Општество
Министерот Адеми присуствуваше на собир во организација на Институтот Alb-shkenca
Министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми, присуствуваше на десеттиот меѓународен научен собир, организиран од Институтот Alb-shkenca, на кој своите идеи и научни достигнувања меѓусебно ги споделуваат албанските научници од земјата и регионот, со нивните колеги кои научната мисла ја шират низ целиот свет.
Адеми истакна дека за големината на самиот настан говори присуството на 300 научници, од кои 50 се од Македонија.
„Ваквите собири се одлична можност научниците да дебатираат за одредени теми, да разменуваат искуства, да дојдат до нови сознанија, благодарение на кои целиот свет ќе оди напред. Со интензивната меѓусебна комуникација на албанските научници од нашата држава со колегите од различни земји од светот, се раѓаат нови партнерства што се предуслов за аплицирање и во разни интернационални проекти“, рече Адеми.
Потенцираше дека Министерството за образование и наука ја поддржува научно – истражувачката дејност инвестирајќи во развојот на научната мисла преку доделување на финансиска средства на авторите на научни трудови. И тоа преку така наречени „научни субвенции“ и „творечки субвенции“ во висина од 30.000 денари кои се доделуваат за трудови на автори од Република Македонија, објавени во меѓународни списанија со фактор на влијание.
„На високообразовните установи и на научните институти инсталирани се лаборатории опремени со најсофистицирана опрема, во кои научниците можат да истражуваат и да дојдат до нови откритија. Исто така, Република Македонија од 1 јули 2014 година е потписник на Договор за учество во Програмата на Унијата „Хоризонт 2020“ – Рамковна програма за истражување и иновации (2014-2020), со што се отвора уште една огромна можност за развој на научно истражувачката дејност во нашата држава. Министерството за образование и наука води и Регистар за запишување на субјекти кои вршат научно- истражувачка дејност“, рече Адеми. Додаде дека министерството е подготвено да биде во функција на албанскиот кадар кој е ангажиран на универзитетите низ светот, со цел да можат да предаваат и на нашите универзитети.
„Своите искуства да ги донесат кај нас, односно да станат мост меѓу универзитетите, за кое ангажирање ние ќе обезбедиме финансиска поддршка за сите кои ќе доаѓаат да предаваат во нашите универзитети, без притоа да ги ризикуваат работните места каде што се ангажирани“, истакна Адеми.
Во обраќањето министерот се осврна и на дел од можностите кои Владата на Република Македонија им ги нуди на студентите и наставниците.
„Особено ја издвојувам финансиската поддршка или доделување на стипендии за студентите кои ќе успеат да се запишат на некој од стоте најдобри универзитети во светот. Значи, за сите студенти кои ќе се запишат на овие универзитети на сите циклуси на студии Министерството за образование и наука обезбедува стипендии според реалните трошоци, каде што се вклучуваат трошоците за упис и пријавување на испити, месечните трошоци за сместување и авионски билет двапати годишно од државата каде што студираат и обратно. Единствен услов на студентот или кандидатот е да се запишат на било кој од најдобро рангираните универзитети. А добитници на стипендијата можат да станат и наставниците од основните и средните училишта кои ќе успеат да се запишат на некој од 200-те најдобри универзитети во светот“, истакна Адеми. /крај/мф/бб
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Годишен извештај на Народниот правобранител: Помалку претставки од граѓаните за работата на јавните обвинителства
Во извештајната 2023 година, во областа која се однесува на работата и постапувањето на обвинителствата во Република Северна Македонија поднесени се 63 претставки што е за 24 помалку во однос на 2022 година, се констатира во Годишниот извештај за степенот на обезбедувањето почитување, унапредување и заштита на човековите слободи и права во 2023 година што го објавува Народниот правобранител на Република Северна Македонија.
Согласно објавените податоци, бројот на претставки на граѓаните на годишно ниво се намалил за повеќе од 38%, што претставува резултат на заложбите на Јавното обвинителство за зголемување на ефикасноста на постапките и континуираните напори за подобрување на довербата на граѓаните во работата на јавните обвинителства.
Во најголем број од претставките граѓаните бараа интервенција во врска со постапки пред основните јавни обвинителства (51), потоа пред Основното јавно обвинителството за организиран криминал и корупција (4), постапка пред Јавното обвинителство на РСМ (3), пред вишите јавни обвинителства (2), друго (2) и една претставка се однесуваше за постапка пред Совет на јавни обвинители. Ваквиот сооднос е очекуван со оглед на обемот на предметна работа и фактот што токму јавните обвинителства со основна надлежност го прават првиот директен контакт на граѓаните со институцијата.
Доколку се има предвид вкупниот обем на работа на јавните обвинителства кои активно постапуваат по поднесени кривични пријави за над 40.000 сторители на кривични дела во текот на годината, поднесените 63 претставки до Народниот правобранител претставуваат околу 0,1% од таа бројка. Притоа, граѓаните во посочените предмети изразувале незадоволство поради непостапување по поднесена пријава на кривично дело, одолжување на постапката или поради незадоволство од донесена одлука. Од тие причини Народниот правобранител, меѓу останатите препораки во извештајот, во делот на Јавното обвинителство препорачува основните јавни обвинителства да ги доставуваат јавнообвинителските одлуки до странките и да им се овозможи правото да ги обжалат до повисоките јавни обвинителства, да постапуваат поажурно и навремено да преземаат дејствија, да го почитуваат рокот од 3 месеци доколку не донесат јавнообвинителска одлука да го известуваат повисокиот јавен обвинител и пријавителот, за да нема сомневање и страв дека гонењето ќе застари.
Сите овие забелешки Јавното обвинителство ги зема предвид, детално ги анализира и ќе продолжи да презема активности за дополнително зголемување на ефикасноста, на транспарентноста и на отчетноста за постапките што ги води. Ваквите заложби на Јавното обвинителство се веќе воспоставен начин на работа при што уште во извештајот за 2022 година омбудсманот констатираше дека за разлика од претходните години, сега јавните обвинителства, особено издвојувајќи ги Основното јавно обвинителство Скопје и Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, постапуваат по барањата на Народниот правобранител, даваат суштински и целосни одговори за бараните информации од постапките, се вели во соопштението од Јавното обвинителство.
Македонија
Денеска со зајдисонце за муслиманите започнува месецот Рамазан
Денеска со зајдисонце за муслиманите започнува месецот Рамазан, при што се поттикнуваат добри дела, молитви и читање Куран чие објавување започна токму во месецот Рамазан пред повеќе од 1.400 години.
Рамазан е деветтиот месец од муслиманскиот лунарен календар, благословен и свет месец во кој верниците од исламска вероисповед ширум светот постат во текот на дневните часови.
Целта е да се излезе од Рамазан подобар, поздрав, со простени гревови.
Првиот ден на постот е во понеделник на 11 март, а последниот на 9 април.
Рамазан е месец на прочистување на духот, умот и телото во кој муслиманите се откажуваат од храна, пијалок и други телесни задоволства, не прават неморални дела и избегнуваат гнев.
Добротворноста е многу важен дел од исламот и уште поважно е за време на Рамазан кога муслиманите се потсетуваат на великодушноста и ги зголемуваат своите добротворни активности.
Секоја година, Рамазан започнува 10 до 12 дена порано бидејќи исламскиот календар е всушност лунарен хиџри календар каде месеците имаат 29 или 30 дена.
Бидејќи лунарната година е пократка од сончевата година за 11 дена, во 2030 година ќе има два Рамазани – првиот ќе започне на 5 јануари, а вториот на 26 декември.
Постот завршува со Бајрам.
Македонија
Народната банка со поддршка за борбата против семејното насилство
Вработените во Народната банка организираа хуманитарна акција, преку која изразија поддршка за борбата против семејното насилство. Донацијата на вработените за „Кризниот центар за згрижување на жени жртви на семејно насилство-Надеж“, кој 20 години нуди поддршка и помош на жените кои поминуваат низ тешки животни искуства, ја врачија гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, вицегувернерката Ана Митреска и претставници на Синдикатот на вработените во Народната банка.
При посетата на Кризниот центар, тимот на Народната банка се запозна со предизвиците со кои се соочува здружението и активностите кои ги преземаат за помош и поддршка на жените жртви на насилство. На средбата беше истакната потребата од понатамошно јакнење на свеста на сите општествени чинители за предизвиците со кои се соочуваат овие жени и долгиот процес и улогата на општеството во нивната рехабилитација.
„Потребата од натамошно подобрување на состојбите треба да е и причина да размислиме што и каде може да се унапреди за да се направат промени. Треба да посветиме должно внимание и да упатиме гласни пораки дека со економско зајакнување, жените жртви на семејно насилство многу полесно ќе го прекинат кругот на насилство и помалку ќе бидат жртви. Потребна е многу поголема сензибилност во однос на пристапот до работа на оваа ранлива категорија на жени. Тоа подразбира креирање мерки за нивно вработување, врз основа на реалните потреби на жените, или нивна стручна преквалификација, доквалификација што ќе придонесе за нивно интегрирање и задржување на пазарот на трудот“, истакна гувернерката Ангеловска-Бежоска, при посетата на Здружението „Кризен центар за згрижување на жени жртви на семејно насилство-Надеж“.