Општество
Македонија го празнува Свети Климент Охридски
Македонија во вторник го празнува Денот на св. Климент Охридски – 8 Декември, со кој се одбележува делото на првиот оригинален словенски писател и просветител, првиот словенски епископ и творец на Охридската книжевна школа.
Заедно со Наум Охридски, тој е најистакнат ученик на творците на словенската писменост, светите браќа Кирил и Методиј, и најверен продолжувач на нивното дело. Ги придружувал дваесетина години во просветителската мисија за одбрана на словенскиот јазик во Велика Моравија.
Не се знае кога и каде е точно роден Климент, нема податоци за семејството и потеклото, освен дека бил закопан на 27 јули 916 година во манастирот на Плаошник во Охрид, што тој сам го изградил и го посветил на св. Пантелејмон. Кога манастирот бил претворен во џамија, моштите му биле пренесени во црквата Св. Богородица Перивлепта, која оттогаш е нарекувана со неговото име. Моштите му се повторно вратени во август 2002 година по обновата и осветувањето на неговиот манастир. Се претпоставува дека починал на 70-80 години и дека е роден околу 30-40 години на 9 век.
Од биографијата на Климент се дознава дека тој заедно со уште двајца ученици бил ракоположен за свештеник во Рим. Се претпоставува дека монашкото име Климент го добил во чест на откривањето на моштите на папата Климент, кој умрел во прогонство на Крим. Моштите ги нашол Кирил за време на исполнувањето на мисијата кај Хазарите (859-861) во која веројатно учествувал и Климент. Тие ги пренеле во Рим каде што биле опеани и свечено закопани. Покрај Климент и Наум, ученици на солунските браќа биле и Горазд, Ангелариј и Сава. Петтемина ученици заедно со своите учители Кирил и Методиј кај народот се познати како седмочисленици.
По смртта на Кирил (869), а подоцна и на Методиј (885), учениците се судираат со германско-латинското свештенство и се прогонети од Моравија. Климент, Наум и Ангелариј дошле во Бугарија каде што Ангелариј починал. Наум учителствувал во близина на столицата на бугарскиот кнез Борис, а Климент бил испратен за учител во областа Кутмичевица. Името не е познато во денешната топонимија на Балканот, но со оглед што Охрид се спомнува како населено место во таа област, се работи за денешното тромеѓе на Македонија, Грција и Албанија. Таму, според житието на Теофилакт, Климент имал 3.500 ученици, кои ги оспособувал за црковна богослужба. Тоа е импозантен број за просветителска акција на преминот од 9 кон 10 век. Таа активност е наречена Охридска книжевна школа или прв словенски универзитет. Просветителско-црковната активност на Климент таму траела цели седум години.
По смртта на кнезот Борис и доаѓањето на првиот бугарски цар Симеон, на учителското место во Кутмичевица бил испратен Наум, а Климент бил назначен за епископ во Дрембица и Велика, за кои се уште се претпоставува каде точно се наоѓале. Климент бил прв меѓу Словените што добил епископски чин. Го описменувал сиромашното, грубо и запуштено население и го подучувал да живее подобро, ги учел луѓето да садат дрвца и ги лекувал. Како епископ велички често доаѓал во својот манастир во Охрид и неуморно и бил посветен на просветителската дејност. Климент до смртта работел на преводот на „Цветниот триод“ од грчки на словенски јазик.
Се смета дека е автор на опширните житија на Кирил и Методиј познати како „Панонски легенди“, најзначајниот извор за проучување на животот на солунските браќа. Покрај преводи на црковна литература, напишал и пофални слова за христијански светители. Пред да умре, својот имот – книжевните дела, ги поделил и завештал на епископијата и на својот манастир. Теофилакт спомнува чудесна и исцелителска моќ на св. Климент по смртта. Свети Климент Охридски е заштитник на Охрид и, според преданијата, тој го спасувал градот и неговите жители секогаш кога биле во неволја. Се претпоставува дека Охрид е и родно место на Климент и оти поради тоа го избрал за работа до крајот на животот. Не е утврдено ниту дали Климент и Наум се родени или браќа по конфесија.
Денес многу цркви, институции, училишта и здруженија го носат неговото име, а меѓу нив најрепрезентативни се Националната и универзитетска библиотека и Соборниот храм во Скопје, Универзитетот во Битола. Неговото име го носи и универзитетот во Софија. Во чест на св. Климент Охридски се доделува и државната награда за особени остварувања во воспитанието, образованието, културата, науката и здравството. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Годишен извештај на Народниот правобранител: Помалку претставки од граѓаните за работата на јавните обвинителства
Во извештајната 2023 година, во областа која се однесува на работата и постапувањето на обвинителствата во Република Северна Македонија поднесени се 63 претставки што е за 24 помалку во однос на 2022 година, се констатира во Годишниот извештај за степенот на обезбедувањето почитување, унапредување и заштита на човековите слободи и права во 2023 година што го објавува Народниот правобранител на Република Северна Македонија.
Согласно објавените податоци, бројот на претставки на граѓаните на годишно ниво се намалил за повеќе од 38%, што претставува резултат на заложбите на Јавното обвинителство за зголемување на ефикасноста на постапките и континуираните напори за подобрување на довербата на граѓаните во работата на јавните обвинителства.
Во најголем број од претставките граѓаните бараа интервенција во врска со постапки пред основните јавни обвинителства (51), потоа пред Основното јавно обвинителството за организиран криминал и корупција (4), постапка пред Јавното обвинителство на РСМ (3), пред вишите јавни обвинителства (2), друго (2) и една претставка се однесуваше за постапка пред Совет на јавни обвинители. Ваквиот сооднос е очекуван со оглед на обемот на предметна работа и фактот што токму јавните обвинителства со основна надлежност го прават првиот директен контакт на граѓаните со институцијата.
Доколку се има предвид вкупниот обем на работа на јавните обвинителства кои активно постапуваат по поднесени кривични пријави за над 40.000 сторители на кривични дела во текот на годината, поднесените 63 претставки до Народниот правобранител претставуваат околу 0,1% од таа бројка. Притоа, граѓаните во посочените предмети изразувале незадоволство поради непостапување по поднесена пријава на кривично дело, одолжување на постапката или поради незадоволство од донесена одлука. Од тие причини Народниот правобранител, меѓу останатите препораки во извештајот, во делот на Јавното обвинителство препорачува основните јавни обвинителства да ги доставуваат јавнообвинителските одлуки до странките и да им се овозможи правото да ги обжалат до повисоките јавни обвинителства, да постапуваат поажурно и навремено да преземаат дејствија, да го почитуваат рокот од 3 месеци доколку не донесат јавнообвинителска одлука да го известуваат повисокиот јавен обвинител и пријавителот, за да нема сомневање и страв дека гонењето ќе застари.
Сите овие забелешки Јавното обвинителство ги зема предвид, детално ги анализира и ќе продолжи да презема активности за дополнително зголемување на ефикасноста, на транспарентноста и на отчетноста за постапките што ги води. Ваквите заложби на Јавното обвинителство се веќе воспоставен начин на работа при што уште во извештајот за 2022 година омбудсманот констатираше дека за разлика од претходните години, сега јавните обвинителства, особено издвојувајќи ги Основното јавно обвинителство Скопје и Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, постапуваат по барањата на Народниот правобранител, даваат суштински и целосни одговори за бараните информации од постапките, се вели во соопштението од Јавното обвинителство.
Македонија
Денеска со зајдисонце за муслиманите започнува месецот Рамазан
Денеска со зајдисонце за муслиманите започнува месецот Рамазан, при што се поттикнуваат добри дела, молитви и читање Куран чие објавување започна токму во месецот Рамазан пред повеќе од 1.400 години.
Рамазан е деветтиот месец од муслиманскиот лунарен календар, благословен и свет месец во кој верниците од исламска вероисповед ширум светот постат во текот на дневните часови.
Целта е да се излезе од Рамазан подобар, поздрав, со простени гревови.
Првиот ден на постот е во понеделник на 11 март, а последниот на 9 април.
Рамазан е месец на прочистување на духот, умот и телото во кој муслиманите се откажуваат од храна, пијалок и други телесни задоволства, не прават неморални дела и избегнуваат гнев.
Добротворноста е многу важен дел од исламот и уште поважно е за време на Рамазан кога муслиманите се потсетуваат на великодушноста и ги зголемуваат своите добротворни активности.
Секоја година, Рамазан започнува 10 до 12 дена порано бидејќи исламскиот календар е всушност лунарен хиџри календар каде месеците имаат 29 или 30 дена.
Бидејќи лунарната година е пократка од сончевата година за 11 дена, во 2030 година ќе има два Рамазани – првиот ќе започне на 5 јануари, а вториот на 26 декември.
Постот завршува со Бајрам.
Македонија
Народната банка со поддршка за борбата против семејното насилство
Вработените во Народната банка организираа хуманитарна акција, преку која изразија поддршка за борбата против семејното насилство. Донацијата на вработените за „Кризниот центар за згрижување на жени жртви на семејно насилство-Надеж“, кој 20 години нуди поддршка и помош на жените кои поминуваат низ тешки животни искуства, ја врачија гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, вицегувернерката Ана Митреска и претставници на Синдикатот на вработените во Народната банка.
При посетата на Кризниот центар, тимот на Народната банка се запозна со предизвиците со кои се соочува здружението и активностите кои ги преземаат за помош и поддршка на жените жртви на насилство. На средбата беше истакната потребата од понатамошно јакнење на свеста на сите општествени чинители за предизвиците со кои се соочуваат овие жени и долгиот процес и улогата на општеството во нивната рехабилитација.
„Потребата од натамошно подобрување на состојбите треба да е и причина да размислиме што и каде може да се унапреди за да се направат промени. Треба да посветиме должно внимание и да упатиме гласни пораки дека со економско зајакнување, жените жртви на семејно насилство многу полесно ќе го прекинат кругот на насилство и помалку ќе бидат жртви. Потребна е многу поголема сензибилност во однос на пристапот до работа на оваа ранлива категорија на жени. Тоа подразбира креирање мерки за нивно вработување, врз основа на реалните потреби на жените, или нивна стручна преквалификација, доквалификација што ќе придонесе за нивно интегрирање и задржување на пазарот на трудот“, истакна гувернерката Ангеловска-Бежоска, при посетата на Здружението „Кризен центар за згрижување на жени жртви на семејно насилство-Надеж“.