обезбедувањето почитување, унапредување и заштита на човековите слободи и права во 2023 година што го објавува Народниот правобранител на Република Северна Македонија.
Согласно објавените податоци, бројот на претставки на граѓаните на годишно ниво се намалил за повеќе од 38%, што претставува резултат на заложбите на Јавното обвинителство за зголемување на ефикасноста на постапките и континуираните напори за подобрување на довербата на граѓаните во работата на јавните обвинителства.
Во најголем број од претставките граѓаните бараа интервенција во врска со постапки пред основните јавни обвинителства (51), потоа пред Основното јавно обвинителството за организиран криминал и корупција (4), постапка пред Јавното обвинителство на РСМ (3), пред вишите јавни обвинителства (2), друго (2) и една претставка се однесуваше за постапка пред Совет на јавни обвинители. Ваквиот сооднос е очекуван со оглед на обемот на предметна работа и фактот што токму јавните обвинителства со основна надлежност го прават првиот директен контакт на граѓаните со институцијата.
Доколку се има предвид вкупниот обем на работа на јавните обвинителства кои активно постапуваат по поднесени кривични пријави за над 40.000 сторители на кривични дела во текот на годината, поднесените 63 претставки до Народниот правобранител претставуваат околу 0,1% од таа бројка. Притоа, граѓаните во посочените предмети изразувале незадоволство поради непостапување по поднесена пријава на кривично дело, одолжување на постапката или поради незадоволство од донесена одлука. Од тие причини Народниот правобранител, меѓу останатите препораки во извештајот, во делот на Јавното обвинителство препорачува основните јавни обвинителства да ги доставуваат јавнообвинителските одлуки до странките и да им се овозможи правото да ги обжалат до повисоките јавни обвинителства, да постапуваат поажурно и навремено да преземаат дејствија, да го почитуваат рокот од 3 месеци доколку не донесат јавнообвинителска одлука да го известуваат повисокиот јавен обвинител и пријавителот, за да нема сомневање и страв дека гонењето ќе застари.
Сите овие забелешки Јавното обвинителство ги зема предвид, детално ги анализира и ќе продолжи да презема активности за дополнително зголемување на ефикасноста, на транспарентноста и на отчетноста за постапките што ги води. Ваквите заложби на Јавното обвинителство се веќе воспоставен начин на работа при што уште во извештајот за 2022 година омбудсманот констатираше дека за разлика од претходните години, сега јавните обвинителства, особено издвојувајќи ги Основното јавно обвинителство Скопје и Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, постапуваат по барањата на Народниот правобранител, даваат суштински и целосни одговори за бараните информации од постапките, се вели во соопштението од Јавното обвинителство.
Македонија
Денеска со зајдисонце за муслиманите започнува месецот Рамазан
Денеска со зајдисонце за муслиманите започнува месецот Рамазан, при што се поттикнуваат добри дела, молитви и читање Куран чие објавување започна токму во месецот Рамазан пред повеќе од 1.400 години.
Рамазан е деветтиот месец од муслиманскиот лунарен календар, благословен и свет месец во кој верниците од исламска вероисповед ширум светот постат во текот на дневните часови.
Целта е да се излезе од Рамазан подобар, поздрав, со простени гревови.
Првиот ден на постот е во понеделник на 11 март, а последниот на 9 април.
Рамазан е месец на прочистување на духот, умот и телото во кој муслиманите се откажуваат од храна, пијалок и други телесни задоволства, не прават неморални дела и избегнуваат гнев.
Добротворноста е многу важен дел од исламот и уште поважно е за време на Рамазан кога муслиманите се потсетуваат на великодушноста и ги зголемуваат своите добротворни активности.
Секоја година, Рамазан започнува 10 до 12 дена порано бидејќи исламскиот календар е всушност лунарен хиџри календар каде месеците имаат 29 или 30 дена.
Бидејќи лунарната година е пократка од сончевата година за 11 дена, во 2030 година ќе има два Рамазани – првиот ќе започне на 5 јануари, а вториот на 26 декември.
Постот завршува со Бајрам.
Македонија
Народната банка со поддршка за борбата против семејното насилство
Вработените во Народната банка организираа хуманитарна акција, преку која изразија поддршка за борбата против семејното насилство. Донацијата на вработените за „Кризниот центар за згрижување на жени жртви на семејно насилство-Надеж“, кој 20 години нуди поддршка и помош на жените кои поминуваат низ тешки животни искуства, ја врачија гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, вицегувернерката Ана Митреска и претставници на Синдикатот на вработените во Народната банка.
При посетата на Кризниот центар, тимот на Народната банка се запозна со предизвиците со кои се соочува здружението и активностите кои ги преземаат за помош и поддршка на жените жртви на насилство. На средбата беше истакната потребата од понатамошно јакнење на свеста на сите општествени чинители за предизвиците со кои се соочуваат овие жени и долгиот процес и улогата на општеството во нивната рехабилитација.
„Потребата од натамошно подобрување на состојбите треба да е и причина да размислиме што и каде може да се унапреди за да се направат промени. Треба да посветиме должно внимание и да упатиме гласни пораки дека со економско зајакнување, жените жртви на семејно насилство многу полесно ќе го прекинат кругот на насилство и помалку ќе бидат жртви. Потребна е многу поголема сензибилност во однос на пристапот до работа на оваа ранлива категорија на жени. Тоа подразбира креирање мерки за нивно вработување, врз основа на реалните потреби на жените, или нивна стручна преквалификација, доквалификација што ќе придонесе за нивно интегрирање и задржување на пазарот на трудот“, истакна гувернерката Ангеловска-Бежоска, при посетата на Здружението „Кризен центар за згрижување на жени жртви на семејно насилство-Надеж“.