Општество
Катастар ќе работи продолжено за трансформација на правото на сопственост
Шалтерите во Центарот на катастар на недвижности – Скопје ќе работат со продолжено работно време до 19 часот, од понеделник до среда 15.6.2016 година, затоа што се зголемил бројот на барањата за трансформација на корисничкото право во право на сопственост.
Од Катастар ги повикаа сите граѓани кои се корисници на градежно неизградено земјиште кои не поднеле барање за приватизација до Управата за имотно-правни работи заклучно до 15.12.2014 година, да ја искористат оваа можност и да поднесат барање до Агенцијата за катастар на недвижности заклучно до 15.6.2016 година.
Постапката за поднесување барања е многу едноставна, па така покрај Пријавата која ја има на самите шалтери, граѓаните ќе треба да приложат и:
– доказ за идентификација за подносителот на пријавата (фотокопија од лична карта или патна исправа);
– правната основа, односно актот врз основа на кој е стекнато правото на користење на катастарската парцела (закон, пресуда, договор, решение, одлука од надлежен државен орган, поседовен лист и др.);
– доказ од органот надлежен за утврдување правен статус на бесправно изградени објекти дека не е поднесено барање за утврдување правен статус на објектот на катастарската парцела која е градежно неизградено земјиште, а за кое се однесува пријавата;
– доказ за платен надоместок за имотниот лист од катастарската парцела, за уверението за историски преглед на извршените запишувања во катастарот на недвижности и за запишувањето во катастарот на недвижностите; и
– Агенцијата за катастар на недвижности по службена должност ќе обезбеди доказ од Управата за имотно-правни работи дали за градежното неизградено земјиште за кое е поднесена пријавата во Kатастарот веќе е поднесено барање за приватизација на градежно земјиште до Управата за имотно-правни работи.
Со оглед дека во овие 9 месеци најголем проблем за граѓаните беше обезбедување доказ од општините дека не се води постапка за легализација на објектот на катастарската парцела која е градежно неизградено земјиште, а за кое се однесува пријавата, ги информираме граѓаните дека овој доказ ќе можат и дополнително да го достават.
Со оваа новина се дава последна шанса на лицата кои не поднеле барање за приватизација, а се корисници на градежно неизградено земјиште, тоа да го направат до 15.6.2016 година и во една поедноставена постапка правото на користење да го трансформираат во право на сопственост.
Рокот за поднесување барање до Агенцијата за катастар на недвижности за трансформација на корисничкото право на градежното неизградено земјиште во право на сопственост по сила на закон, истекува на 15 јуни 2016 година.
Имено, со измените и дополнувањата на Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост од септември 2015 година, се воведе посебна постапка со која се овозможи на поранешните сопственици на градежно неизградено земјиште кои не поднеле барање за приватизација до истекот на крајниот рок за поднесување барања, односно до 15.12.2014 година, да можат да поднесат до Агенцијата за катастар на недвижности пријава за промена на правото на користење на градежното неизградено земјиште во право на сопственост по сила на закон заклучно со 15.6.2016 година.
Започнувајќи од септември 2015 година до денес, 1.447 граѓани ја искористија оваа можност и корисничкото право го трансформираа во право на сопственост во брза и ефикасна постапка./крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Годишен извештај на Народниот правобранител: Помалку претставки од граѓаните за работата на јавните обвинителства
Во извештајната 2023 година, во областа која се однесува на работата и постапувањето на обвинителствата во Република Северна Македонија поднесени се 63 претставки што е за 24 помалку во однос на 2022 година, се констатира во Годишниот извештај за степенот на обезбедувањето почитување, унапредување и заштита на човековите слободи и права во 2023 година што го објавува Народниот правобранител на Република Северна Македонија.
Согласно објавените податоци, бројот на претставки на граѓаните на годишно ниво се намалил за повеќе од 38%, што претставува резултат на заложбите на Јавното обвинителство за зголемување на ефикасноста на постапките и континуираните напори за подобрување на довербата на граѓаните во работата на јавните обвинителства.
Во најголем број од претставките граѓаните бараа интервенција во врска со постапки пред основните јавни обвинителства (51), потоа пред Основното јавно обвинителството за организиран криминал и корупција (4), постапка пред Јавното обвинителство на РСМ (3), пред вишите јавни обвинителства (2), друго (2) и една претставка се однесуваше за постапка пред Совет на јавни обвинители. Ваквиот сооднос е очекуван со оглед на обемот на предметна работа и фактот што токму јавните обвинителства со основна надлежност го прават првиот директен контакт на граѓаните со институцијата.
Доколку се има предвид вкупниот обем на работа на јавните обвинителства кои активно постапуваат по поднесени кривични пријави за над 40.000 сторители на кривични дела во текот на годината, поднесените 63 претставки до Народниот правобранител претставуваат околу 0,1% од таа бројка. Притоа, граѓаните во посочените предмети изразувале незадоволство поради непостапување по поднесена пријава на кривично дело, одолжување на постапката или поради незадоволство од донесена одлука. Од тие причини Народниот правобранител, меѓу останатите препораки во извештајот, во делот на Јавното обвинителство препорачува основните јавни обвинителства да ги доставуваат јавнообвинителските одлуки до странките и да им се овозможи правото да ги обжалат до повисоките јавни обвинителства, да постапуваат поажурно и навремено да преземаат дејствија, да го почитуваат рокот од 3 месеци доколку не донесат јавнообвинителска одлука да го известуваат повисокиот јавен обвинител и пријавителот, за да нема сомневање и страв дека гонењето ќе застари.
Сите овие забелешки Јавното обвинителство ги зема предвид, детално ги анализира и ќе продолжи да презема активности за дополнително зголемување на ефикасноста, на транспарентноста и на отчетноста за постапките што ги води. Ваквите заложби на Јавното обвинителство се веќе воспоставен начин на работа при што уште во извештајот за 2022 година омбудсманот констатираше дека за разлика од претходните години, сега јавните обвинителства, особено издвојувајќи ги Основното јавно обвинителство Скопје и Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, постапуваат по барањата на Народниот правобранител, даваат суштински и целосни одговори за бараните информации од постапките, се вели во соопштението од Јавното обвинителство.
Македонија
Денеска со зајдисонце за муслиманите започнува месецот Рамазан
Денеска со зајдисонце за муслиманите започнува месецот Рамазан, при што се поттикнуваат добри дела, молитви и читање Куран чие објавување започна токму во месецот Рамазан пред повеќе од 1.400 години.
Рамазан е деветтиот месец од муслиманскиот лунарен календар, благословен и свет месец во кој верниците од исламска вероисповед ширум светот постат во текот на дневните часови.
Целта е да се излезе од Рамазан подобар, поздрав, со простени гревови.
Првиот ден на постот е во понеделник на 11 март, а последниот на 9 април.
Рамазан е месец на прочистување на духот, умот и телото во кој муслиманите се откажуваат од храна, пијалок и други телесни задоволства, не прават неморални дела и избегнуваат гнев.
Добротворноста е многу важен дел од исламот и уште поважно е за време на Рамазан кога муслиманите се потсетуваат на великодушноста и ги зголемуваат своите добротворни активности.
Секоја година, Рамазан започнува 10 до 12 дена порано бидејќи исламскиот календар е всушност лунарен хиџри календар каде месеците имаат 29 или 30 дена.
Бидејќи лунарната година е пократка од сончевата година за 11 дена, во 2030 година ќе има два Рамазани – првиот ќе започне на 5 јануари, а вториот на 26 декември.
Постот завршува со Бајрам.
Македонија
Народната банка со поддршка за борбата против семејното насилство
Вработените во Народната банка организираа хуманитарна акција, преку која изразија поддршка за борбата против семејното насилство. Донацијата на вработените за „Кризниот центар за згрижување на жени жртви на семејно насилство-Надеж“, кој 20 години нуди поддршка и помош на жените кои поминуваат низ тешки животни искуства, ја врачија гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, вицегувернерката Ана Митреска и претставници на Синдикатот на вработените во Народната банка.
При посетата на Кризниот центар, тимот на Народната банка се запозна со предизвиците со кои се соочува здружението и активностите кои ги преземаат за помош и поддршка на жените жртви на насилство. На средбата беше истакната потребата од понатамошно јакнење на свеста на сите општествени чинители за предизвиците со кои се соочуваат овие жени и долгиот процес и улогата на општеството во нивната рехабилитација.
„Потребата од натамошно подобрување на состојбите треба да е и причина да размислиме што и каде може да се унапреди за да се направат промени. Треба да посветиме должно внимание и да упатиме гласни пораки дека со економско зајакнување, жените жртви на семејно насилство многу полесно ќе го прекинат кругот на насилство и помалку ќе бидат жртви. Потребна е многу поголема сензибилност во однос на пристапот до работа на оваа ранлива категорија на жени. Тоа подразбира креирање мерки за нивно вработување, врз основа на реалните потреби на жените, или нивна стручна преквалификација, доквалификација што ќе придонесе за нивно интегрирање и задржување на пазарот на трудот“, истакна гувернерката Ангеловска-Бежоска, при посетата на Здружението „Кризен центар за згрижување на жени жртви на семејно насилство-Надеж“.